1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈужноафриканска Република

Пропаднатиот сон на Јужноафриканска Република

Мартина Швиковски
29 мај 2024

Во Јужноафриканската Република денеска се избира нов парламент. Владеачката партија, првпат по 30 години демократија, е соочена со губење на апсолутното мнозинство. Земјата има длабоко поделено општество.

https://p.dw.com/p/4gOAI
Јужноафриканска Република социјална нееднаквост
Социјална нееднаквост во Јужноафриканска Република: Половина од населението на богатата индустриска земја е сиромашноФотографија: Hoch Zwei/IMAGO

На овие парламентарни избори владејачката партија Африкански национален конгрес (АНЦ), за првпат од воведувањето на демократијата во 1994 година, е во опасност да го загуби апсолутното мнозинство. Во изминатите 30 години, партијата на поранешниот борец против апартхејдот, Нелсон Мандела, секогаш добивала многу повеќе од тоа 50 проценти од гласовите. Јужноафриканска Република (ЈАР) по 30 години слобода зад себе има демократско, но длабоко поделено општество.

На првите слободни избори во 1994 година земјата стартуваше со голема еуфорија. Луѓето со часови чекаа да го дадат својот глас. Придружен со таков елан Нелсон Мандела дојде на претседателската функција. Тој, по 27 години минати в затвор, беше избран од народот за претседател. Африканскиот национален конгрес (АНЦ), политичката партија на Мандела и поранешно анти-апартхејд движење, до денес е на власт. Но, ако се погледне кон изминатите три децении билансот во „земјата на надежта“ е отрезнувачки. Економијата е лоша, општеството е социјално поделено, луѓето не се чувствуваат разбрани од страна на политиката.

Расчекорот меѓу сиромашните и богатите е голем и расте, иако една од главните цели на владата кога ја презема власта беше токму надминувањето на таквиот јаз и создавање на еднакви шанси за сите. Фрустрацијата поради пропаднатиот сон е голема.

Но, има и важни достигнувања. Фредсон Жиленг, програмски директор за јужниот дел од Африка при фондацијата Роза Луксембург од Јоханесбург, истакнува некои од нив: „Беа воведени еден од најнапредните устави на светот, независно судство, слободни медиуми, слободни и фер избори", посочува тој. Во интервју за ДВ ги наведува и правата за ЛГБТ и квир заедницата, проширен образовен систем и поголема покриеност со електрична енергија, простор за живеење и социјални услуги за сиромашните.

Уставот на Јужноафриканска Република, на пример, е првиот во светот во кој се забранува дискриминација врз основа на сексуалната ориентација. Уште во 2006 година државата, како петта на светот и прва во Африка, дозволи бракови меѓу истополови партнери.

Нелсон Мандела
Историски момент: Нелсон Мандела - овде со неговата сопруга Вини Мандела - е ослободен од затвор во 1990 годинаФотографија: epa/picture alliance/dpa

Корумпирани интереси

Јужноафриканска Република има и натаму цврсто и активно граѓанско општество, кое гласно се залага за своите права. Но, земјата во изминатите години страдаше и од интерната динамика на борби за превласт и корумпирани интереси во владеачката АНЦ, која земјата постојано ја враќа чекори назад. Последиците се секојдневни прекини во снабдувањето со струја предизвикани од задолжениот државен енергетски концерн Еском, каде владее корупција, како и висока стапка на невработеност, криминал и сиромаштија и растечки трошоци за живот. Безработицата кај младите, меѓу кои речиси секој втор човек под 34 годишна возраст е невработен, според Жиленг, ја подгрева социјалната нестабилност оти го засилува чувството дека странците на домашните им ги земаат малкуте слободни работни места.

Јужноафриканска Република струја
Снабдувањето со енергија се претвори во криза за Јужноафриканците во 2023 година, со прекини на струја до десет часа на денФотографија: Siphiwe Sibeko/REUTERS

Разочараност од политиката

Владеачката партија низ годините сѐ повеќе ја губи довербата на народот, па така АНЦ на изборите во мај годинава, на кои претседателот Сирил Рамафоса се кандидираше по вторпат, за првпат падна под пречката од 50 проценти.

Според економскиот аналитичар Даниел Зилке, има голема разочараност во однос на ослободителната партија која, како што вели за ДВ, е станата „неспособна да ги одржува етичките стандарди, кои беа поставени особено од страна на Нелсон Мандела“.

Јужноафриканците се лути на раководството бидејќи ги прокоцкало шансите по уникатната трансформација да ја доведе ЈАР меѓу врвните нации. „Напорите за поврзување на луѓето во една нација кои навистина се чувствуваа во првите години со Нелсон Мандела, сега се разводнети“, оценува Зилке.

Пад со Џејкоб Зума

Во криза со најтешки последици земјата влета под водство на Џејкоб Зума, кој владееше од 2009 до симнувањето од власт во 2018 година. Во тоа време тој ја доведе државата до работ на банкрот, ограбувајќи ја благодарение на својата широка мрежа за корупција. ЈАР уште се нема опоравено, а клиентелизмот и непотизмот владеат до денес, нагласува Зилке.

Колапсот на инфраструктурата и на логистиката во комбинација со економија во стагнација, секојдневно потсетува на падот на некогаш најбогатата индустриска земја во Африка. „Кај населението владее големо незадоволство", вели Зилке.

Јужноафриканска Република Јоханесбург
Инфраструктурата во јужноафриканската економска метропола Јоханесбург е дотраена поради огромната корупцијаФотографија: Graham de Lacy/Greatstock/IMAGO

Длабоки рани од ерата на апартхејдот

Критички настроени аналитичари го поставуваат и прашањето дали се три децении доволни за да се отстрани наследството од долгите и длабоки процеси на колонијализмот и апартхејдот. Верне Харис, извршен директор на фондацијата „Нелсон Мандела“, смета дека општеството се соочува со големи потешкотии: „Мора да се запрашаме зошто не постапивме подобро“, вели тој за ДВ.

Летвичката беше високо поставена. „Некои млади луѓе велат дека Мандела бил предавник", посочува Харис во однос на ветувањата за подобар живот во обединета држава. „Мора да се соочиме со таквите ставови и да ги разгледаме одново некои од нашите компромисни решенија", смета Харис.

На почетокот на 1990-тите години на сите им било јасно дека ќе треба да поминат неколку генерации додека општеството да оздрави и да се поправи и во него да се вкотви демократијата. „Но, ние сите бевме засенети од убедувањето дека можеме нештата брзо да ги доведеме во ред", сумира Харис. „Тоа во некои случаи доведе до брзи решенија кои не ни беа од корист.“

Меѓународни миротворци

На меѓународна сцена се чини дека Јужноафриканската Република, токму поради искуството со апартхејдот, сака да се позиционира како поддржувач на борбата против угнетувањето, оценува Жиленг.

Затоа државата предводи миротворни иницијативи, праќа трупи во земјите од регионот и тужи пред Меѓународниот суд во Хаг, каде го обвини Израел дека во војната во Газа ја прекршил Конвенцијата за геноцид. Јужноафриканска Република сфати дека традиционалното партнерство со Западот не е урамнотежено и дека мора да се смени. „Од таа причина, Јужноафриканска Република притиска за реформи во Советот за безбедност на ОН и е членка на БРИКС, кој според сопствени наводи се залага за фер правила и економски партнерства“, вели Жиленг и додава: „Можеби во иднина ќе видиме поактивна Јужноафриканска Република, како во Африка, така и во светски рамки.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик