1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Фолксваген ќе остане и понатаму германска компанија?

Тимоти Рукс
18 јануари 2025

Фолксваген произведува и продава возила низ светот. Концернот е германски, но како дома е и во Кина, Бразил и САД. Оваа зависност од странски пазари наскоро би можела да го земе својот данок.

https://p.dw.com/p/4p8dN
Фолксваген
Ќе остане ли Фолксваген и понатаму германска компанија?Фотографија: Alicia Windzio/dpa/picture alliance

Фолксваген (VW) е германски производител на автомобили, но работи на глобално ниво и зависи од многу други земји за одржување на неговите производни линии.

Во 2023 година, Фолксваген - најголем од дванаесетте брендови на групацијата Фолксваген - произведе над 4,8 милиони патнички автомобили ширум светот и оствари приход од над 86 милијарди евра (90,2 милијарди долари), што претставува зголемување од 17 проценти во споредба со претходната година. Ова произлегува од годишниот извештај објавен во март 2024 година.

Но, тие убави времиња се минато. Пазарот во меѓувреме значително се промени, особено за електричните возила. А, тука се и погрешните проценки на менаџментот на Фолксваген, кои го загрозуваат успехот на компанијата.

Домашни и глобални проблеми

Побарувачката за нови возила во Европа паѓа и можеби никогаш нема да го достигне нивото пред Ковид-пандемијата, кога годишно се продаваа 17 милиони возила. Побарувачката за возила на Фолксваген особено опадна откако кинеските конкуренти го презедоа глобалниот пазар на електрични возила.

Во првите девет месеци од минатата година Фолксваген продаде 2,26 милиони возила ширум светот. Тоа е нешто повеќе од истиот период лани, а приходите се малку зголемени. Сепак, оперативната добивка, според концернот, паднала за речиси 37 отсто -  од 2,12 милијарди евра во првите три квартали од 2023 година на 1,34 милијарди евра во истиот период минатата година. Причина за тоа се повисоките фиксни трошоци и реструктуирањето.

На домашен терен во Германија,кај Фолксваген владее тензична ситуација. Компанијата најави драстични намалувања. Зголемувањето на цените на енергијата по прекинот на испораките на руски гас, кинеската конкуренција, високите германски трошоци за работна сила и претстојните американски царини бараат промена на насоката.

Како што соопшти компанијата на 20 декември минатата година, со синдикатите е постигнат договор за постепено укинување на 35.000 работни места, додека останатите вработени во Фолксваген во Германија ќе мора да се откажат од зголемувањето на платите и бонусите во наредните години. Дали другите земји можат да профитираат од проблемите на локациите на Фолксваген во Германија?

Фолксваген автомобили
Фолксваген е загрижен за пласманот на своите возила на светскиот пазар Фотографија: Julian Stratenschulte/picture alliance/dpa

Фолксваген во Европа и ширум светот

Фолксваген вработува 76.000 работници во Германија и дополнителни 63.000 ширум светот. Без разлика дали поради близината до клиентите или поевтината работна сила, компанијата има голема мрежа на производствени локации низ светот. Освен во Германија, во моментов има производствени погони во Полска, Шпанија, Португалија и Словачка.

По инвазијата на Украина во 2022 година, сите погони во Русија, вклучително и една голема фабрика, беа затворени, а увозот беше стопиран. Една година подоцна, Фолксваген го продаде целиот свој имот во таа земја, како и другите европски производители на автомобили. Планираната фабрика во Турција не беше реализирана поради пандемијата.

Покрај тоа, Фолксваген произведува возила во Аргентина, Бразил, Мексико, САД, Кина, Индија и Јужна Африка. Надвор од Европа, најголемите инвестиции на Фолксваген се во Кина, а потоа следат Мексико и Бразил.

Долгата бразилска историја на Фолксваген

Првата фабрика на Фолксваген надвор од Германија беше отворена пред седум децении во далечниот Бразил. Денес, Фолксваген е најголемиот производител во таа земја, според податоците на компанијата. Минатата година е произведено 25-милионитото возило.

Иако Јужна Америка учествуваше со само осум проценти од продажбата во 2023 година, Фолксваген моментално е во голема мера зависен од Бразил. Компанијата таму ужива голема репутација и голем дел од возилата на бразилските патишта доаѓаат од Фолксваген. Покрај тоа, продажбата расте.

Оваа позитивна вест од Бразил донекаде ја олесни ситуацијата на концернот. Но, пазарот е премногу мал за да се компензира за загубите во другите региони - а конкуренцијата не е далеку.

Мексико, фабрика на Фолксваген
Фабрика на Фолксваген во МексикоФотографија: Pedro Pardo/AFP/Getty Images

Мексико како влез на американскиот пазар

Иако Северна Америка учествуваше со нешто повеќе од десет проценти од продажбата на Фолксваген во 2023 година, таа е клучен пазар. Но, тоа е и тежок пазар, кој може да стане уште потежок ако САД воведат царини за возилата произведени во странство.

Фолксваген има фабрика во американската сојузна држава Тенеси. Но, бидејќи Фолксваген исто така смета на поевтина работна сила и слободен проток на стоки во северноамериканската зона за слободна трговија USMCA, компанијата исто така има голема фабрика во Мексико. Но, таа стратегија може да биде поткопана од новите американски царини.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави: „Сакам германските автомобилски компании да станат американски автомобилски компании. Сакам да ги градат своите фабрики овде“.

Германските производители на автомобили произведуваат различни возила во САД. Многу од нив се наменети за локалниот пазар, додека други се наменети за извоз. Но, Фолксваген сè уште зависи од европскиот увоз за целосно да ја задоволи американската побарувачка. Заканите на Трамп за царини може дополнително да ги загрозат деловните резултати на концернот.

Пекинг
Кинескиот пазар е од огромна важност за ФолксвагенФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Проблематичната посебна улога на Кина

Фолксваген со години имаше големи надежи за водење бизнис со Кина. Во текот на последната деценија, концернот се потпираше на таа земја бидејќи ѝ овозможи да ја зголеми продажбата и да ги прошири производните капацитети. Сега и двете страни се изложени на ризик, а кинескиот сон на Фолксваген може да заврши.

Во 2019 година, Фолксваген беше најголемиот производител на автомобили во Кина и имаше 19 отсто пазарен удел на тогаш најголемиот светски автомобилски пазар. За Фолксваген, Кина беше најважниот и најпрофитабилен регион, со една третина од вкупните приходи и голем дел од профитот.

Денес Фолксваген има пазарен удел од 14 отсто во Кина, а трендот е надолен. Домашните кинески конкуренти продаваат сѐ повеќе возила. Тие се особено добри во производството на евтини електрични автомобили кои се популарни кај купувачите - толку евтини што Канада, САД и ЕУ неодамна воведоа дополнителни царини за кинеските електрични возила. Кина денес е најголемиот светски извозник на автомобили и е помалку зависна од странски модели од кога било.

И покрај својата долга историја и глобално присуство, Фолксваген не е имун на неуспеси. За успешно да ги надмине следните големи промени, концернот мора да се прилагоди и да ги земе предвид обичаите, различноста на пазарот и кинеската конкуренција, која го достигнува Фолксваген со неверојатна брзина.