1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Колку долго можете да стоите на една нога?

АРД
14 декември 2024

Тој што може долго да стои на една нога, живее подолго. Фламинго тестот се смета за добро мерило за процесот на стареење. Но, колку време е потребно да се издржи на една нога? Зависи од тоа колку години имаш.

https://p.dw.com/p/4n3UW
Стоење
Фламинго тестот се смета за добро мерило за процесот на стареење. Фотографија: IMAGO/Westend61

Таканаречениот фламинго тест го мери времето колку некој човек може да издржи да стои на една нога, со цел брзо и јасно да се процени процесот на стареење. Во една студија, објавена во списанието PLOS ONE научниците истражуваа до кој степен чекорењето, силата или рамнотежата може да послужат како брзи показатели за стареење, без да користат сложени инструменти. Во истражувањето учествувале 40 здрави луѓе - 20 под 65 години и 20 над 65 години - кои поминале низ низа тестови. 

Силата и рамнотежата како индикатори за возраста 

Најпрво се мерени силата на дланките и колената, како и начинот на одење, односно начинот на кој човек чекори.
Чекорењето се покажа како најмалку корисен индикатор. Спротивно на тоа, мерењата на силата на рацете и колената покажаа дека овие способности се намалуваат со возраста. Поточно, силата на стисокот на раката опаѓа во просек за околу 4 проценти на секои десет години, додека јачината на коленото се намалува за само 1,4 проценти на деценија.

Разликата, сепак, е најзабележлива кај стоењето на една нога. Способноста да се задржи рамнотежата на недоминантната нога се намалува за повеќе од две секунди на секои десет години.

Истражувачите наведуваат дека тестот за стоење на една нога е многу добар показател за кревкост, независност и ризик од падови и е важна дијагностичка алатка, особено кај постарите лица. Бидејќи овој тест бара сензорни способности, невромускулна контрола и соодветна мускулна сила.

Колку долго треба да стоите на едната нога? 

Други студии покажаа дека луѓето на возраст меѓу 50 и 60 години кои не можат да стојат најмалку десет секунди на едната нога имаат речиси двојно поголем ризик од смрт во следните десет години.

Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) објави во 2023 година колку здравите луѓе, во зависност од нивната возраст, би можеле да стојат на едната нога: 
• од 18 до 39 години: 43 секунди
• од 40 до 49 години: 40 секунди
• од 50 до 59 години: 37 секунди
• од 60 до 69 години: 30 секунди
• од 70 до 79 години: 18 до 19 секунди
• постари од 80 години: околу 5 секунди.

Тренингот за сила и рамнотежа ги намалува ризиците

На оние кои сакаат да ја подобрат својата способност за Фламинго - тестот им се препорачува да ја започнат вежбата со балансирање на едната нога додека се држат за стол или се потпираат на ѕид за стабилност. Постепено може да се премине на самостојно балансирање.

Според препораките на Медицинскиот факултет Харвард, пешачењето, возењето велосипед и качувањето по скали се корисни и за зајакнување на мускулите на долниот дел од телото, доколку тоа е физички изводливо.  

Зошто добиваме вртоглавица?