1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезноста на Бугарите во РСМ слична како лани

3 април 2023

Според бугарски медиуми, бројот на бугарски државјани кои гласале на избирачки места во РСМ бил 453. За споредба, на изборите во октомври лани гласале 461.

https://p.dw.com/p/4PcIY
Бугарија избори
Бугарите во странство гласаа на 737 избирачки места во 61 државаФотографија: BGNES

Мирно и без голем наплив од избирачи помина гласањето на Бугарите на гласачките места во Северна Македонија. Вчерашните парламентарни избори во Бугарија беа петти по ред во две години, откако и по последните избори ниту една партија и коалиција не успеа да формира влада, поради што Бугарија функционираше со службена влада.

Бугарите во странство вчера гласаа на 737 избирачки места во 61 држава. Најмногу гласачки места беа отворени во Велика Британија – 118. Во РСМ се гласаше на седум избирачки места - во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп. Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија најмногу пријавени за гласање во Македонија имало во Кавадарци 42, во Прилеп 41, во Тетово 40, во Струмица 22, во Скопје 15, во Битола 9, и ниту еден во Охрид.

Но, бидејќи можеа да гласаат и оние кои не се пријавиле, а и оние кои имаат и времени патни исправи, според бугарски медиуми бројката на пријавени сепак била надмината, иако „поради заладените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, многу Бугари не се осмелиле да отидат до гласачките кутии“. 

„Најголемиот број гласачи се во Скопје, каде во бугарската амбасада, правото на глас го реализирале 186 лица, малку повеќе од оние што гласаа на изборите во октомври минатата година, кога во Скопје гласаа 172 лица. Во Охрид гласале 65, а во Битола 55 гласачи“, објави 24 часа.

Според весникот, најмалку гласачи (7) го оствариле избирачкото право во Тетово. Бројот на бугарски државјани кои гласале на овие избори во Северна Македонија бил 453, нешто помалку од оние кои гласале на изборите во октомври минатата година (461).

Бугарија избори
Резултатите од изборите покажуваат сериозни поделби во бугарското општество, оценуваат социолозитеФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Исечена автомобилска гума 

Медиумите известија дека изборниот процес бил под засилена полициска заштита, а многу гласачи не сакале да се фотографираат заради нивна лична безбедност. Во мирниот изборен ден, единствен инцидент за кој извести БТВ, е поплака од бугарски граѓани за исечена гума на нивното возило, додека гласале во Скопје.

„Бевме во Скопје неколку дена, и утрото гласавме во бугарската амбасада. По гласањето, кога требаше да тргнеме кон Бугарија, видовме дека гумата на автомобилот е пресечена. Според мене, тоа е провокација бидејќи се знае дека имаме избори во Бугарија, а некои сили сакаат да поттикнуваат тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија. Мислам дека затоа се случило. Не гледам друга причина. Квартот е тивок, во центарот на Скопје“, изјави државјанка на Бугарија пред камерата на БТВ.

Резултатот од парламентарните избори во Бугарија со интерес се следи во РСМ, бидејќи за дијалогот меѓу двете земји е важно источната сосетка да добие политичка влада. Според последните информации, изборните резултати таму не се разликуваат од оние во претходните циклуси. Со обработени 81% од протоколите заклучно со 8 часот, води коалицијата ГЕРБ -СДС (26,67%) пред коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ (24,68%). Националистичката „Преродба“ е третата политичка сила со 14,58% пред ДПС со 12,69%. БСП е на петтото место со 9,03%, а во парламентот како шеста партија ќе влезе и „Има таков народ“ со 4,25%. Според социлозите, овие резултати покажуваат сериозни поделби во бугарското општество и останува неизвесно како ќе се направи соработка меѓу партиите, со оглед дека вакви резултати беа причина минатиот пат да не се формира влада.

Бугарија избори Бојко Борисов ГЕРБ
По обработени 81% од протоколите заклучно со 8 часот, води коалицијата ГЕРБ -СДС (фото: Бојко Борисов)Фотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Промена во однесувањето 

Особено Бугарите во РСМ со голем интерес ги следат процесите во Софија, која впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав го издејствува како услов во Преговарачката рамка, односно чин без кој РСМ не ќе може да го почне отворањето на прегорачките кластери. Посебно внимение е посветен на гласањето во Охрид, градот кој стана емблематичен во односите меѓу двете земји по „случајот Пендиков“.

Иако во Охрид првично немаше пријавени за гласање, правото на глас било реализирано речиси на исто ниво како и на ланските избори. Претседателот на бугарското здружение „Хоризонти“ во Охрид, Љубчо Куртелов, прв кој го пуштил гласачкото ливче на избирачкото место во Охрид, за БНР изјави дека и покрај тензиите против Бугарите во градот во последните месеци, одзивот на гласачите ќе го достигне оној од претходното гласање.

На претходните избори, во есента 2022 година, во Охрид гласале 65 гласачи, а според медиумски извештаи во Бугарија, бројката е иста и годинава.

Куртелов изјавил дека се чувствува промена во однесувањето на сограѓаните Македонци кон Бугарите во крајезерскиот град.

„Има поголема резервираност во личните контакти, а да не зборуваме за социјалните мрежи. Со ова се запознаени многу од бугарските граѓани кои ги следат овие процеси на Фејсбук и другите социјални мрежи. Се насади една омраза кон Бугарија и кон Бугарите, за жал, и тоа е лошо, но да се надеваме дека оттука натаму нештата ќе станат подобри во нашие односи“, вели претседателот на здружението „Хоризонти“.

Куртелов, кој работел и како туристички водич, ги споделил впечатоците за падот на интересот на бугарските туристи за Северна Македонија.

„Иако нема реална опасност, психологијата си го направи своето“, вели тој.

Убеден е дека нема да има промена во политиката на Бугарија кон Северна Македонија, без разлика која политичка сила ќе ја преземе власта во Софија.

„Интересен е овој услов, не од Бугарија, туку од Европа, кој ѝ е поставен на Северна Македонија - и Бугарите да влезат во македонскиот Устав. Од тоа зависи како ќе се развиваат работите. Не мора да си Бугарин во Македонија ако сакаш просперитет и ако сакаш иднина за себе и за младите. Треба да гледаш кон Европа, а патот кон Европа, патот кон Запад, поминува низ Исток, односно преку Бугарија. Најмалку што треба е да се нормализираат нашите односи“, изјавил претседателот на здружението „Хоризонти“.