1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаАзија

Измама од милијарди евра со климатски сертификати од Кина

Матијас Белингер | Биргита Шилке
12 декември 2024

Дали кинеска фирма со фалсификувани климатски проекти стекнала повеќе од една милијарда евра? Во таа насока укажува заедничкото истражување на тим на ДВ и на телевизијата ЗДФ.

https://p.dw.com/p/4o40H
Нафтено поле Шенгли во Донгјинг, Кина
Ископување нафта во Шандонг, источна Кина (архивска слика): Наводи за измама во климатски проекти на нафтени и гасни полиња во КинаФотографија: Feng Renhua/Imaginechina/dpa/picture alliance

Понудувачот звучел сериозно. Во 2023 година германската фирма Вербио одлучува да инвестира во климатски сертификати од Кина. Понудата дошла од една кинеска фирма по име Бејџинг Карбон. Проектите веќе биле одобрени, Вербио не требало да се грижи за ништо понатаму, ветиле од Бејџинг Карбон.

„Фирмата ни се чинеше многу професионална", вели Штефан Шрајбер, еден од управителите во Вербио. Тој седи во конференциска сала во просториите на фирмата во Швет кај Берлин, од каде се пружа поглед на индустриска зона. Покрај резервоари и цевки редовно поминуваат камиони со цистерни. Вербио е производител на биолошко гориво кој тргува и со ЦО2-сертификати. Во 2023 година фирмата ги стекнува правата на климатски сертификати од Кина. Тие потекнуваат од постројка која користи гас, кој настанува при производството на нафта. Во спротивно тој би бил едноставно само испуштан или согорен.

Поттик за заштита на климата ширум светот

Сертификатите се издаваат во Германија. Идејата е дека парите треба да бидат поттик да се инвестира во заштита на климата на нафтени и наоѓалишта на гас ширум светот. Германската институција, Сојузната служба за заштита на животната средина, веќе ја имала издадено дозволата. На Шрајбер му се чинело дека зделката носи предности. „Работа без ризик", се потсетува тој.

Но, понудата била преубава за да е вистинита.

Стефан Шрајбер, Вербио
Стефан Шрајбер од Вербио беше единствениот купувач кој разговараше со насФотографија: Dmytro Katkov/DW

Заедно со тимот на ЗДФ Фронтал истражувачкиот тим на ДВ анализираше проектна документација, разгледуваше сателитски снимки и разговараше со инсајдери. Проектот на Вербио, назив на досието БЗИА, според нашето истражување со голема веројатност е дел од поголема измама.

Бидејќи дозвола може да се издаде само за нови постројки – на тој начин Германија сака да осигура дека навистина настанува дополнителна заштита на климата.

Стара постројка претставена како нова

Но, ние најдовме многу стари објекти кои се поднесени како нови проекти за заштита на климата. Така и проектот БЗИА: снимка од 2019 година покажува дека постројката комплетно стоела на местот, една и половина година пред да се поднесе проектот за заштита на климата во Германија.  

Детали за постројката Аксу, Кина
Детали за постројката Аксу (сателитска слика од март 2019 година): резервоар за гас, траги од камионски гуми, сигурносен пламенФотографија: Pleiades/Vertical52

Соодветно на тоа е јасна и оценката на Аксел Михаелова, експерт за климатско сертифицирање при Универзитетот во Цирих, кому му ги покажавме резултатите од нашето истражување: „Оваа постројка во никој случај не смеела да биде одобрен. Не смее објектот веќе да постои пред да биде поднесено барањето.“

Шема која ја наоѓаме кај многу проекти: стара постројка се претставува како нов проект за заштита на климата.

Повеќето дискутабилни проекти потекнуваат очигледно од само една кинеска фирма: Бејџинг Карбон е специјализирана за намалување на емисии и трговија со сертификати.

Жената основач претходно на различни раководни функции во кинескиот владин апарат и во државни фирми имала работа со прашања од енергетиката. Заедно со нејзиниот син и други лица во 2011 година ја основала Бејџинг Карбон.

И проектот на Штефан Шрајбер бил развиен од Бејџинг Карбон. Тоа произлегува од официјалната проектна документација. Шрајбер ѝ плаќал на кинеската фирма на рати – колку точно и каде не смее да каже поради клаузула за тајност. Врз основа на документите ние вредноста ја проценуваме на 25 милиони евра.

Имало ли помошници во Германија?

Договорите и документите биле ги задоволувале професионалните стандарди, вели тој: „Ако е измама, од што ние поаѓаме, тогаш мора во Германија да имало луѓе кои таквиот систем го знаат наизуст", убеден е тој. „Инаку тоа не би било можно со ваква професионалност."

Во браншата некои со прст покажуваат на компаниите за контрола, кои, според документите, правеле инспекција на објектите. Бидејќи Сојузната служба за заштита на животната средина не ги проверува објектите, туку во нејзината оценка се потпира на работата на приватни германски компании за контрола. Тие во најголема мера работат самостојно.

Палење на гас Суининг, Сечуан
Палење на гас во Суининг, Сечуан (архивска фотографија: Значаен извор на емисии на ЦO2Фотографија: Tpg/Zuma/picture alliance

Во едно итно писмо од инсајдери во браншата до институцијата дури се искажува уште подалекусежен сомнеж. Компаниите за контрола, пишуваат авторите, „конспирирале“ со Бејџинг Карбон.

Докази за договарања не можевме да најдеме. Но, затоа пак најдовме многу индиции дека фирмите за контрола направиле груби грешки. Во еден случај, според документите, на една постројка се потврдуваат шест големи резервоари за гас, додека фотографиите и сателитските снимки јасно покажуваат дека има само четири. Според ревизорските извештаи, инспектори на компанијата седум пати биле на терен. „Мислам дека не е веројатно оти контролорите биле на терен", заклучува Аксел Михаелова од Универзитетот Цирих. „Овие резервоари не може да се превидат."

Фирмите за контрола во случајов се прилично реномирани. Милер-ББМ Церт е специјализирана за вештачења во врска со животната средина. А Верико СЦЕ е дури уште поголемо име во браншата. Еден од управителите повеќе од десет години ги застапувал интересите на фирмите за контрола од светот пред телата на Организацијата на Обединетите нации. 48 од 66 проекти од Кина ги контролирала барем една од двете фирми. „Тоа морало да падне в очи", смета Михаелова.

Компаниите ги отфрлаат наводите. Верико СЦЕ „не гледа причина за сомнеж на квалитетот на нашата дејност за вештачења, односно на дејноста на нашите ревизори“. А од Милер-ББМ Церт се „убедени дека нема кривично однесување на соработниците од нашето друштво.“

Во Германија во меѓувреме е започнато расветлување на обвинувањата за измама. Сојузната служба за заштита на животната средина стави под задршка 45 проекти и сака да отповика што е можно повеќе сертификати. Тоа нема да биде можно во сите случаи. Некои проекти се веќе завршени. Нови поднесоци за програмата веќе не се примаат. Јавното обвинителство ги претресе двете ревизорски компании. 

Бејџинг Карбон ги остави сите наши прашања неодговорени.
 

Соработка: Јучен Ли

Уредник: Естер Фелден

Проверка на факти: Керолин Томпсон

Правен совет: Флоријан Вагенкнехт

 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик