1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Историјата на конфликтот меѓу Израел и Хамас

Астрид Пранге
13 октомври 2023

Ракетни и самоубиствени бомбашки напади од една страна. Воени офанзиви и блокади од друга. Хроника на вооружениот конфликт меѓу Израел и Хамас.

https://p.dw.com/p/4XQnl
По нападот на Хамас: израелската армија истрела проектили кон Појасот Газа
По нападот на Хамас: израелската армија истрела проектили кон Појасот ГазаФотографија: Erik Marmor/AP/picture alliance

Хамас произлезе од израелско-палестинскиот конфликт, кој останува нерешен до ден-денес. Основачот и духовен водач на Хамас, Шеик Ахмад Јасин (1936-2004) израснал во Појасот Газа и таму беше целно убиен од страна на израелските сили на 22 март 2004 година.

Милитантната палестинска организација не ја признава државата Израел. Според сопствените изјави, нејзина цел е да го елиминира Израел по воен пат и да воспостави исламска држава.

Хамас е класифициран како терористичка организација од ЕУ, САД, Израел и од други, вклучително и арапско-муслимански, држави.

Од нивна гледна точка, мисијата на „светата војна против тираните“, утврдена во основачката повелба на Хамас, ги легитимира постојаните воени конфликти со Израел. Неодамнешниот терористички напад врз Израел од Појасот Газа на 7 октомври годинава доведе до максимална ескалација меѓу двете страни.

Во продолжение хронологијата на клучните настани во долгогодишната конфронтација.

1987: Прва интифада

Првата интифада, позната и како „Војна на камења“, беше насилниот судир меѓу израелската армија и трите палестински организации Хамас, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и Народниот фронт за ослободување на Палестина. Повод беше судирот на израелски воен камион со две палестински такси возила на 8 декември 1987 година.

Четворица Палестинци загинаа во близина на граничниот премин Ерез, на северната граница со Појасот Газа. Хамас, кој беше основан непосредно пред тоа, ги искористи и ги предводеше бунтовите на населението против израелските војници. Имаше и мирни акции како што се штрајкови на граѓански групи. Од 1991 година, вооружените судири се намалуваа.

Граничен премин Ерез меѓу Појасот Газа и Израел - овде со израелски тенк фотографиран во ноември 2012 година
Граничен премин Ерез меѓу Појасот Газа и Израел - овде со израелски тенк фотографиран во ноември 2012 годинаФотографија: Getty Images/AFP/Jack Guez

1989: Забрана на Хамас во Израел

Во 1989 година, Хамас беше забранет во Израел. Лидерот на Хамас Ахмад Јасин беше уапсен од израелските власти и осуден на доживотен затвор во 1991 година за поттикнување на убиство на таканаречените палестински соработници на Израел и за поттикнување на киднапирање и убиство на двајца израелски војници.

1993: Самоубиствени бомбашки напади

Во 1993 година, Израел и ПЛО во Осло се изјаснија за меѓусебно признавање. За да го торпедира овој мировен процес, Хамас организираше бран самоубиствени напади.

За нападите се тврдеше дека се одмазда за масакрот на 29 Палестинци на 25 февруари 1994 година. На тој ден, еврејскиот лекар Барух Голдштајн пукаше и уби муслимани кои се молеа во џамија во Хеброн.

2000: Втора интифада

Мировниот процес во Осло брзо заглави. На крајот на септември 2000 година, посетата на тогашниот израелски опозициски лидер Ариел Шарон на Ридот на храмовите ја предизвика Втората интифада

Бројни демонстрации за поддршка на Израел

На вториот ден од посетата имаше насилни демонстрации кои беа растурени од израелската полиција со вооружена сила. Четири лица загинаа, а околу двесте беа повредени.

Потоа избувнаа насилни протести против израелскиот безбедносен персонал во Појасот Газа и на Западниот Брег. Започна втората интифада.

