1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде следниот претседател на Иран?

Шабнам фон Хајн
5 јули 2024

Предвремените претседателски избори во Иран ќе се одлучат денеска (5 јули). Масуд Пезешкијан и Саид Џалили се двајцата кандидати кои при сите разлики се всушност многу слични.

https://p.dw.com/p/4hs0r
Масуд Пезешкијан и Саид Џалили Иран
Масуд Пезешкијан и Саид Џалили - двајцата кандидати за претседател на ИранФотографија: irna

Денеска (5 јули) се одлучува кој ќе биде следниот претседател на Иран. Во првиот круг ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, па во вториот круг се одлучува меѓу двајцата кандидати кои имаа најмногу гласови - Масуд Пезешкијан, кој освои 42,5 проценти и Саид Џалили со 38,7 проценти во првиот круг. Кардиохирургот Пезешкијан важи за единствениот умерен кандидат меѓу шесте строго конзервативни одобрени од Советот на чуварите.

Пезешкијан уште во 2021 година се обиде да стане претседателски кандидат, но тогаш беше одбиен. Тоа што овој пат му беше одобрена кандидатурата од Советот на чуварите се толкува како стратегија за мобилизација на разочараните гласачи, што се покажа безуспешно, бидејќи според официјалните податоци излезноста изнесувала само 40 проценти, што е најниска вредност од исламската револуција во 1979 година до сега. „Не е многу веројатно дека претстојниот петок излезноста ќе биде многу повисока", вели Хамидреза Азизи, политиколог од Берлинската фондација за наука и политика во разговор со ДВ. Експертот за Иран вели дека „ниту на Пезешкијан му успеа да ги мобилизира реформски ориентираните гласачи, ниту пак хардлајнерите можеа да мобилизираат многу гласачи. Тие се толку поделени што не можат да се договорат за еден кандидат."

Само 21 процент за хардлајнерите

Од вкупно  61 милиони гласачи  со право на глас едвај нешто повеќе од 13 милиони гласаа за тројцата кандидати хардлајнери, Саид Џалили, Мохамед Багер Галибаф и исламското свештено лице Мостафа Пурмохамади. Прашањето е дали конзервативниот блок ќе може да ги мобилизира своите приврзаници во петок да гласаат за преостанатиот кандидат Џалили. Двајцата отпаднати кандидати веќе ги повикаа своите гласачи во вториот круг да го сторат тоа. Џалили во Иран важи за кандидат на ултра-конзервативниот блок и во времето на Махмуд Ахмадинеџад беше вице-министер за надворешни работи за Европа и Јужна Америка и одговорен за пропаѓањето на  атомските преговори  во тоа време. Атомскиот договор беше склучен дури во времето на неговиот наследник и подоцна откажан од Доналд Трамп. До денес Џалили е против било каква нормализација на односите со Западот и инсистира на проширување на стратешката соработка со Русија. Џалили веќе долго време се стреми да стане претседател. Но, тој никогаш не беше фаворите на хардлајнерите и на изборите во 2013 година беше на трето место со само 11 проценти од гласовите. Во 2021 ја повлече кандидатурата во корист на Ебрахим Раиси, кој победи како единствен кандидат на хардлајнерите.  Смртта на Раиси при пад на хеликоптер на 19 мај услови  предвремени избори.

„Нема сите гласачи на Галибаф да гласаат за Џалили. Неговата ултра-конзервативна позиција може да доведе до тоа дури и дел од традиционалните приврзаници на Исламската република да гласаат за Пезешкијан", вели експертот Азизи.

Верноста на Пезешкијан кон Хамнеи

За време на предизборната кампања Пезешкијан ја нагласуваше својата верност спрема духовниот водач на Иран каде што прв човек на државата не е претседателот, туку верскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Тој во 2021 година ја критикуваше дисквалификацијата на Пезешкијан од страна на Советот на чуварите, за што пак овој се покажа благодарен во предизборната кампања и нагласуваше дека нема да дозволи навреди на верскиот лидер. Истовремено тој се обидува да ги придобие разочараните приврзаници на реформистите и се залага за нова доверба меѓу можна умерена влада и населението. Пезешкијан од 2008 година е пратеник во иранскиот парламент и припаѓа на групата на умерените. Во времето на претседателот Мохамед Хатами (1997 до 2005) денес 69-годишниот беше министер за здравство.

„Ако тргнеме од тоа дека официјалните бројки се точни и дека не се напумпани, гледаме дека 60 проценти од Иранците со право на глас не гласале. Не верувам дека тие, а особено жените меѓу нив, во петок ќе одат на гласање", вели фоторепортерката Алија Моталебзадех од Техеран во разговор со ДВ. Таа изминатите години беше повеќе пати апсена и во затвор поради работата и нејзиниот ангажман за женски права – последно од октомври 2022 до февруари 2023 година. Таа е потпретседателка на „Иранското здружение за одбрана на слободата на медиумите".

Иран избори 2024
Жените во Иран се во подредена положба Фотографија: Atta Kenare/AFP

Моталебзадех нагласува дека „за време на предизборната кампања сите кандидати, кои се дел од естаблишментот и имаа функции на важни позиции, го премолчуваа или негираа систематското  угнетување на жените. Постојано се однесуваа како да се опозиционери и како да немале удел во секојдневните понижувања на жените во земјата“ вели таа и додава дека „не зборува само за обврската за носење шамија што е врвот, туку и за нивната дискриминација врз основа на полот, на сите нивоа во општеството".

Мнозинството молчи

Колку многу жените поради нивниот пол трпат во Иран и се во незавидна положба, покажува актуелниот извештај на фондацијата Светски економски форум за јазот меѓу половите за 2023 година, според кој Иран е на 143-то место од вкупно 146 на меѓународно ниво. Извештајот ги третира секторите економија, образование, здравство и политика и колку половите се изедначени во овие сфери.

Во Исламската република Иран жените немаат место во структурите на моќта. Тие не може да станат верски водачи, ниту да се кандидираат за претседателската функција. Исклучени се и од правосудството, како и од важните тела - експертски, надзорни и советот за посредување. Во парламентот моментално има само 14 жени од вкупно 290 пратеници – и сите се строго религиозни и верни приврзанички на Исламската република. „Горчливите искуства од минатото придонесе жените да се убедат дека ниту еден претседател нема да се заземе за нивните права. Бруталното угнетување на жените на протестите во изминатите години особено со слоганот 'Жена, живот, слобода'  по смртта на Џина Махса Амини,како и егзекуциите и апсењата кои се случуваат до денес, оставија многу длабоки и свежи рани", вели Алија Моталебзадех. За активистката за женски права нема сомнеж дека „мнозинството на иранското општество кое не гласаше, е обединето во молкот. Таквото отфрлање политичкиот систем не може уште долго да го порекнува“, заклучува таа.