1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: Борба за моќ околу новиот закон за носење шамија

Шабнам фон Хајн
18 декември 2024

Спорот околу новиот закон за хиџаб во Иран ја подели дури и политичката елита. Набљудувачите гледаат борба за моќ меѓу тврдокорните и умерените. Без разлика на исходот, жените активистки веруваат во промени.

https://p.dw.com/p/4oHks
Жени  бојкот  шамија  Иран
Многу жени го бојкотираат законот за носење шамија во ИранФотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/picture alliance

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан стави вето на законот за носење шамија што неодамна го усвои парламентот и го вклучи Националниот совет за безбедност - највисокото тело за одлучување во Исламската Република за безбедносни прашања. Пезешкијан се надева дека законот таму барем делумно ќе биде ревидиран. Според весникот „Хамшахри", претседателскиот советник Али Рабиеи го оправдал овој чекор со можните социјални последици од законот.

Законот, наметнат од тврдокорните исламисти  во парламентот, предвидува драстични казни за жените кои ќе ја прекршат обврската да носат шамија. Тие вклучуваат високи казни, одземање на јавните услуги, насочени мерки против истакнати луѓе, како што се забрани за вршење професија и забрани за патување, како и конфискација на до пет проценти од имотот.

Во последниве недели, медиумски професионалци, наставници и активисти за детска заштита во неколку соопштенија повикаа на суспензија на контроверзниот закон за хиџаб. Тие го опишаа законот како „еклатантна навреда“ за населението и предупредија на општествени последици.

Утврдени фронтови

Во дебата на платформата „Азад Медија“, основана од Универзитетот Шариф за да промовира критичко размислување, професорот по кривично право Мохсен Борхани на 9-ти декември остро го критикуваше законот: „Со ваквите псевдо-закони, Парламентот врши дополнителна поделба на општеството.“

Иран Техеран жени облека
Во поголемите градови во Иран, многу жени повеќе не се придржуваат до строгите исламски правила за облекувањеФотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/picture alliance

Борхани, кој беше уапсен и суспендиран од Универзитетот во Техеран во 2023 година поради неговата критика на политичкиот систем, би можел да се врати на својата фотелја во мандат на  претседателот Масуд Пезешкијан. Адвокатот и криминолог сега предупредува на последиците од законот за хиџаб, кој не само што ги крши граѓанските права, туку и ја поткопува верата во религијата.

Набљудувачите сметаат и дека спорот околу законот е борба за моќ меѓу тврдокорните и умерените сили. За време на неговата изборна кампања, претседателот Пезешкијан вети дека ќе заземе поумерен курс.

Ни Пезешкијан не е подготвен да разбере што навистина сакаат жените, вели активистката за човекови права и поранешна новинарка Фаезех Абдипур во интервју за ДВ. Од Исламската револуција во 1979 година, жените се обврзани да носат шамии. Новиот закон сега има за цел драстично да ги заостри казните за неносење. Абдипур, која неколкупати беше апсена поради нејзината посветеност на верските малцинства и човековите права, нагласува:  „Жените во Исламската Република научија да се борат  секојдневно и доследно за својата слобода и за своите животи. Сакаат сами да одлучат што носат. Но, за жал, политичкиот систем веројатно нема да попушти по ова прашање“.

Ситуацијата за жените кои одбиваат да носат хиџаб постојано се заострува. „Се вршат патроли на полицијаата за морал во метрото и на раскрсниците, се делат казни за неносење хиџаб“, известува Абдипур. Нејзиниот сопствен автомобил бил одземен пред неколку месеци поради „прекршување“ на правилото за носење шамија. „Казната што морав да ја платам беше екстремно висока“, додава таа.

„Жените кои јавно го креваат гласот или објавуваат фотографии без хиџаб на социјалните мрежи се под притисок да избришат содржина, често под закана од правни последици. Поранешните затвореници - како мене - исто така продолжуваат да бидат прогонувани од безбедносните власти."

Општествени промени

Во поголемите градови во Иран, многу жени веќе не се придржуваат до строгите исламски правила за облекување. Овој тренд следеше по масовните протести во есента 2022 година, кои го раздвижија глобалното мислење под мотото „Жена, живот, слобода“.

Иран, Мохамад Галибаф и командантот на Иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами
Шефот на парламентот во Иран, Мохамад Галибаф и командантот на Иранската револуционерна гарда, Хосеин Салами, се залагаат за стриги контроли за жените Фотографија: Icana/Zumapress/picture alliance

Политичарите од конзервативните кругови, како што е поранешниот претседател на парламентот Али Лариџани, човек од доверба на верскиот водач, ајатолахот Хамнеи, исто така го критикуваат новиот закон за хиџаб дека не е вистинскиот одговор на овој тренд. „Ваков закон не ни треба, но најмногу ни треба ангажман за културно убедување“, нагласува Лариџани.

Но, токму оваа политика на културно убедување пропадна, вели активистката Шива Кианфар. Кианфар, која побегна во Германија поради  државна репресија, ги гледа протестите во 2022 година како пресвртница: „Најдоцна од демонстрациите низ целата земја,  се случи преосмислување во општеството.  Многу семејства сега се на страната на жените кои веќе не сакаат да се повинуваат."

За време на протестите во 2022 година, Кианфар беше уапсена во градот Урмија и помина неколку месеци во озлогласениот затвор Урмија. „Дури и таму одбивме да ја носиме шамијата пред нашите сослушувачи“, се сеќава таа.

За нивниот отпор, таа и нејзиното семејство платиле висока цена - тие беа ослободени само со кауција, а потоа продолжија да бидат под притисок. За Кианфар, тековниот отпор на жените е израз на длабока општествена промена - промена за која таа верува дека повеќе не може да се запре.