Израелското Министерство за надворешни работи регистрираше вкупно 425 напади на Хамас во периодот од 27 септември 2000 до 2004 година, во кои загинаа 377 Израелци и беа повредени 2.076 израелски цивили и војници.

2005: Израел се повлекува од Газа

Во 2005 година, тогашниот израелски премиер Ариел Шарон го спроведе повлекувањето на сите Израелци од Појасот Газа - и војниците и израелските доселеници. На 12 септември 2005 година, по 38 години заврши израелското присуство во дотогаш окупираниот Појас Газа .

2006: Хамас победи на изборите

На палестинските парламентарни избори на 25 јануари 2006 година Хамас победи со 44 отсто од гласовите и доби мандат да формира влада. Во септември 2006 година, Хамас се согласи да формира влада на национално единство со партијата Фатах. Сепак, оваа коалиција траеше само неколку месеци поради борбата за власт меѓу двете палестински партии во Појасот Газа.

Поддршка за палестинските бегалци (не само) во Појасот Газа: Организацијата за помош на ОН - УНРВА
Поддршка за палестинските бегалци (не само) во Појасот Газа: Организацијата за помош на ОН - УНРВАФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

2007: Раскол

На 12 јуни 2007 година, вооружените формации на Хамас го нападнаа седиштето на Фатах, а потоа ја презедоа контролата врз целиот Појас Газа. Оттогаш, постои внатрешен палестински политички јаз: Хамас владее со Појасот Газа, а палестинските автономни власти, во кои доминира партијата Фатах, управува со делумно автономните области на Западниот Брег.

Во Газа повеќе немаше избори откако Хамас дојде на власт. Израел го прогласи Појасот Газа за „непријателска територија“ во 2007 година и го заостри опсежното блокирање на Појасот што продолжува до денес, и кое делумно го спроведува и Египет.

2008: Прва војна во Газа

По краткиот прекин на огнот со посредство на Египет меѓу Израел и Хамас во летото 2008 година, Хамас повторно го нападна Израел со ракети. Израел одговори со воената офанзива „Леано олово“ на 27 декември 2008 година. Таа заврши речиси еден месец подоцна на 18 јануари 2009 година.

Според палестинската организација за човекови права ПЦХР, притоа загинале 1.417 луѓе, од кои 926 цивили, а според израелските наводи, загинале 1.166 Палестинци, од кои 295 цивили.

Војна во Газа 2021: зграда уништена од израелски напади во Рафах, на југот од Појасот Газа
Војна во Газа 2021: зграда уништена од израелски напади во Рафах, на југот од Појасот ГазаФотографија: AFP via Getty Images

2012: Втора војна во Газа

На 14 ноември 2012 година започна уште една, овојпат осумдневна војна меѓу Хамас и Израел. Кратко потоа, на 29 ноември 2012 година, Генералното собрание на ОН ја призна Палестина како држава набљудувач - „нечленка“. За надградба на нејзиниот меѓунарoдноправен статус гласаа 138 од 193 земји членки на Светската организација. Германија беше воздржана. Палестинската управа оттогаш се нарекува себеси како „Држава Палестина“.

2014: Трета војна во Газа

По долготрајните ракетни напади врз Израел од Појасот Газа, на 8 јули 2014 година во Појасот Газа започна нов воен конфликт со ракети и воздушни напади меѓу Израел и Хамас. На 17 јули Израел започна копнена офанзива. Војната заврши со привремен прекин на огнот на 26 август.

2021: Четвртта војна во Газа

10 јуни 2021 година ја означува наредната војна меѓу Израел и Газа откако Хамас истрела ракети кон Ерусалим. Претходно имаше повеќенеделни безредија, особено во источен Ерусалим, поради принудното иселување на палестинските домови во населбата Шеик Џара и насилството на Ридот на храмовите и џамијата Ал Акса. Војната заврши со прекин на огнот на 21 мај 2021 година.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи