1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камионите со храна и облека од Скопје тргнаа кон Турција

ДТЗ
14 февруари 2023

Најавите се дека наскоро ќе се достигне сума од еден милион евра парични донации за Турција. „Турскиот народ со благодарност ќе се сеќава на оваа солидарност“, порача турскиот амбасадор

https://p.dw.com/p/4NU43
помош Турција
Камионите со храна и облека од Скопје тргнаа кон разурнатите градови во ТурцијаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Два камиони полни со пакети храна, производи за хигиена и ќебиња од Северна Македонија се упатија за Турција. Ова е првата пратка на хуманитарна помош собрана од Црвениот крст којашто ќе биде испратена за регионите погодени од катастрофалниот земјотрес, во кој загинаа над 36 илјади луѓе.

Конкретно станува збор за 800 пакети со храна, 1.700 пакети со производи за хигиена и 4.000 ќебиња за неколку области во Турција коишто речиси беа срамнети со земја од разорните земјотреси. Собрани се и над 25 милиони денари парична помош. 

Турција Хатај Земјотрес
Жители на турскиот град Хатај под отворено небо по катастрофалниот земјотрес Фотографија: Burcu Karakas/DW

„Турскиот народ со благодарност ќе се сеќава на оваа солидарност“, порача амбасадорот на Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизкок. Тој изрази благодарност до спасувачките екипи за големиот придонес во спасувачките активности во подрачјата погодени од земјотресот и истакна дека овие екипи со златни букви ќе бидат испишани во историјата и во срцата на турскиот народ.

Еден милион евра донации

Преку повеќе невладини организации и компании досега е реализирана испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали, 4 360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори и 18 агрегати. Хуманитарната акција продолжува и понатаму. Најавите се дека наскоро ќе се достигне сума од еден милион евра парични донации за Турција. 

помош Турција
Од Црвениот крст апелираа да се донираат само неопходните намирници, откако во јавноста се појавија информации дека плоштадот е затрупан со стара облека и бескорисни работиФотографија: Arbnora Memeti/DW

Од Црвениот крст апелираа да се донираат само неопходните намирници, откако во јавноста се појавија информации дека плоштадот е затрупан со стара облека и бескорисни работи, коишто воопшто не можат да се испратат како донација.  „Во делот на остатокот од материјалната хуманитарна помош апелираме уште еднаш да се донираат намирници (пакети со храна и со хигиена) но сето тоа да биде ново, согласно стандардите за хуманитарна работа, затоа што сведоци бевте на многу иницијативи, но за жал квалитетот на хуманитарната помош не е на задоволително ниво и сето тоа не може да се испрати“, вели генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија, Саит Саити.

По катастрофалните земјотреси што на 6 февруари ги погодија Турција и Сирија, со епицентар во турскиот град Кахраманмараш со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, бројот на жртвите надмина 36 илјади. Во понеделникот (13.02) во Струмица се вратија осуммина пожарникари кои помагаа во спасувачките акции во Адијамин. Потрагата по преживеани полека завршува и започнува расчистувањето на теренот со механизација. 

Шут наместо помош за настраданите во Турција и Сирија?