1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

„Леопард 2“: Запрепастеност во САД од односот на Германија

Себастијан Хесе | АРД
24 јануари 2023

Се зборува за „пукнатини“ и за „сериозен предизвик за западното единство“: во Соединетите Американски Држави се зголемува неразбирањето за колебањето на официјален Берлин да ѝ испорача тенкови „Леопард 2“ на Украина.

https://p.dw.com/p/4McYT
Германскиот канцелар Олаф Шолц со војници на Бундесверот пред тенк од типот „Леопард 2“
Германскиот канцелар Олаф Шолц со војници на Бундесверот пред тенк од типот „Леопард 2“Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture-alliance

Не секој ден се чита ваква отворена критика за Германија на толку видно место во САД: „Германија одбива да испрати тенкови во Украина: Бајден не смее да го толерира тоа!“. Ова е насловот на уредничкиот коментар во „Вашингтон пост“ за време на викендот.

Левичарско-либералниот весник ја нападна владата на канцеларот Олаф Шолц со разорни зборови: Германија му ја нанесе првата голема пукнатина на досега збиениот фронт на НАТО. Колебањето на Германија е сериозен предизвик за западното единство.

„Тогаш испратете три Абрамса“

Таков е ставот и на демократскиот сенатор Ричард Блументал од Конектикат, кој штотуку се врати од Украина. Тој не сакаше да дозволи недоразбирање: „Германија треба да ги стави на располагање тенковите „Леопард 2“! Ако тоа зависи само од испраќањето на тенковите „Абрамс“ од САД, тогаш тоа треба да се случи! Ако само тоа ги натера Германците, тогаш тоа е вистинската работа“, рече 76-годишниот пратеник, „тогаш едноставно испратете три Абрамса, за да се пробие блокадата“.

Американски тенк од типот „Абрамс“ во акција на воена вежба во Романија
Американски тенк од типот „Абрамс“ во акција на воена вежба во РоманијаФотографија: picture-alliance/Newscom/J. Farmer

„Некако ќе најдат начин“

На сите ТВ канали во САД во моментов можат да се видат воени експерти кои шпекулираат за очигледно претстојна пролетна офанзива на руските копнени трупи. Тоа го стори и поранешниот генерал Весли Кларк на Си-Ен-Ен. „На Украина ѝ претстојат сериозни борби“, нагласи високо одликуваниот  ветеран од војните во Виетнам и од Косово, кој има семејни корени во Русија. На Украинците им е потребна тешка воена опрема што е можно поскоро. „Побаравме од Германија да направи чекор напред“, рече поранешниот генерал Кларк. „Тоа сѐ уште не го направиле, но некако ќе најдат начин“.

Американската влада привлекува со ласкање

Во секој случај, администрацијата на претседателот Џо Бајден сака да го избегне впечатокот за разнишан фронт против Путин. Таа јавно не притиска, туку привлекува со ласкање. Владините претставници, како  портпаролот на Стејт Департментот, Нед Прајс, неуморно нагласуваат колку доверлив партнер е германската сојузна влада. „Германија е непоколеблив сојузник“,  истакна вчера Прајс. Ова се покажало и со воената помош за Украина. На прашањето дали тенковите „Абрамс“ може да бидат испорачани во Украина како предуслов за испорака на германските тенкови „Леопард 2“, портпаролот на Министерството за надворешни работи рече дека не сака да споредува јаболка со круши. Спротивно на она што го бара „Вашингтон пост“, владата на Бајден избегнува секаква отворена конфронтација и му дава повеќе време на Берлин да размисли за тоа. Засега.