Неверојатен подем на десничарските Шведски демократи
14 септември 2022Додека Европа ги чека конечните резултати од шведските избори кои беа крајно неизвесни и драматични, некои се прашуваат: Како се случи ова? Во Шведска, бастион на толеранцијата, националистичка и антиимигрантска партија е на чекор да се приклучи на десничарската коалиција во составувањето на владата. Погледот на потеклото и траекторијата на партијата дава некои одговори на овие дилеми.
Каква е моменталната состојба на изборните резултати?
Во неделата, Шведска одржа национални избори за нејзиниот законодавен дом, Риксдаг. Со преброени повеќе од 95% од гласовите, победникот сѐ уште не е прогласен. Излезните анкети во неделата вечер првично покажаа победа на левиот центар на социјалдемократите, кои се на власт од 2014 година.
Но, како што напредуваше пребројувањето на гласовите, десничарскиот блок составен од Либералите, Демохристијаните, Умерените и Шведските демократи сега се чини дека е на пат да победи, моментално со 49,7 отсто од гласовите.
Социјалдемократите досега добија најголем процент од гласовите, 30,5%. Но, во моментов, Шведските демократи се втората најсилна партија, освојувајќи 20,6 отсто од гласовите во нивните најдобри досегашни изборни перформанси. Тоа ги прави најголема партија на десницата, пред Умерените, кои се на трета позиција со 19,1%.
Не се очекува изборите да бидат решени додека не се пребројат сите поштенски гласачки ливчиња.
Кое е потеклото на Шведските демократи?
Основани во 1988 година, Шведските демократи обединија различни елементи во шведското крајно десничарско милје, вклучувајќи фашисти и приврзаници на белата моќ. „Некои од нив, исто така, имаа врски со неонацистички движења“, вели Јохан Мартинсон, професор по политички науки на шведскиот универзитет во Гетеборг.
Меѓутоа, околу средината на 90-тите, новото партиско раководство јавно го осуди нацизмот.
„Постепено, партијата почна да се нормализира и целосно да го забранува расизмот“, објаснува Мартинсон, кој напиша опширен труд за партијата. Екстремистичките членови беа исфрлени, а нејзината платформа беше преобликувана.
Но, според Булент Кенес, прогонуван поранешен уредник на турски весник кој живее во Шведска барајќи азил од 2016 година, „тие имаат скриена агенда“. Тој верува дека партијата само става сочувствителен лик на својата неонацистичка идеологија со цел да ја направи општествено поприфатлива.
Свеж лик во партиското раководство
Во 2005 година, сегашниот лидер на партијата Џими Акесон дојде на чело на групата. Поранешниот член на Умерената партија го оттурна имиџот на шведски демократ, одејќи во повеќе популистичка насока.
Паралелно со другите десничарско-популистички движења, партијата се обиде да се прикаже себеси како „заложник за 'обични луѓе' против корумпираната елита во екот на глобалната рецесија“, напиша научникот Даниеле Ли Томсон во трудот за подемот на Шведските демократи .
Како дел од напорите за проектирање понежна слика, логото на партијата исто така беше променето: од шведското знаме отелотворено како запален факел до цветот во боите на знамето - жолта и сина.
Партијата го имаше своето деби во Риксдаг во 2010 година кога доби речиси 6% од гласовите. Но, се бореше да придобие внимание. Тоа се промени по миграциската криза во 2015 година.
Шведските демократи одат на мејнстрим
Во голема мера поради граѓанската војна во Сирија, Европа се соочи со бран претежно муслимански бегалци во 2015 година. Во текот на една година, 1,3 милиони луѓе избегаа во Европа; Шведска прими околу 163.000 баратели на азил (Германија прими околу 1 милион).
Шведска таа година забележа втор најголем број барања за азил по глава на жител во Европа, по Унгарија. Политикологот Мартинсон ова го гледа како главен фактор за засилувањето на партијата.
„Главната причина за успехот на партијата во последната деценија беше уникатно високиот број на баратели на азил во Шведска и невообичаено брзо менување на демографијата во однос на етничката припадност и уделот на граѓаните родени во странство“, изјави тој за ДВ.
Со имиграцијата како топ тема и на изборите во 2014 и 2018 година во Шведска, Шведските демократи извлекоа капитал од ова прашање.
Турскиот новинар Кенес оценува дека нејзината одбрана на „шведството“ носи резултати.
„Особено недоволно образованите луѓе чувствуваат закана од евтината работна сила на имигрантите“, вели тој. „Тие мислат дека [владејачките] социјалдемократи повеќе не ги застапуваат нивните интереси.“
Сè повидливото насилство и активноста на бандите исто така играат улога во подемот на Шведските демократи. Партијата повеќе од двојно ја зголеми својата позиција на изборите во 2014 година, добивајќи околу 13 отсто од гласовите. Во 2018 година тој удел стана 18%. Кога централно-десничарските умерени се согласија да соработуваат со Шведските демократи во 2019 година, ова ја постави основата за евентуален влез во власта.
Изненадување
„За мене е изненадувачки што ги гледам како втора по големина партија на изборите“, вели Кенес за ДВ, зашто Шведските демократи изгубија позиции за време на пандемијата, бидејќи гласачите сѐ повеќе се вртеа кон етаблираните партии.
Тој оценува дека настрана од имиграциското прашање, економските ефекти од Ковид-19 и руската инвазија на Украина одиграле улога во зајакнувањето на популарноста на партијата, особено меѓу работничката класа. Кенес не верува дека сите гласачи на Шведските демократи ја делат националистичката идеологија на партијата, туку дека „реагираат на инфлацијата и економското влошување“.
За што се залагаат Шведските демократи?
Што се однесува до политикологот Мартинсон, тој ги дефинира Шведските демократи како „главно антиимиграциска партија со националистичка идеологија“, но избегнува да ја опише како екстремна или радикална десница.
„Во економска смисла, партијата е поцентристичка и прагматична, со мешавина од предлози од левицата и десницата“, вели Мартинсон.
Новинарот Кенес, сепак, останува убеден дека партијата е закана за демократијата. Тој укажува на неодамнешниот преглед, кој покажува дека 214 кандидати на шведските демократи кои учествуваа на последните избори може да бидат поврзани со десничарскиот екстремизам.
Шведските демократи имаат за цел - нула баратели на азил, заедно со подолги затворски казни и поширока употреба на депортација. Партијата има и евроскептичен став.
„Шведска беше одлична земја, безбедна земја, успешна земја - и може да биде повторно“, објави „Политико“, пренесувајќи ја изјавата на Акесон за време на митингот во Хелсингборг претходно овој месец.
„Време е да ни дадете шанса повторно да ја направиме Шведска голема“, рече тој.