1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РамноправностСеверна Македонија

Родови стереотипи: Жената треба да готви, мажот да шефува

ДТЗ
26 октомври 2023

Младите се борат да ги искоренат стереотипите, но секој втор смета дека тие се учат во домот. Девојките се помалку подложни на родови стереотипи, од момчињата.

https://p.dw.com/p/4Y4LQ
стереотипи
Родови стереотипи: Жената треба да готви, мажот да шефуваФотографија: Imago Images/Becker&Bredel

И младите генерации во Северна Македонија им робуваат на родовите стереотипи. Често се борат да ги искоренат стереотипите, но секој втор смета дека тие се учат од членовите на семејството. Ова го покажува најновата анализа на Националниот младински совет на Македонија во соработка со мрежата „Стела“.

Па така, анализата покажува дека повеќе од половина испитаници сметаат дека физичкиот изглед, наметнат од родовите стереотипи и улоги, има влијание врз тоа како ќе бидат третирани жените или мажите.Според 59,3 проценти од испитаните млади, мажите и жените немаат еднаков третман во Северна Македонија. 

Машки и женски професии

Во рамките на анализата биле анкетирани 1.200 млади лица на возраст од 15 до 29 години. Од нив, 634 млади жени и 566 млади мажи. Помладите испитаници, односно девојчињата и момчињата на возраст од 15 до 19 години, кои се всушност и најмалку активни на пазарот на трудот, во значително поголем процент- 51 отсто, веруваат дека не постојат „машки“ и „женски“ професии. 

Исто така, 28,4 отсто од испитаничките и 24 проценти од испитаниците, не сметаат дека момчињата и девојчињата имаат еднаков пристап до образовни можности. Од вкупниот број испитанички, 17,6 отсто не биле охрабрени од членовите на своето семејство да го продолжат образованието и да завршат повисок степен на образование.

Истражувањето покажало дека 22,9 проценти од испитаничките и 26,5 отсто од испитаниците сметаат дека жените при бременост не можат да извршуваат одредени работни обврски поради својата емотивна состојба. Една петтина од испитаниците сметаат дека жените кои имаат деца, се помалку посветени на својата професија.

Единствената автомеханичарка во Скопје

Жена за во кујна, маж за шеф

Младите испитаници повеќе сакаат маж за шеф, а сметаат дека улогата на жената е да биде во кујна. „Повеќе од младите испитаници 14,8 отсто би избрале раководител маж, додека само 9,9 проценти би избрале раководителка жена. Вкупно 15,6 отсто од младите испитаничките би избрале за раководителка жена, а само 5 проценти би одбрале раководител маж“, вели Љупка Трајановска.

стереотипи пеглање
Има ли машки и женски професии?Фотографија: Wilhelm Leuschner/dpa/picture-alliance

Податоците на анализата покажуваат дека најмногу родово стереотипни убедувања кај младите, има по однос на политичката активност и учеството во донесување одлуки на жените.

Вкупно 29 отсто од младите мажи сметаат дека тие по природа се лидери, додека 72,20 отсто од испитаничките и 58,50 проценти од испитаниците не се сложуваат и не веруваат во овој родов стереотип. Вкупно 71 отсто од испитаничките и 63,4 проценти од испитаниците сметаат дека жените и мажите треба подеднакво да учествуваат во донесувањето одлуки во Северна Македонија. Помалку од половина односно 48,9 отсто испитаници сметаат дека бројот на жените и мажите на раководни позиции треба да биде ист, додека ова е став на 60,9 проценти од испитаничките. Загрижувачки е фактот што 32,7 отсто испитаници и 28,60 проценти испитанички, сметаат дека жените се предодредени за грижа за децата и семејството.

Секој четврти испитаник смета дека жената има обврска да се грижи за хигиената во домот и да подготвува храна. Секој петти испитаник смета и дека мажот е одговорен за плаќање на сметките, а пак 18 проценти сметаат дека одлуката за купување на автомобил треба да ја донесе мажот.

Девојките се помалку подложни на родови стереотипи, од момчињата. 

Жената која чисти облакодери