1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатурата на Габриел е очајнички маневар на Борисов

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев
11 мај 2023

Предлогот на Борисов за Марија Габриел е очајнички обид да се придобијат реформаторите на ПП/ДБ. Но, Борисов мора конечно да сфати дека тој лично е проблем за земјата. Пишува Ивајло Дичев.

https://p.dw.com/p/4RDLO
Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ
Бојко Борисов, лидер на ГЕРБФотографија: Ye Pingfan/imago/Xinhua

Се обидуваат да повторуваат дека семоќниот Бојко Борисов ги изиграл „Промената продолжува“ и Демократска Бугарија, ги натерал да ги симнат гаќите, простете картите, а тој самиот ги држел сите адути во раце. Ми се чини дека е токму спротивното: реформаторите го притиснаа својот противник до ѕидот, а тој сега се фрла во импотентна хистерија, менувајќи ги своите позиции секој час со помош на живописни срдби. И никогаш не престанувам да се прашувам како медиумите во Бугарија редовно го превртуваат светот наопаку.

Да започнеме со неславниот компромис, како што ги претставуваат разговорите меѓу двете коалиции. Каде точно е непринципиелната отстапка на реформаторите? Ја наметнаа својата програма со речиси 90 отсто, одбија недвосмислено да го поддржат првиот мандат и назначија кабинет без никакво учество на ГЕРБ. Ако ме прашувате мене, тие беа дури и премногу тврди во последното поради вклучувањето на тројца од нивните лидери во првата линија. Но, она за што ги обвинуваат нивните довчерашни поддржувачи е токму спротивното – ниту отстапија, ниту го прифатија ултиматумот на ГЕРБ.

БСП се фати на јадицата 

Г-ѓа Нинова, пак, изјави дека ПП/ДБ биле излажани како првачиња. За што точно, не е јасно. Сега останува злорадо да гледаме како таа ќе се фати на јадицата за хартиена коалиција. И дали по учеството во владата со некои десничарски партии, нејзината партија сега ќе проголта сојуз со другите десничарски партии, само за да биде на власт. 

Еврокомесарката Марија Габриел
Еврокомесарката Марија Габриел е кандидат за нов бугарски премиерФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Обвинувањето дека дури и разговарањето со ГЕРБ е предавство, е уште посмешно. И не затоа што не може да се води политика без да се разговара, вклучително и со противниците, туку затоа што е многу поважно што ќе излезе од овие разговори. Ако после нив се искристализира цврста и принципиелна позиција, толку подобро. Нели сфаќаме дека сега Борисов мора да разговара со партии како „Преродба“ од кои очајнички се обидува да се огради. Е, па убаво - зошто тој симболично да печали, а другите да бидат првачиња? 

ПП и ДБ- премногу исправни 

Ако имам критика за ПП/ДБ, тоа е нешто друго – дека не разговараат со секого и на тој начин создаваат чувство дека се изолирани, а Борисов се прави дружељубиво добро момче. Зошто одбија да разговараат со ДПС, на пример, не разбрав; зошто не бараат пат до претседателот на неруски теми? Се плашам дека проблемот со оваа формација е сосема спротивен од она што го гледаат аналитичарите: дека тие се премногу линеарни. И имам непријатно сеќавање како старата СДС постепено се претвори во морална секта, се затвори и не успеа да ја исполни својата историска задача. 

Исто така, не ми е јасно зошто отвореноста кај нас се смета за наивност, ако не и за глупост. Очигледно, Бугаринот е навикнат да биде управуван од шушумиги како Тодор Живков, кој лавираше, се омаловажуваше и престројуваше без особено цврсти морални ставови. Веројатно во оваа насока е и симпатијата кон господинот Борисов: луѓето мислат дека тој има втор план, дека на крајот ќе ги надмудри сите. Но, какви трикови му преостануваат ако не го поддржи вториот мандат и заеднички развиената владина и законодавна програма? 

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев, автор на коментаротФотографија: BGNES

Борисов повеќе нема излез 

Последниот маневар на Борисов за спас на партиското достоинство: предлага „наш неприкосновен премиер“ и ги отстапува сите министри на другите, вклучително и на ПП/ДБ. Предлогот за еврокомесарката Марија Габриел е знак во насока на евроатлантизмот и може да се смета како уште еден очајнички обид да се придобие реформската коалиција. Оваа кандидатка е слабо поврзана со Бугарија, бидејќи нејзината кариера и личниот живот се во Европа; не можам добро да замислам како ќе се ориентира и дали ќе успее да ја совлада суровата реалност во татковината. 
Можам да замислам како ќе затрубат медиумите: бриселка ги менува харвардците. Дали Борисов мисли дека полесно ќе може да управува со една таква премиерка? Или обратно, слабата кандидатура е покана до ПП/ДБ за некаков паритет според Борисов? 

Кога ќе сфати Борисов дека треба да се симне од сцената 

Како што разбирате, тука не нагаѓам дали ќе има или ќе нема влада. Заедно со Борисов, и г-дин Гешев исто така се нервираше поради сè посомнителниот изглед на ќорфишекот. Дали лошите нема да се испукаат меѓу себе, како што се случуваше во вестерните? Не можам да проценам колку се изнервираа „амбасадите“ и нашите домашни бизнисмени. Не знам дали конечно и господинот Борисов ќе сфати дека тој лично е проблем на нашата земја, да се поклони и да се симне од сцената засекогаш - па што, и такви чуда се случуваат! 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема