1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Киев: Соборени ракети Кинжал, Русија: Уништен систем Патриот

ЖА / агенции
16 мај 2023

Во најновите руски ракетни напади, Украина успеала да уништи голем број ракети, меѓу кои и неколку хиперсонични „Кинжал“. Москва пак јавува за успешен прецизен удар. Најавена е африканска иницијатива за мировно решение

https://p.dw.com/p/4RSFI
Ukraine Krieg | Luftangriff auf Kiew
Руски ракетни напади врз УкраинаФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Украинската војска во вторникот вечерта соборила шест хиперсонични ракети од типот „Кинжал“, што би бил прв удар од вакви димензии против ракетите кои владата во Москва ги фали како „чудо од оружје.“

Во многу украински градови утрово одекнала воздушна тревога, вклучувајќи ја и престолнината Киев. Освен „Кинжал“ ракети, биле соборени и три Искандер ракети со долг дострел, соопшти командантот на украинската војска, Валериј Залушниј преку Телеграм.

Потврдата на наводите на украинската армија би значела доказ за ефикасноста на  системите за противвоздушна одбрана кои Западот и` ги испорача на Украина.Ракетата „Кинжал“ има брзина десет пати поголема од звукот. Според украински наводи, соборени се и шест дронови „Шахед“ од иранско производство и три извидувачки дронови. „Намерата на непријателот е ширење паника и предизвикување хаос“, истакна украинскиот генерал Серхиј Најев, но во северозападната зона, вклучително и Киев, се` е под контрола.

Русија пак тврди дека во ноќешните жестоки ракетни напади уништила еден од противвоздушните системи за одбрана „Патриот“, испорачан од Запад. Руското Министерство за одбрана во Москва прецизираше дека тоа е извршено со ракета „Кинжал“, на што украинскиот командант Залушниј контрираше – сите истрелани ракети „Кинжал“ биле уништени. Руските напади биле насочени и против украинските воени единици и складишта со муниција, се вели од Киев.

Серхиј Попко, раководител на воната управа на Киев, на Телеграм извести за напад „невообичаен според интензитетот и огромниот број ракети во кратко време".

Украина Русија војна
Масивни руски ракетни напади врз Киев и други градови во Украина Фотографија: SERGEI SUPINSKY/AFP

Три лица се повредени при падот на делови од соборените ракети. Ова е веќе осми напад врз украинскиот главен град во овој месец. 

Набљудувачите тоа го толкуваат како превентивна мерка на Русите во пресрет на најавената украинска пролетна контраофанзива во источниот и во јужниот дел на Украина. Украинските сили од минатата недела бележат и најголемо ослободување на окупирани територии во Бахмут од ноември минатата година, денеска јавија дека се повратени речиси 20 квадратни километри територија кај завојуваниот град.

Во напорите за постигнување мировно решение на конфликтот во меѓувреме се вклучи и група претседатели и премиери на африкански земји. Тие најавија намера да отпатуваат во Москва и во Киев, заради постигнување евентуален мировен план за Украина, како што соопшти претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса. Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразиле согласност за прием на делегацијата. Иницијативата ја поддржуваат и Сенегал, Уганда и Египет, а за неа биле информирани и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и САД и Велика Британија. Владите во Вашингтон и во Лондон сигнализирале „воздржана поддршка." 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи