1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Босна и Херцеговина: Нема подобрување на повидок

Зоран Арбутина
1 октомври 2022

В недела ќе има избори во Босна и Херцеговина. И покрај клиентелизмот, корупцијата и сиромаштијата, владејачките националисти не треба да се плашат од пораз.

https://p.dw.com/p/4HWjc
Зградата на владата на БиХ во Сараево
Зградата на владата на БиХ во СараевоФотографија: DW/Mehmed Smajic

Ситуацијата е сериозна: „Нема закана од војна во Босна и Херцеговина, но политичката криза е многу длабока“, нагласи Кристијан Шмит на прес-конференција во босанската престолнина Сараево пролетта 2022 година. Во извештајот до ОН, поранешниот германски министер за земјоделие и денешен висок претставник на меѓународната заедница во малата земја на западен Балкан, веќе предупреди од „најголемата егзистенцијална закана“ за Босна од крајот на војната во 1995 година. Одговорни за оваа закана се националистичките партии на трите народи на мултиетничката држава кои се „конститутивни“ според Уставот - Партијата за демократска акција (СДА) на Бошњаците, Здружението на независни социјалдемократи (СНСД) на босанските Срби и Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на Хрватите во земјата. Во изминатите 27 години тие длабоко и меѓусебно политички ја поделија Босна.

Младите и изборите во Босна и Херцеговина

Наследството од Дејтон

Во овој контекст, босанските избирачи се повикани на 2 октомври 2022 да гласаат за различни политички нивоа во многу комплицираната структура на нивната држава. Босна ја должи својата политичка и административна структура на мировниот договор од крајот на 1995 година склучен во американската воздухопловна база во Дејтон, Охајо. Од една страна,  „Дејтон“  стави крај на босанската војна, во која беа убиени околу 120.000 луѓе од 1992 година - но од друга страна создаде држава во која  владее националниот принцип.  Започнува со двата дела на земјата познати како „ентитети“: босанските Срби живеат во Република Српска (РС), додека Бошњаците и босанските Хрвати живеат во десетте кантони на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ). Во повеќето мнозински бошњачки области доминира СДА, во повеќето мнозински хрватски - ХДЗ.

И двата ентитета имаат свои парламенти и влади. Претседателот на РС и на Парламентот на РС треба да бидат реизбрани на 2-ри октомври. Покрај тоа, тука е и себосанскиот парламент, тројцата членови на Претседателството - колективниот шеф на државата на Босна - и парламентите на ентитетот ФБиХ и кантоните.

Босна и Херцеговина
БиХ: Седница на Парламентот на РС - во салата има српско знамеФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Фатална грешка

Во Дејтон беше создадена и  Канцеларијата на високиот претставник (ОХР).  „Опремен“ со широки овластувања, таканаречени „Бонски овластувања“, Високиот претставник треба да го надгледува почитувањето на одредбите од мировниот договор и доколку смета дека е соодветно, дури и да влијае во одреден момент. На пример, Високиот претставник може да менува закони, да отстранува избрани политичари или да отпушти државни службеници. Освен тоа, политичкото уредување на повоена Босна се заснова исклучиво на етно-принципот. Ова оди до таму што само членовите на конститутивните народи имаат целосно активни и пасивни гласачки права на сите нивоа на власта. Припадниците на бројните малцинства во Босна - Роми, Евреи или дури и сите граѓани кои не сакаат да се класифицираат етнички - не можат да се кандидираат за државното претседателство.

Непотизам и корупција

За националистичките партии етничкиот клуч е главниот инструмент за освојување на власта и нејзино задржување. При пополнувањето на речиси сите места во администрацијата, во државниот апарат и во многуте државни или државно контролирани фирми, се внимава не само на етничката, туку и на партиската припадност. Тоа се идеални предуслови за непотизам и корупција, а се поттикнува и политичката послушност. 

Друга последица е фактичката неможност да се владее со земјата. Насочени пред сѐ кон тоа да се зацврсти влијанието на нивниот етникум, националистичките партии покажуваат малку интерес за функционални или централизирано институции. Па така босанскиот Уставен суд со месеци не е во полн состав, владата на Федерацијата работи со години провизорно, важни закони не може да бидат изгласани зашто парламентите постојано се блокирани.

Карта на БиХ
Карта на ентитетите во БиХ

Алијанса на националистите

Освен тоа Милорад Додик, кој е и претставник на босанско-српскиот конститутивен народ во Претседателството на БиХ, постојано се заканува со отцепување на Република Српска. Со тоа и босанската јавност, но и претставниците на меѓународната заедница во земјата постојано ги држи во еден вид перманентна вонредна состојба. ХДЗ го поддржува. Хрватските националисти недостигот од соработка во државните институции го оправдуваат со незадоволство со Изборниот законик кој наводно Хрватите во Босна ги ставал во многу полоша положба отколку Бошњаците. Според нив, претставникот на Хрватите во Претседателството, Жељко Комшиќ, бил пред сѐ избран од бошњачките граѓани, критикува претседателот на ХДЗ, Чович. Социјалдемократот и не-националист според него, затоа не е претставник на босанските Хрвати. 

А партијата на Бошњаците?

И таа, која нанадвор се презентира како гарант за заедничка босанска држава, токму неодамна повторно покажа дека знае да свири националистички тонови: незадоволни со најавата на Високиот претставник дека сака да го измени Изборниот законик, наводно во полза на Хрватите, СДА организираше масовни протести пред неговото седиште во Сараево. Претседателот на партијата, Бакир Изетбеговиќ зборуваше за „можноста за вооружан отпор”.  Како последица на тоа,  Кристијан Шмит се откажа од намерите и донесе само неколку помали технички измени.

СДА организираше масовни протести пред седиштето на Шмит во Сараево
СДА организираше масовни протести пред седиштето на Шмит во СараевоФотографија: Klix.ba

Помошници од надвор

Националистите на Босна имаат и поддржувачи во странство. Па така  Додик често е во друштво на српскиот претседател  Александар Вучиќ и отворено покажува дека Белград му е поважен од Сараево. Чович за неговите барања е поддржуван од водечки политичари во хрватската метропола Загреб. Изетбеговиќ пак речиси да се фали со неговата идеолошко-политичка, но и лична  блискост со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Да се остане или да се замине?

Долгогодишниот политички застој предизвикан од политиката на блокади на националистичките партии и нивните ментори ја руинираше Босна: индексот за корупција на Транспаренси интернешнл земјата ја става на 110 од 180 места во 2021 година. Економијата е една од најслабите во Европа, сиромаштијата е широко распространета. Стапката на невработеност изнесува околу 16 проценти. Сѐ повеќе луѓе ја напуштаат Босна. Од 2013 заминале речиси половина милион, во 2021 година околу 170 илјади. Во 1991 земјата имала околу 4,4 милиони, во 2020 само уште 3,3 милиони. Повеќето исселеници заминале во земји од ЕУ. Членство на Босна во ЕУ веќе четврт век е декларираната цел на сите политички сили во земјата. Но, дури и од кандидатскиот статус Босна која во 2016 година побара членство, е мошне далеку. Брисел направи чеклиста со 14 точки по чие исполнување патот кон пристапните преговори барем би бил отворен - но, за сега не е исполнета ниту една од нив.

Подобрување или крај на кризата преку избори во Босна е сосем неверојатно. Со оглед на ситуацијата, на почеток цитираната проценка на Високиот претставник, дека на земјата не ѝ се заканува војна, е барем смирувачка.