1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Како во хорор филм“: 8 повредени во напад со нож во Англија

СН/агенции
29 јули 2024

Во британскиот крајбрежен град Саутпорт денеска дојде до голема полициска операција, откако непознат напаѓач со нож рани повеќе лица. Мотивот за нападот не е соопштен.

https://p.dw.com/p/4isQv
Полицијата на местото на злосторството во Соутпорт. Напаѓачот е уапсен
Полицијата на местото на злосторството во Соутпорт. Напаѓачот е уапсенФотографија: James Speakman/PA Wire/empics/picture alliance

Најмалку осум лица, меѓу кои и деца, се повредени денеска во северозападна Англија во напад со нож, соопшти службата за вонредни ситуации. Нападот се случил во дворот на детски клуб во градот Саутпорт, каде се одржувал час по танц и јога.

Мотивот за нападот не е соопштен. Полицијата соопшти дека повикот го примиле десет минути предпладне, а напаѓачот е уапсен и дека нема поширока закана за јавноста. Кај него е пронајден ножот со кој е извршен нападот.

Возила на итната помош брзаа кон болниците да ги пренесат ранетите во нападот
Возила на итната помош брзаа кон болниците да ги пренесат ранетите во нападотФотографија: James Speakman/PA Wire/empics/picture alliance

Од итната помош соопштија дека осум лица со убодни рани биле пренесени во локалните болници, меѓу кои и една детска. Колин Пари, сопственик на автомеханичарски сервис во близина на местото на нападот, рече дека верува оти неколку деца биле избодени со нож. Според други очевидци, децата биле избодени по целото тело и биле на возраст од околу десет години. Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си цитираше сопственик на локален бизнис кој ја опиша сцената како „како нешто од хорор филм“. 

Еден маж изјави за медиумите дека неговата ќерка го преживеала нападот неповредена и се спасила бидејќи побегнала.

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер го опиша инцидентот во Саутпорт како „ужасен и длабоко шокантен“.