Холандија: Падна владата на премиерот Руте
8 јули 2023„Разликите меѓу четирите коалициски партнери околу миграциската политика се непремостливи. Жалам поради овој чекор, но тоа е политичка реалност“, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
Во текот на денешниот ден, кралот Вилем-Александар би требало да го прими премиерот заради разгледување на натамошните чекори. Се проценува дека нови избори би можеле да бидат одржани во ноември.
Крај за популарниот Руте?
Од почетокот на 2022 година на власт е коалициска влада во која учествуваат десно-либералната ВВД на премиерот Руте, лево-либералната Д66, демохристијанската ЦДА и Христијанската унија. Марк Руте е веќе 13 години на премиерската функција, а ова му е четврта влада со која раководи.
56-годишниот премиер, кој е познат и по тоа што на работа доаѓа со велосипед, засега остави отворена можност да се кандидира на предвремените избори. Тој меѓу Холанѓаните е поомилен од неговата влада и ужива доверба поради бројните кризи низ кои ја помина земјата – од кризата по соборувањето на авионот на Малезија Ерлајнс, се претпоставува од страна на руските сеператисти во Донбас, при што загинаа преку 200 холандски државјани,па до корона кризата.
Се смета дека би можел да ја преброди и оваа криза, ако реши повторно да се кандидира.
Кавга околу спојувањето семејства
Официјално, владата падна поради несогласувања околу регулирањето на правилата за спојување на семејствата на бегалците. Партијата ВВД на Руте сакаше драстично ограничување, на што се противеше најмалата партија во коалицијата, Христијанската унија, која инсистираше на тоа признатите азиланти да имаат право да ги доведат своите деца во Холандија.
Притоа, во Холандија нема посебно висок број баратели на азил, лани ги имало само 47.000. Дури и една година претходно, со 60.000 бројката не беше претерана за богатата земја со 17 до 18 милиони жители.
Меѓутоа, актуелната влада со строгите мерки на штедење создаде криза околу постапката на новодојдени бегалци: поради недостиг од персонал во центрите за прифаќање, барањата за азил се обработуваат многу бавно, а има недостиг и од станбен простор.
Шпекулации за нови избори
Веднаш по веста за распадот на владината коалиција, можеа да се чујат првите сомнежи во вистинитоста на тврдењето дека владата падна поради кавга околу мигрантите.
Популарноста на владата, според актуелните анкети на јавното мислење, е на ниско ниво. Руте со овој потег би можел да се профилира како поборник на политика на цврста рака кон мигрантите и на тој начин да привлече гласачи од десната политичка сцена, кои сега гласаат за популистичката БББ.
Придвижувањето надесно на Руте би можело да му помогне на предвремени избори, по кои би можел да формира влада со партиите десно од центарот, со кои полесно би ја спроведувал својата политика.