1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kоцкај се, ама одговорно!

17 јули 2024

Оди коцкај се и кога ќе заглавиш со пари, тркни до некоја од фирмичките за брзи кредити и земи си „брзо кредитче“ за да можеш целосно „опуштенооо“ да ги покриеш коцкарските долгови. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4iO8i
спотртски кладилници
Спортските идоли за време на ултра интересни фудбалски натпревари ги повикуваат децата да се коцкаатФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten

Како и стотици милиони луѓе во Европа, така и ние имавме можност по овие скопски горештини, со ладни напитоци и одбрано друштво, да уживаме во фудбалската магија на европските репрезентации во нивниот поход кон европскиот фудбалски трон. За жал, овој пат, го немавме тоа задоволство да ги гледаме нашите фудбалери како се натпреваруваат на европските фудбалски арени, но тоа од друга страна ни овозможи рамнодушно, да уживаме во фудбалските мајстории и да посакуваме да има што е можно повеќе голови, шанси и индивидуални фудбалски мајстории. Покрај ова, фудбалските првенства се и можност за семејни дружби и прилика неколку генерации заедно да поминат убаво време во дружење, разговори, коментари и навивање. 

Јас лично уживам да гледам фудбал со македонски коментар и не преферирам да ги следам натпреварите на некои од странските програми пренесени преку кабелските оператори. Уживам во често повторуваните луцидни, а понекогаш и комедијантски коментари кои дополнително ме расположуваат и знаат убаво да ме насмеат. Сто пати сум ги слушнал нашите коментатори да велат „маестрален“ или „индиспониран“, но ова првенство прв пат ја слушнав кованицата „на крилата на децибелите“. Прилично поетична метафора со која коментаторот „маестрално“ ни опиша како звуците, мерени во децибели, можат да нè понесат или да ни дадат чувство на лет или подигнување! 

„Опуштенооо“ уживање 

Но, додека уживав во фудбалската игра и досетките на нашите коментатори на јавниот сервис, пред и по натпреварот и за време на полувремето имав тешка задача, да објаснувам на моите малолетни деца дека  коцкањето е опасно,  може да предизвика зависност и да го уништи животот, како на тој што почнал пасионирано да се коцка, така и на целото негово семејство. Ова, бидејќи постојано течеа реклами за игри на среќа, казина и кладилници. Проблем беше што не беше една реклама, туку беа премногу. На еден од натпреварите избројав дека 9 од 14 реклами беа  за игри на среќа (коцкање),  а една или две од останатите беа реклами за брзи кредити (пари), наводно без камата, за „опуштенооо“ уживање, нарачани и платени, не од банки како финансиски институции, туку од некои фирмичиња за давање на брзи кредити. 

игри на среќа кладилници
На телевизија постојано течеа реклами за игри на среќа, казина и кладилнициФотографија: picture-alliance/dpa/blickwinkel/McPHOTO

Економска пропагандна програма или ЕПП! Самиот збор пропаганда сé ви кажува. Целта на маркетингот е да предизвика позитивни чувства кај гледачот (реципиентот) за продуктот (играта на среќа) кој се рекламира, со цел да влијае на изборот на купувачите, што на крај треба да резултира со тоа гледачите да станат муштерии кои ќе потрошат значително повеќе пари од тие што се потрошени за плаќање на ЕПП-то. Маркетингот е моќна алатка и јас не би можел да го замислам модерниот свет без маркетинг. Но, овде станува збор за сензитивна работа. Малолетни деца се изложени на пропаганда, кажана од устите на познати спортисти кои тие ги гледаат како свои идоли. Спортските идоли на моите синови, за време на ултра интересни фудбалски натпревари  ги повикуваат децата да се коцкаат.  Ама одговорно, што и тоа да значи. Онаа додавка дека е дозволено за лица над 18 години, тотално ништо не значи и не само што не ја намалува туку ја зголемува штетата. „18+“, си велам како ова лесно се користи, многу скоро ќе видиме и бордели и сајтови за возрасни како се рекламираат на телевизија. Оди во бордел, ама одговорно, а вие што немате 18 години замижете на 9 од 14 реклами, или уште подобро мижете со затнати уши цело полувреме! Излези од дома, на секое ќоше кладилница, на другото слот машини (апарати), подоле казино и потоа пак исто. Дојди дома, пушти телевизија и гледај ги нашите најпознати спортисти како повикуваат на коцкање. Оди коцкај се и кога ќе заглавиш со пари, тркни до некоја од фирмичките за брзи кредити и онака опуштено, само со лична карта земи си „брзо кредитче“ за да можеш целосно „опуштенооо“ да ги покриеш коцкарските долгови. Рекламите, наредени таман една по друга. Извинете, ама нешто овде не е нормално! Да, знам, многу работи не се нормални, не само кај нас туку и во светов, ама мислам дека ова е претерано ненормално и покажува во каква декадентна фаза е доведено нашево општество. 

Заштита од игрите на среќа 

Јас во принцип сум сфатил дека забраните не секогаш помагаат, но кога нешто не е забрането, а може да предизвика некаков проблем, тогаш мора да е регулирано. Не барам да се забрани коцкањето или игрите на среќа, ниту да се забрани нивно рекламирање, но барам тоа сериозно да се регулира и да се оневозможи малолетниците да бидат изложени на оваа пропаганда која кај нив треба да предизвика позитивно чувство за коцкањето и да ги направи потенцијални муштерии за некоја година кога ќе станат полнолетни.

Игри на среќа
Коцкањето е опасно, може да предизвика зависност и да го уништи живототФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Има модели во светот кои може да се искористат. Еве на пример Германскиот. Меѓудржавниот договор за коцкање кој стапи на сила на 1-ви јули 2021  година (Glücksspielstaatsvertrag, GlüStV, „ITG") е главната правна рамка. Тоа е Договор помеѓу 16-те германски сојузни покраини, бидејќи регулативата за коцкање е претежно во надлежност на покраините. Еве некои од постулатите на нивното законско решение: а) Природата и обемот на рекламирањето на јавните игри на среќа не смеат да бидат во спротивност со целите наведени во делот 1 од Германскиот меѓудржавен договор за коцкање (особено заштита на играчите, превенција од зависност, заштита на малолетници); б) Помеѓу 6 часот наутро и 21 часот е забрането рекламирање за игри со виртуелни автомати, онлајн покер и онлајн казино игри преку телевизија, радио или интернет; в) Забрането е рекламирање на спортско обложување од активни спортисти и спортски службеници/работници; и г) Рекламирањето не смее да биде претерано и не смее да се однесува на малолетници или споредливо ранливи целни групи.

Кај нас сите овие принципи беа погазени. Малолетните гледачи беа изложени на влијание кое може да има сериозни последици врз нивното поведение и финансиска состојба во иднина. Регулацијата на овие реклами не само што ќе помогне да се заштитат малолетниците од потенцијалните опасности на коцкањето, туку и ќе придонесе за здраво и одговорно општество. Време е да се преиспитаат сегашните практики и да се воведат мерки кои ќе го минимизираат штетното влијание на коцкарските реклами не само врз нашите деца, туку и на целото општество. Има простор новата влада да се позанимава со овој наследен проблем и да го регулира ова на еден цивилизиран европски начин.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема