1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли руско финансирање на македонска партија?

8 март 2023

Минатата недела албанскиот премиер посочи дека извештај на ЦИА укажувал оти Русија финансирала партија во Албанија, но и во Северна Македонија, Црна Гора и БиХ.

https://p.dw.com/p/4ONrm
Русија рубљи пари финансии
Заклучоци од извештај на ЦИА укажувале дека Русија финансирала партија во Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, за да ги дестабилизира тие земји, изјави албанскиот премиер РамаФотографија: Karl-Josef Hildenbrand/dpa/picture alliance

Воздржаност владее околу наводите што ги изнесе албанскиот премиер Еди Рама за време на минатонеделната дебата во албанскиот парламент, која беше побарана од опозицијата во врска со „случајот Мекгонигал“. Во таа дебата Рама изјави дека заклучоци од извештај на ЦИА укажувале дека Русија финансирала партија во Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, за да ги дестабилизира тие земји.

„Имено, ЦИА забележала во нејзин извештај, дека Демократската партија (во Албанија, н.з.), заедно со една политичка партија во Северна Македонија, една во Црна Гора и една во Босна и Херцеговина, добивале руско финансирање за да дестабилизираат“, ја пренесоа повеќе новински агенции изјавата на Рама од собраниската говорница, додека одговарал на обвинувањата од опозицијата на негова адреса за „случајот Мекгонигал“.

Станува збор за случај во кој бил инволвиран поранешниот високорангиран агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал (54), кој во САД се товари за кршење на американските санкции, односно за помагање на рускиот олигарх Олег Дерипаска. Истрагата против Мекгонигал дошла и до откривање на негови врски со балкански политичари. Во посебно отворен предмет, според наводите на федералното обвинителство во Њујорк, Мекгонигал во 2017 година пропуштил да му го открие на ФБИ неговиот однос со бивш службеник на албанската разузнавачка служба од кого наводно добил најмалку 225.000 долари кеш, а кој во обвинението бил опишан како „лицето А“. Исто така, тој не открил и дека „имал контакти“ со албанскиот премиер Еди Рама, со кого наводно се состанал неколкупати и го советувал на претпазливост при доделувањето лиценци на руските компании за дупчење на нафтени полиња во земјата. Албанскиот премиер пред парламентот не негирал дека се сретнал со поранешниот функционер на ФБИ, но демантирал дека му дал пари или овластен третман, наведувајќи дека опозицијата сака политички да го искористи правниот процес во САД, кој нема никаква поврзаност со Албанија, со владата или со него лично. Рама изјавил и дека ако имал повеќе информации (од наведеното во Извештајот на ЦИА и од она што излегло во медиумите) - дека Русите ја финансирале најголемата опозициска партија за да ја урне Владата, без сомнение веднаш ќе ги дадел на партнерските организации.

Албанскиот премиер Еди Рама
Албанскиот премиер Рама од собраниската говорница одговараше на обвинувањата од опозицијата на негова адреса за „случајот Мекгонигал“Фотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

АР собира податоци

Дали македонската Агенција за разузнавање, која е под надлежност на претседателот на државата, има сознанија за наводно руско финансирање на македонска партија? Прашањето ДВ го упати до Кабинетот на претседателот, од каде го добивме следниот одговор.

„Нелегалното финансирање на политичките партии од страна на лица и ентитети од земјата и странство е кривично дело. Агенцијата за разузнавање собира податоци и информации од странство за прашања врзани со безбедноста на државата и заштитата на нејзиниот уставен поредок. Тие податоци, Агенцијата за разузнавање ги доставува до сите надлежни институции, вклучително и до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија кога информациите и податоците се однесуваат на можно кривично дело, вклучително и за предметот на прашањето“, одговори кусо Кабинетот на претседателот.

Оваа тема во јавниот дискурс се третира под синтагмата „руско влијание во Македонија“, најчесто без детали и со образложение дека се работи за класифицирани или безбедносно сензитивни информации. Или, со повремено акцентирање на неименувани субјекти кои се под влијание или во релации со Москва. Последен пример за тоа беше освртот на премиерот Димитар Ковачевски за оценките во Извештајот на ЕК лани во ноември, кога во таа прилика јавно рече дека „еден дел од опозиција по цел ден е на телефон со Русија“.

