1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: Почнаа погребни церемонии за Раиси и другите загинати

ЕМФ | агенции
21 мај 2024

По смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа, во Иран започнаа церемонии на жалост кои траат неколку дена.

https://p.dw.com/p/4g5xV
Иран Тебриз погребна поворка
Камион со ковчези покриени со иранското знаме се пробива низ толпата во ТебризФотографија: Fatemeh Bahrami/Anadolu/picture alliance

Во иранскиот град Тебриз денеска (21.05) се собраа десетици илјади луѓе на церемонија за иранскиот претседател Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и другите жртви во хеликоптерската несреќа,објави иранската државна телевизија.

Многу од луѓето кои се собраа на централниот плоштад во градот вееја знамиња и носеа портрети на 63-годишниот Раиси и други жртви на несреќата, покажуваат сликите на агенцијата АФП. Низ толпата се пробива камион со ковчези покриени со иранското знаме.

Во својот говор на почетокот на церемонијата, министерот за внатрешни работи на Иран, Ахмад Вахиди им оддаде почит на жртвите. Членовите на иранската влада ја имаа честа „да му служат на овој сакан претседател, на овој вреден претседател“, рече тој.

Погребна поворка во Иран за претседателот Ебрахим Раиси
Погребна поворка за иранскиот претседател Ебрахим Раиси Фотографија: Sha Dati/Xinhua/IMAGO

Претседателот Раиси, министерот за надворешни работи Амир-Абдолахиан и неколку други лица беа во хеликоптерот кој во неделата се урна во северозападниот дел на земјата, над планински терен во лоши временски услови. По повеќечасовна потрага, нивната смрт беше констатирана во понеделникот.

Од Тебриз, телото на Раиси ќе биде пренесено до шиитското место за аџилак Ком, пред да биде пренесено во главниот град Техеран во текот на вечерните часови. Таму за утре е планирана погребна поворка, а во четврток ќе следи церемонија во родниот град на Раиси, Машчад, на североистокот на земјата.

По смртта на Претседателот, владата прогласи петдневна национална жалост во Иран. Досегашниот заменик на Раиси, Мохамед Мохбер, беше назначен за преоден претседател. Државниот врв и судството го одредија 28-ми јуни како датум за одржување претседателски избори.