Иран извршил воздушни напади во Ирак и во Сирија
16 јануари 2024Иранската револуционерна гарда изврши напади со балистички ракети врз повеќе „терористички“ цели во Сирија и во автономниот ирачки регион Курдистан, објавија денеска државните медиуми во Иран.
Во нападите се уништени „шпионски штаб“ на израелската тајна служба Мосад и „собир на антиирански терористички групи“ во Ербил, главниот град на ирачки Курдистан, објави официјалната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на соопштение на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Нападите врз цели во ирачкиот Курдистан се одмазда убиството на генерал на Гардата во близина на Дамаск кон крајот на декември, за кое Иран го обвини Израел, соопшти ИРГЦ.
Во нападите во Ербил загинаа четири лица, а шест се ранети, соопшти Советот за безбедност на ирачки Курдистан.
Истакнатиот бизнисмен Пешрау Дизаје е меѓу неколкуте убиени цивили, соопшти Демократската партија на Курдистан.
Иранската револуционерна града, исто така, погоди цели во Сирија со балистички ракети, вклучувајќи и „места на собирање команданти и клучни елементи поврзани со неодамнешните терористички операции, особено групата Исламска држава“, беше објавено на нејзиниот веб-портал Сепах њуз.
Се додава дека нападот во Сирија бил одговор на неодамнешните напади на терористичките групи кои убија Иранци во јужните градови Керман и Раск.
На 3 јануари, бомбаши самоубијци нападнаа толпа луѓе собрани во близина на гробот на почитуваниот генерал на ИРГК Касем Сулејмани во Керман, при што загинаа околу 90 луѓе. Терористичката организација Исламска држава подоцна ја презеде одговорноста за нападот.
Во декември, најмалку 11 ирански полицајци беа убиени во напад на полициската станица во Раск. Одговорноста ја презеде џихадистичката група Џаиш ал-Адл (Армија на правдата), која е формирана во 2012 година и која Иран ја стави на црната листа како „терористичка“ група.