1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Соединети Американски Држави

Надежта за спасување на патниците на „Титан“ згаснува

СН/агенции
22 јуни 2023

Потрагата е во полн ек, но кислородот има само за уште неколку часа. На спасувачите и на роднините им е потребно чудо во потрагата по исчезнатата подморница „Титан“.

https://p.dw.com/p/4Suk7
Во потрагата по „Титан“ се користат и подводни роботи „Виктор 6000'
Во потрагата по „Титан“ се користат и подводни роботи „Виктор 6000'Фотографија: Olivier Dugornay/Ifremer/CCBY/REUTERS

Повеќе од три дена по исчезнувањето подморницата „Титан“ во Атлантикот, надежта за преживување на петте исчезнати авантуристи згаснува. Ним полека им снемува кислород. Имено резервите би требало да истечат денеска, се разбира доколку подморницата претходно воопшто не била оштетена.

Потрагата ја предводи американската крајбрежна стража а во своевидната трка со времето за спасување на патниците на малата подморница, која исчезна во близина на потонатиот брод „Титаник“ се вклучени повеќе бродови и авиони, како американски така и канадски. 

Потрагата по „Титан“ се одвива деноноќно а во неа учествуваат американски и канадски бродови
Потрагата по „Титан“ се одвива деноноќно а во неа учествуваат американски и канадски бродовиФотографија: David Hiscock/REUTERS

Контактот со подморницата е изгубен еден час и 45 минути откако таа се нурна во неделата попладне. Како што е наведено на веб-страницата на компанијата „ОушнГејт“, станува збор за подморница долга 6,7 метри и тешка повеќе од десет тони, која може да нурне до длабочина до 4.000 метри. Има камери, светла и скенери за истражување на околината. Во подморницата има и залиги со кислород за 96 часа престој во пловилото.

Американската крајбрежна стража проценува дека резервите на кислород на патниците во подморницата би можеле да истечат во 7 часот и 18 минути по нивно време, односно во 13 часот и 18 минути по средноевропско време.

Спасувачките тимови нагласија дека мора да останат оптимисти, па во потрагата денеска ќе се приклучат уште десет бродови и подморници на далечинско управување.

Областа за пребарување беше проширена откако се слушнаа звуци во вторникот и во средата. Потрагата сега опфаќа површина двојно поголема од државата Конектикат и оди на длабочина до 4 километри.

Се уште се анализира дали подводните звуци чуени во вторникот и во средата потекнуваат од исчезнатата подморница
Се уште се анализира дали подводните звуци чуени во вторникот и во средата потекнуваат од исчезнатата подморницаФотографија: ABACA/picture alliance

Звуците не се идентификувани и не се знае со сигурност дали дошле од подморницата.

Матичниот брод на подморницата „Полар принц“ е командно место на потрагата, а се наоѓа на локацијата каде што потона „Титаник“.

Денеска во текот на денот роботски возила опремени со камери ќе го пребаруваат морското дно.