„Овој извештај нотира многу јасно дека во оваа држава има два концепта, и од друг аспект. Еден концепт на чие чело сум јас, кој предлага реформски закони, кој предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, кој деноноќно работи на обезбедување на енергија и ресурси за производство на енергија. И втор концепт - кој што ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која е цел ден на телефон со Русија, вториот дел (од опозицијата - н.з.) не можам да го разберам“, рече Ковачевски, и ги повика сите во Собранието да се обединат заради иднината на државата.

Премиер Димитар Ковачевски Северна Македонија
Премиерот Димитар Ковачевски во осврт на оценките во Извештајот на ЕК, лани во ноември, рече дека „еден дел од опозиција по цел ден е на телефон со Русија“Фотографија: Government of North Macedonia

Нема недопирливи

Запрашан во контекст на оваа изјава на премиерот, и дали навистина има политички партии во земјата кои се под директно руско влијание, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во октомвриското интервју за „360 степени“ предупреди дека членувањето во партија не носи имунитет, доколку некој работи во интерес на странски служби.

„Веќе кажав дека Русија е присутна во регионот уште од 2012 година, преку хибридното делување, преку кое се остварува и политичко влијание во одредена зона, дали во политички партии, дали во креирање на јавното мислење кај граѓаните, ова е еден дел од алатката. Сепак, политичкото организирање во нашата држава е уставно право, на секого. Но, од позиција на директор на Агенцијата за разузнавање треба да потенцирам дека членството во политичка партија на никого не му овозможува чадор за имунитет. Контактите со странски разузнавачки служби, работењето во интерес на странски хибридни стратегии, контакти со терористички организации, контакти со нарко картели, никого не го прават недопирлив ниту за законот ниту да биде таргет за АР (...) Ова го кажувам принципиелно и од пракса. Не е тајна дека голем број наши експоненти во изминатиов период и не криеја дека имаат директни контакти со Москва. Бевме сведоци, во медиуми беа објавени патувања на членови на политички партии и парламентарци во Москва“, рече Муслиу.

Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Скопје, во изјава за „Нова Македонија“ минатиот месец, меѓу другото, рече дека Москва не се меша во внатрешните работи на РСМ.

Еролд Муслиу Агенција за разузнавање
Муслиу: Контактите со странски разузнавачки служби, работењето во интерес на странски хибридни стратегии, контакти со терористички организации, контакти со нарко картели, никого не го прават недопирлив ниту за законот ниту да биде таргет за АРФотографија: Erold Musliu

„Руската страна се придржува до недвосмислен став - ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано сме обвинети. Се разбира, ние ќе реагираме на непријателските дејства - врз основа на реципроцитет, но секогаш на избалансиран и, доколку е можно, на симетричен начин“, изјави рускиот амбасадор.

Регионален импакт

Според регионални медиуми, случајот со Мекгоникал осомничен дека работел за интереси на руски олигарх, допрва може да открие и некои „чудни балкански политички аспекти“, бидејќи засегнува разни контакти со бизнис и политички нивоа во земји од регионот. Случајот предизвика големо внимание и во Сараево, имајќи предвид дека во обвинението се спомнуваат и непријавени на контакти на Мекгоникал со државјани на БиХ. Едниот контакт бил со бивш министер за одбрана означен како „лицето Ц“, а другиот со сопственик и директор на тамошна фармацевтска компанија, означен како „лицето Д“, наводно и двајцата поврзани со негово лобирање за нивни средби со американски дипломати.

Мекгонигал работел за ФБИ од 1996 година сѐ до неговото пензионирање во 2018 година. Од 2016 година бил специјален агент задолжен за контраразузнавачкото одделение на ФБИ во теренската канцеларија во Њујорк. Учествувал во истраги од висок профил, вклучително и во истрагата за врските на Русија со претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година. По пензионирањето, од 2019 година работел како консултант и истражител за меѓународна адвокатска фирма. Во случајот е обвинет и Сергеј Шестаков, поранешен руски дипломат, кој подоцна станал американски државјанин и работел како судски преведувач од руски јазик. Според наводите на обвинителите, двајцата работеле на укинување на санкциите против рускиот олгарх Олег Дерипаска.