1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква надворешна политика ќе води канцеларот Мерц?

Кристоф Хаселбах
28 јануари 2025

Сè уште не победил, но анкетите предвидуваат дека ќе победи. Лидерот на демохристијаните, Фридрих Мерц, ја скицираше својата идна надворешна политика во светот во кој доаѓа „нова ера“.

https://p.dw.com/p/4pgtJ
Фридрих Мерц
Фридрих Мерц има најголеми шанси да стане канцеларФотографија: P. Nowack/penofoto/IMAGO

Фридрих Мерц се подготвува за канцеларскиот мандат. Во говорот за надворешната политика во фондацијата „Кербер“, тој презентираше елаборирана програма за надворешна и безбедносна политика за владата под негово раководство.

Претседателот на најголемата опозициска партија, конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), очекува, а тоа го потврдуваат и испитувањата на јавното мислење, дека по парламентарните избори на 23 февруари, тој ќе го наследи социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.

Лидерот на опозицијата со мрачни тонови ја опиша ситуацијата во светот. Според него, сведоци сме не само на „пресвртница“ (термин што го користеше канцеларот Шолц), туку и на „распад на една епоха“.

„Тоа не го покажува само рускиот напад врз Украина. Сведоци сме на ерозија на либералниот принцип, заснован на правилата на втемелениот поредок “, рече Мерц.

Русија, Кина, Иран и Северна Кореја соработуваат во „ревизионистичка, антилиберална оска“. Украина не е единствената цел на Русија и наскоро севернокорејските интерконтинентални ракети би можеле да стигнат до Северна Америка, рече Мерц. 

Министрите мора да зборуваат функционален англиски јазик 

„Ретко кога една изборна кампања за Бундестагот беше толку обележана со надворешна и безбедносна политика како оваа“, продолжи Мерц, посочувајќи дека актуелната влада потфрлила во надворешната политика.

Германските партнери во странство, според него, првенствено можеле да видат конфликти и нејаснотии кај претставниците на германската влада. Министрите често не учествувале на состаноците на Советот на ЕУ или се воздржувале од гласање.

Тоа ќе се промени со неговата влада, вели тој. „Покрај тоа, нема да назначам никого за ЕУ ​​за министер или државен секретар кој не зборува барем функционален англиски“, најави Мерц.

Ако победи на изборите, Мерц планира да формира сојуз за национална безбедност под кабинетот на канцеларот, кој би формулирал стратегија за национална безбедност. Исто така, универзитетите треба да добијат соодветни катедри. Според првиот човек на ЦДУ, темата надворешна и безбедносна политика генерално е премалку застапена воГерманија.

Развојна политика да им служи на германските интереси 

Во иднина, Мерц предложи, не само надворешната и безбедносната политика, туку и развојната политика, треба да биде насочена кон германските интереси, на пример промоција на пазарот. Во однос на азилот, треба да се примени следново:

„Земја која во случај на протерување од Германија не ги прима назад своите државјани, во иднина повеќе нема да може да добива развојна помош“.

Истото важи и за земјите кои „имаат сомнителен однос кон тероризмот“.

Мерц подоцна се осврна на смртоносниот напад со нож во Ашафенбург, Баварија, извршен од Авганистанец, кој всушност требало да ја напушти Германија. Доколку победи кандидатот на ЦДУ, ќе има значително повеќе депортации и „де факто забрани за влез“ на сите граници за лица без валидни патни исправи, а тоа важи и за оние кои дошле во Германија да бараат заштита.

Воведувањето на тоа правило би било услов за евентуалните коалициски партнери да влезат во владата на Фридрих Мерц. Неговата партија планира да достави предлози до Бундестагот за заострување на миграциската политика и да ја стави на гласање. Критичарите веднаш истакнаа дека идеите на Мерц се во спротивност со политиката на ЕУ за азил и не се законски применливи според европските закони.

Изборот на Трамп како можност

Фридрих Мерц гледа многу простор за акција, особено во европската политика. Изборот на Доналд Трамп не е причина за паника, туку гласно предупредување за Европејците - но и можност, смета тој.

„Не смееме да се потпираме на други за да ги решиме нашите проблеми“.

Европа мора да изгради своја одбранбена индустрија која ќе може да се натпреварува со САД, истакнува Мерц. Патот, како што наведе, води низ „трите S“ (на англиски: simplification, standardization, scale ) - поедноставување, стандардизација и (голем) размер.

На пример, Европа има многу различни видови тенкови, додека САД имаат само еден модел. Сепак, претседателот на ЦДУ во исто време го отфрла заедничкото финансирање преку одбранбените обврзници на ЕУ.

Дури и под Доналд Трамп, САД ќе продолжат да бидат исклучително важни за Германија и Европа, убеден е Мерц. Тој ја советува ЕУ да се воздржи од тоа да очекува од новата американска администрација да дејствува како покровител и трезвено да ги истражува заедничките интереси.

По најавата на Трамп за воведување увозни царини, треба да се избегне „царинска спирала што ќе ги направи посиромашни и Европејците и Американците“.

Наместо тоа, Мерц би му понудил на Трамп позитивна агенда, вклучително и договор за слободна трговија, дури и ако тоа во моментот изгледа нереално.

Европската Унија, исто така, треба да бара трговски договори со други земји, како што се земјите од блокот Меркосур во Јужна Америка. Договорот за слободна трговија, потпишан во декември 2024 година во Уругвај, сè уште треба да биде одобрен од националните парламенти на земјите-членки на ЕУ.

Доналд Трамп
Мерц би му понудил на Трамп позитивна агенда, вклучително и договор за слободна трговија, дури и ако тоа во моментот изгледа нереално.Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Што се однесува до Украина, Мерц е се поблиску до Шолц

Што се однесува до Украина, можниот иден канцелар повикува на „мир во безбедност и слобода“, наместо на „потчинување“ на Русија.

Украина мора да ја „добие војната“, мора да си го врати територијалниот интегритет и слободно да избира сојузи. Сепак, многу западни воени експерти сметаат дека враќањето на сите територии окупирани од Русија е нереално.

И покрај барањето за германска поддршка за Украина, Мерц исто така нагласи: „Германија не смее да стане страна во војната“.

Ова целосно се совпаѓа со она што канцеларот Олаф Шолц постојано го нагласува. Но, додека Шолц од таа позиција го изведува заклучокот да се воздржи од испраќање оружје во Украина, на пример ракетниот систем со долг дострел Таурус, Мерц, од друга страна, повеќепати се залагаше за испорака на Таурус, иако тоа во својот псоледен говор не го спомена. 

Помалку конфликти, повеќе лидерство 

Во европската политика, Мерц го критикува фактот дека сегашната сојузна германска влада ги напуштила односите со Франција и Полска. Тој сака да ги „поправи“ оние најважни врски на Германија во Европа. Како канцелар тој прво би ги посетил тие две земји.

Од неговиот говор стана јасно и дека Фридрих Мерц како канцелар повторно би преземал поголема одговорност за надворешната и безбедносната политика.

„Задачата на канцеларот е да обезбеди несогласувањата во кабинетот да се решаваат интерно, а потоа заеднички да ги претставуваат одлуките надвор“, додаде тој. Со тоа, тој алудираше на несогласувањата во владата на Шолц, предводена од СПД, со коалициските партнери Зелените и либералите (ФДП).

Сепак, Мерц како канцелар веројатно повторно ќе зависи од еден, а можеби дури и од двајца коалициски партнери за владино мнозинство. А, прашање е какви надворешнополитички позиции имаат овие можни партнери.