1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со маски и затворени прозорци против загадениот воздух

ДТЗ
22 ноември 2023

Поради пожар, воздухот во Тетовско е загаден со отрови. Се препорачува носење маски и да не се излегува надвор без потреба. Жителите на Скопје, пак, веќе втор ден дишат нездрав воздух.

https://p.dw.com/p/4ZJN7
загадување Скопје
Со маски и затворени прозорци против загадениот воздух Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Жителите на Тетово и на главниот град Скопје изутринава се разбудија со совети да ги затворат прозорците, да поминуваат што помалку време на отворено и да носат маски ако мораат да излезат надвор. Причината е енормно загадениот воздух. Додека апликациите коишто го мерат квалитетот на воздухот предупредувааат дека жителите на главниот град дишат нездрав воздух, тетовци се загушија во хемикалии, по пожар кој зафати продавница и магацин на фирмата „Евроком“ во близина на тетовското село Фалише, во кои се чувала голема количина бои и други хемиски материјали.

Изгореа 100 тони хемикалии

По информациите дека изгореле околу 100 тони хемикалии, во воздухот е забележано присуство на јаглен моноксид, јаглен диоксид, диоксини и други штетни материи. Исто така, во радиус од 2 километри на луѓето им се препорачува да бидат во своите домови и без потреба да не излегуваат надвор.

„Во наредниот период ќе се изврши испитување на водата и почвата за да се утврди дали има загадување“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов рече дека побарал помош од Армијата за да се испита што побрзо колку е загадувањето поради пожарот на големите колични хемиски материи.

„Се работи за голема количина на бои и лакови и други хемикалии -  можеби и 100 тона, не можат да утврдат колку точно средства имало во моментот. Од Министерството за животна средина побарав мобилна станица за мерење на загаден воздух, но немаат таква опрема. Стапивме во контакт и со Армијата од одделот за биолошко и хемиско оружје кои минатиопт пат кога имаше голем пожар ги искористивме за испитување на постоење на отрови во воздухот“, изјави Ангелов.

Тетово
По пожарот во Тетовско, воздухот е полн со отрови. фото:архиваФотографија: Arbnora Memeti/DW

Сезона на опасно живеење

Тетово денеска се најде на 20-то место по загаденост во светот на ранг листата која што ја објавува апликацијата AirCare. Градот кој и онака мака-мачи со дивите депонии и големото загадување, сега се соочува со опасност од голема количина на хеликалии во воздухот. 

Веќе втор ден нездрав воздух дишат и жителите на главниот град Скопје. Така барем предупредуваат апликациите коишто ја мерат концентрацијата на опасни честички во воздухот. Скопје се најде на седмото место по загаденост во светот на листата која што ја објави порталот Iqair.com. 

Прогнозите за идните денови се пооптимистички што се однесува до квалитетот на воздухот кој ќе го дишат граѓаните, но за денеска се препорачува да се затворат прозорците, да не се спортува на отворено, да се носат заштитни маски и во домовите да се користат прочистувачи на воздухот.

Моментално, концентрација на ПМ2,5 честички во воздухот е 75.2 µg/m³  и е за 15 пати поголема од годишната вредност во Упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација. Најзагадено е во Гази Баба, Центар и во Лисиче.