1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Израел: И ултраортодоксните Евреи мора да служат воен рок

ЖА
25 јуни 2024

Ултраортодоксните Евреи не се ослободени од воена служба, одлучи Врховниот суд на Израел - воениот рок е задолжителен за сите. Долго време тлее незадоволство од сегашните регулативи во големи делови на Израел.

https://p.dw.com/p/4hT9e
И ултраортодоксните Евреи мора да служат воен рок
И ултраортодоксните Евреи мора да служат воен рокФотографија: picture-alliance/imageBROKER

Ултраортодоксните Евреи не се ослободени од воена служба, одлучи Врховниот суд на Израел - воениот рок е задолжителен за сите. Долго време тлее незадоволство од сегашните регулативи во големи делови на Израел. И строго религиозните Евреи се исто така  обврзани да служат воена служба,  Врховниот суд на Израел го реши ова едногласно. Во иднина, вооружените сили на земјата мора да регрутираат и ултраортодоксни Евреи за воена служба, одлучија деветте судии. На овој начин тие одобрија две петиции со кои се бараше итно регрутирање на ултраправославни мажи.

„Во зенитот на суровата војна, бремето на нееднаква распределба на товарот е поголемо од кога било и бара решение“, се вели во пресудата. Нема законска основа за ослободување на ултраправославните од задолжителен воен рок. Обврската за служење воен рок важи за сите, без разлика.

Во Израел мажите треба да служат воен рок три години, а жените две години. Според извештајот на весникот „Тајмс оф Израел“, околу 67.000 ултраортодоксни мажи (Харедим) се сметаат за способни за воена служба. Сепак, само околу 700 од нив се пријавуваат на служба секоја година, објави Хаарец, цитирајќи ги актуелните армиски бројки.

Ултраортодоксните мажи  (Харедим) од основањето на државата Израел се де факто ослободени од општа воена служба за проучување на верски списи. Ова сѐ повеќе  се доведува во прашање од не -ултраправославното население.

 Највисокиот суд во земјата го прогласи изземањето за неуставно. Војната во Појасот Газа, која трае повеќе од осум месеци и активирањето на илјадници резервисти, го влошија незадоволството.

Израелскиот парламент во втората недела од јуни го изгласа нацрт-законот за регрутирање ултраортодоксни Евреи, со кој се предвидува регрутирање на 3.000 Харедими. Понатаму, треба да се намали возраста за ослободување од задолжителна воена служба за строгорелигиозни студенти за да се донесат повеќе од нив на пазарот на трудот. Нацртот, исто така, има за цел постепено да ја зголеми стапката на регрутација на Харедим на 35 проценти до 2036 година.

На крајот на 2018 година, тогашната владина коалиција се распадна поради спорот околу ова прашање. Следеа пет предвремени парламентарни избори до ноември 2022 година, на крајот на кои десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху положи заклетва. За првпат во неа се вклучени и ултраправославни партии кои отфрлаат какви било промени на сегашната регулатива.