Илон Маск ја фали Алис Вајдел од десничарската АфД
10 јануари 2025Речиси е логично што разговорот меѓу Илон Маск и лидерката на Алтернатива за Германија (АфД) започна со лага. Најбогатиот човек на светот и сопственик на платформата Х уште од самиот почеток изјави дека неговата соговорничка Алис Вајдел „според анкетите“ е најпопуларниот кандидат за канцелар во Германија.
Всушност, АфД е втора во анкетите, 11 проценти зад конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ). Самата Вајдел е на последното место по популарност меѓу кандидатите за канцелар на предвремените избори на 23 февруари.
Според анкетата на Инфратест Димап, објавена во четвртокот, само 20 отсто од Германците се задоволни со Алис Вајдел, што е исто толку лош процент како оној на историски непопуларниот канцелар Олаф Шолц.
Погрешниот вовед на Маск беше само почеток на чуден разговор кој траеше повеќе од еден час и на моменти беше непријатен поради јазични недоразбирања.
Имаше уште лажни тврдења - во еден момент Маск рече дека крадењето е легално во Калифорнија, додека Вајдел тврдеше дека Адолф Хитлер бил комунист.
Помеѓу смеењето на заедничките шеги, двајцата разговараа за германскиот енергетски систем, предностите на нуклеарната енергија, имиграцијата, војната во Украина, ситуацијата на Блискиот Исток и други теми.
Маск изрази уверување дека Доналд Трамп брзо ќе стави крај на конфликтите во Украина и Газа. Вајдел зборуваше за, како што го нарече, лошото менаџирање на Германија во последните две децении.
И двајцата се согласија дека бирократските пречки се премногу големи за компаниите кои сакаат да ги прошират активностите во Германија, нешто што Маск го знае од неговото искуство со гигафабриката на Тесла во близина на Берлин. Сепак, тој призна дека и германската сојузна и покраинската влада обезбедиле значителна поддршка за фабриката.
Всушност, Маск и Вајдел го поминаа поголемиот дел од своето време сложувајќи се околу сѐ и сешто. Единствениот момент на мало несогласување дојде на почетокот, кога Маск рече дека верува во придобивките од обновливите извори на енергија, иако, како Вајдел, сметаше дека Германија треба повторно да ги отвори нуклеарните централи.
Како Трамп кај Роган?
Сепак, големото прашање за Вајдел беше дали разговорот ќе и помогне во кампањата.
Иако Маск ја повтори својата поддршка за партијата, тврдејќи дека само АфД може да ја „спаси“ Германија, политичките аналитичари се сомневаат дека Вајдел остави добар впечаток.
„Искрено, изненаден сум од тоа колку лош беше нејзиниот настап“, изјави Бендикс Хигелман, германски стратег за политички комуникации. „Ова беше голем момент, но... Мислам дека таа пропушти можност да изгради јавен имиџ и да остави впечаток на високообразована, софистицирана политичарка која е прототип на новата десница“.
Хигелман бил изненаден од некои од тешкотиите што ги имаше Вајдел при изразувањето на англиски јазик. „Таа не зборуваше лошо, не ме сфаќајте погрешно“, рече тој. „Но, за 70-минутно интервју со Маск, мислам дека таа можела да се подготви малку подобро."
Настанот, смета Хигелман, не може да се спореди со појавувањето на Доналд Трамп во подкастот на Џо Роган за време на изборната кампања во САД. Тогаш републиканскиот кандидат изгледаше порелаксирано од кога било и разговараше три часа, достигнувајќи масовна онлајн публика.
„Мислам дека интервјуто на Џо Роган со Трамп успеа поради лежерниот тон што го пронајдоа. Но, колку што можев да забележам, на Вајдел ѝ беше тешко да го долови тој американски стил на опуштен разговор“, вели Хигелман.
„Таа имаше многу академски пристап, што беше голем контраст со начинот на кој Маск ги презентираше своите аргументи. Но, тоа веројатно би го објаснил со јазичната бариера“.
Која беше целната публика?
Според платформата X, околу 200.000 луѓе го слушале разговорот во живо, иако бројките почнале да опаѓаат кон крајот, кога се разговараше за плановите на Маск за истражување на вселената.
Од друга страна, Вајдел сепак би можела да го смета овој разговор за успешен. Според Филип Адорф, политиколог од Универзитетот во Бон, главната цел на десничарката не била и онака да се обрати кон германската публика, туку кон публиката во САД - особено десничарите блиски до центрите на моќ во Вашингтон.
„Мислам дека ова беше обид да се допре до САД и да се воспостави контакт со членовите на администрацијата на Трамп, можеби за да се соработува или барем да се биде виден како партнер во Европа“, изјави Адорф.
Спротивно на гласините на социјалните мрежи, Вајдел не отпатува во САД за да разговара со Маск, а потоа да присуствува на инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Разговорот на платформата X беше само аудио и Вајдел се вклучи од канцеларијата во Берлин.
Повеќе за истражување на вселената отколку за имиграција
Вајдел повтори многу од нејзините познати ставови - дека Ангела Меркел е всушност првата „зелена“ канцеларка на Германија и дека ја уништила земјата со отворањето на границите за бегалците.
Но, според Адорф, Вајдел можеби сакала повеќе време да разговара за германските внатрешни прашања.
„Од перспектива на Алис Вајдел, можеби беше разочарувачки што тие зборуваа релативно малку за главната тема на АфД - имиграцијата“, изјави Адорф за ДВ. „На почетокот, таа малку се заплетка во дискусијата за енергетската политика, што можеби не е претерано интересно за пошироката публика."
Сепак, овој политиколог смета дека Вајдел во голема мера успеала да ја претстави АфД како умерена партија која го претставува само она што партиите од десниот центар го претставуваа во претходните децении.
Во подоцнежниот дел од разговорот, двајцата соговорници се осврнаа на филозофски теми. Вајдел дури го праша Маск дали верува во Бог.
Милијардерот опседнат со научна фантастика рече дека има пристап кон божеството засновано на физика. Тој додаде дека на 12 или 13 години имал егзистенцијална криза, која ја решил читајќи го романот на Даглас Адамс „Автостоперски водич низ галаксијата“.
„Тоа ме доведе до заклучок дека треба да го прошириме опсегот и скалата на свеста, за да знаеме подобро кои прашања да ги поставиме за одговорите на универзумот“, рече тој. „Треба да правиме работи што водат до поголемо разбирање на универзумот."
Вајдел се чинеше трогната, опишувајќи ги неговите последни зборови како „преубави“.
Останува да се види дали планот на АфД за депортирање на илјадници мигранти ќе доведе до поголемо разбирање на универзумот кон кој се стреми Маск.