1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел-Хамас и баналноста на злото

3 ноември 2023

Проблемот денес е што не знаеме да го одржиме погледот и прстот вперен во злото. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4YLxp
Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Бесцелно е да се негира дека во програмираниот масакр на терористите од Хамас, ја видовме, овојпат во друга пропорција и друг контекст, истата искра од Холокаустот,каде Евреинот треба да се уништи и збрише од земјата.

Секако, Холокаустот ни се обраќа преку својата уникатност, во која е содржана мистеријата на незамисливото и каде е фиксирана границата на човековата суровост и самопонижување, но во масакрот од 7 октомври одекнува универзалното ехо на геноцидното уништување врз чие отфрлање се има изградено западната цивилизација после Втората светска војна.

Токму од тие причини и погромот на Хамас е на некој начин уникатен за ова време, не поради бројот на жртвите, туку затоа што убиените не беа војници на бојното поле, туку цивили, ловени и убиени во нормалноста на нивното секојдневие, во личните моменти на автономија, за време на слободата на малите нешта, кои пак се практичното и конкретно ткиво на демократското живеење.

Оглупавуваме или се предаваме

Оваа карактеристика, на лов на луѓе, на луѓе претворени во плен и мета, не поради тоа што направиле, туку поради тоа што се - како податок кој е доволен за нивна смртна пресуда - ги носи настаните од 7 октомври надвор од политичката и моралната димензија, и нѐ принудува да ги осудиме како врвна манифестација на нечовечноста.

Проблемот денес е што не знаеме да го одржиме погледот и прстот вперен во злото. Дури и моралот и морализирањето, презафатени и прецедени од работа какви што се, веќе напредувааат само преку стереотипи, доделувајќи му некоја специфична категорија на секој настан, каде на крајот повторно ѝ се суди на категоријата, а не на настанот. Така успеваме да ја промашиме метаморфозата на злото, судиме предвидливо и механички, речиси по автоматизам, што значи без рефлексија, нешто што пак ни дозволува да се заштитиме од нашите убедувања и предрасуди, и да не бидеме втурнати во хаосот на овој свет, којшто полека излегува од контрола.

Насекаде се гледа и се потврдува нашиот ослабен капацитет да ги разбереме и да се запознаеме со нештата, клучен предуслов за да изведеме комплексен заклучок базиран на искуство, знаење, информираност и емпатија. Резултатот од тоа е што судот на луѓето ризикува да се заглави во општите места на доминантниот суд или во популистичките поедноставувања преку кои оглупавуваме, или се губиме и предаваме пред феномените кои треба да ги судиме.

Едноставно, не го издржуваме товарот на реалното, го банализираме и поедноставуваме тоа за што веќе немаме идеолошки или културни структури да го разбереме, без инструменти за да го преведеме и интерпретираме коректно. Тоа од што бегаме не е нашата ранливост, туку нашата одговорност, дека сме дел од светот и нередот кој ни се заканува. Затоа многумина имаат проблем погромот да го наречат со неговото име, со цел да ја задржиме нашата дистанца и нашите политички еквилибризми, нашите идеолошки механизми, за да избегнеме старо-новата трагедија да нѐ извади од колосек и примора можеби - одново да почнеме да ги промислуваме нештата.

Споделување на вината

Пред педагошката јасност на делата на Хамас, ние го губиме од предвид есенцијалното, па од сочувствување преоѓаме кон споделеност. Да, денес повеќе се бавиме со споделување на вината, во потрага по изедначување на одговорноста, губејќи ја способноста навистина да разбереме што се има случено. Професорот Јордан Шишовски деновиве точно ќе забележи:

„Идејата за баналноста на злото на Арент е порелевантна од кога било. Идејата дека дури и еден ДОБАР и искрено добронамерен човек може НЕСВЕСНО и НЕВОЛНО да учествува во пренесување и промовирање на антисемитски и геноцидни пораки, е ужасна. Замислете дека сте еден од милионите левичари и либерали што учествуваат во антисемитските и про-геноцидни протести, како овој во Англија, и да си свиркате и потпевнувате слогани во рима, чиешто значење не го разбирате, и да си мислите дека се борите против злото, бивајќи во блажено незнаење за значењето на оваа СТРАШНА, ГЕНОЦИДНА порака! Замислете - немате никакво познавање од историјата на антисемитизмот во исламот, немате никакво познавање од историјата на блискоисточниот геноциден тероризам, и си мислите дека заедно со вас протестираат некакви активисти за природна средина!!! И си се враќате дома, задоволни, мислејќи дека сте направиле добро!“

Потконтекстот е дека не смее да постојат сомнежи околу природата на Хамас, нивните методи и декларирани цели. А тие се елиминација на Евреите и на еврејската држава. Бедните и несреќни избори на израелската држава се нешто друго, тие се дел од политиката, а не од декларација за геноцид или истребување. Заслужуваат осуда и спротивставување, но не можат да се претворат во елемент и причина за релативизација, оправдување или изедначување.

Несреќно изедначување

Страдањата и нечовечките услови на живот на кој се принудени Палестинците во Газа треба да се судат за она што се, во нивното значење кое е негација на едно право и според тоа да се вреднуваат: додека како последица на бомбардирањето животот на цивилното население во Појасот се претвора во колатерална штета на непријателот Хамас, без никакво разликување. Но, способни ли сме денес да ги разбереме и судиме слободно и автономно овие две различни реалности?

Правилно е да се каже дека масакрот на Хамас беше погром. Како што е правилно да се каже дека цивилните палестински жртви не треба да се цената која мора да се плати за правото на Израел да се одбрани или да постои. Децата од Газа убиени од бомбите не треба да се сметаат како неизбежна колатерална штета во казнувањето на терористите.

Со други зборови, може да ни се при срце жртвите од крвавиот масакр на Хамас, како и денешните и утрешните жртви кај Палестинците, без притоа да се чувствуваме принудени дека треба да избереме страна, да привилигираме едни за сметка на други. Сѐ тоа, без да бидеме условени, дали од нашите лични чувства на грижа (кои може да бидат и серизни и чесни), или пак од некои провладини медиумски перјаници кои трубат против оние кои не избрале доволно силни и јасни позиции, се разбира, на страната на Израел.

Треба да се избегнува секое несреќно изедначување, онаа вечна и неизбежна реторичка злоупотреба на сврзникот „но“. Во смисла: Да, она на Хамас беше варварски чин, но... Па се наведуваат вините на Израел, кои треба да се изедначат со вината на Хамас.

Страната на жртвите

Токму преку таквиот дискурс, каде минимизирајќи го првичниот настан (колежот на Хамас) и зајакнувајќи ги последиците од вториот (бомбите на Израел), се крие тивката антисемитска предрасуда која полека и сосема неказнето добива на димензии. Многумина знаат да кажат: „Јас сум антиционист, не сум антисемит!“, без притоа да ја знаат историската позадина и колку таквата фраза се граничи со незнаење и фобија од Евреите.

Останува една прифатлива алтернатива за милитантниот и морализирачки Фејсбук или Инстаграм резон кој принудува избирање страна, а тоа е да се застане на страната на жртвите, на сите жртви од овој и секој друг конфликт. Тоа е вистинскиот морален и политички императив. Политички затоа што дава насока кон решение, наместо губење во релативизирање и залагање за нешто што сепак не нѐ тангира директно.

Некои луѓе, особено со површни познавања, навистина би требало да го искористат луксузот што не се подложени на бомбите на Израел или главосеците на Хамас, па можат да го искористат својот имунитет наместо „присилно да се регрутираат“ како дел од милитаризираниот јавен дискурс или морализмот на социјалните мрежи.

Тоа, верувам, е достојната позиција за нас, ние, кои не ги трпиме врз нашите тела маките на војната, да се сложиме за тоа да не се задавиме!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема