1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хакан Фидан во Скопје: Разговори за економија, но и за ФЕТО

5 септември 2024

Во фокусот ќе бидат заложби за зголемување на сегашната трговска размена, прашања за турската заедница во РСМ, регионалните и глобалните случувања и борбата против ФЕТО.

https://p.dw.com/p/4kILz
 турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан
Tурскиот министер за надворешни работи, Хакан ФиданФотографија: Alaa Al-Sukhni/REUTERS

Билатералните односи, регионалните и глобалните случувања и заложбите за зголемен обем на трговија, ќе бидат дел од клучните теми за кои ќе се разговара при денешната официјалната посета на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, на Северна Македонија.

Министерот Фидан ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Африм Гаши, со неговиот колега Тимчо Муцунски, со турските пратеници во македонскиот парламент, со лидери на партии и со членови на турската заедница во РСМ.

Во фокусот на разговорите ќе бидат економијата и безбедноста. Турција е во топ 10 земји со кои РСМ има висок обем на трговска размена. Според турските медиуми, целта е унапредување на соработката, а сегашната трговска рамена од над 1 милијарда долари да се зголеми на 2 милијарди долари со Турција, која е седми најголем трговски партнер на Северна Македонија.

Турските компании во РСМ се присутни во значајни економски сектори - банкарство, осигурување, градежништво, здравство, култура, аеродроми, образование, текстил, хотелски менаџмент, туризам...РСМ од Tурција најмногу увезува машини и машински делови, пластика, памук, возила, електрична и електронска опрема, а главно извезува железо, челик, гипс, цемент.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во почетокот на август веќе се сретна со претставници на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО). На средбата била изразена надеж дека одличната соработка во економијата меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период, со цел дополнително да се мотивираат нови компании да инвестираат во РСМ.

И за турската заедница

Покрај разговорите за зголемување на соработката и инвестициите во различни сектори како градежништвото, енергетиката и инфраструктурата, ќе се водат дискусии и за зајакнување на односите во областа на воената и одбранбената индустрија. На дневен ред на денешната средба ќе бидат и прашањата за турската заедница во Северна Македонија. Според податоците од пописот во РСМ од 2021 година, 3,86% од населението се изјасниле како Турци.

„Тоа претставува приближно 4 проценти од вкупното население. Правото на Турците на образование на мајчин јазик и создавање на јавни вработувања пропорционални на бројот на населението, се меѓу приоритетните прашања за Турција“, објави Си-Ен-Ен Турк за денешната посета на шефот на турската дипломатија.

Што се однесува до перцепцијата на граѓаните на РСМ во однос на Турција, таа во сите истражувања се појавува како една од најпријателските земји кон Северна Македонија. По тоа прашање нема разлики во ставовите на ниту една етничка заедница во земјата.

Борбата против ФЕТО

Се очекува денеска на маса да се најде уште едно прашање кое се спомнува во сите разговори меѓу претставниците на две земји –  борбата против ФЕТО.

„Односите меѓу Анкара и Скопје ќе бидат оценувани од сите аспекти. Ќе се разговара за безбедносни прашања, особено за борбата против ФЕТО", објавуваат турски медиуми осврнувајќи се на агендата на министерот Фидан.

Турски претставници го отворале ова прашање на речиси секоја средба со македонските власти, откако на 15-ти јули 2016 година во Турција беше извршен обид за државен удар, а турските власти за тоа го обвинија движењето ФЕТО предводено од верскиот проповедник во егзил, Фетула Ѓулен. Анкара, која го прогласи движењето за терористичка организација, бара екстрадиција на Ѓулен од САД, но и на негови структури идентификувани во други земји, меѓу кои и во РСМ. Анкара смета дека структури на ФЕТО се присутни во земјава затскриени зад  образовни институции и трговски друштва.  Субјектите кои беа посочувани за наводна поврзаност со ФЕТО, ги демантираа таквите наводи уште во 2016 година. Но, официјални претставници на Турција во повеќе наврати го истакнуваа значењето што го придаваат на соработката за борбата против тероризмот, првенствено против ФЕТО. Во однос на барањата на Турција за депортирање и екстрадиција на дел од бараните лица, од македонските власти најчесто стигнуваа одговори дека соработуваат со турските органи за тоа прашање и дека ќе се постапува согласно со домашните закони и меѓународните стандарди и договори.

Шпекулации околу ова прашање се појавија и во периодот додека РСМ чекаше да биде одобрена  екстрадицијата на Љупчо Палевски од Турција. Тога се појавија медиумски наводи дека и Анкара наводно побарала испорака на пет „ѓуленисти“, но немаше ни потврда ни демант на таквите наводи.

БРИКС во Јужна Африка
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на самитот на БРИКС во Јужна Африка, 2018 годинаФотографија: Gianluigi Guercia/AFP/Getty Images

На пат кон БРИКС?

Посетата на шефот на турската дипломатија доаѓа во време кога новинските агенции пренесоа дека Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател Владимир Путин, изјавил пред новинарите дека Турција поднела барање „за полноправно членство“ во БРИКС и дека нејзиното барање ќе биде разгледано.

Неколку дена претходно и Блумберг, повикувајќи се на информирани извори, објави дека Турција поднела официјална апликација за приклучување кон БРИКС, за што ќе се разговарало на следниот состанок на групата во октомври во Русија.

Според информацијата на Блумберг, на иницијативата на Турција да се приклучи на  групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) се гледало како на дел од нејзините напори да го зголеми своето глобално влијание и да изгради нови сојузи надвор од нејзините традиционални западни сојузници. Според изворите, Турција го поднела барањето за  приклучување кон БРИКС  пред неколку месеци, поради нејзината фрустрација поради недостигот од напредок во процесот на пристапување во ЕУ. Кандидатурата била делумно и резултат на тензиите со другите членки на НАТО, во услови на тесни врски на Турција со Русија дури и по руската агресорска војна во Украина во 2022 година. Според публикацијата, со своето членство во БРИКС, Турција се обидувала да ја зајакне својата економска соработка со земји како Русија и Кина и да стане трговски мост меѓу ЕУ и Азија.

Во исто време, Анкара не сака целосно да се отцепи од Западот, пишуваат авторите, и потсетуваат на ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Турција треба да ги развива своите односи и со Истокот и со Западот во исто време, како и на негово мислење дека учеството на земјата во БРИКС ќе придонесе за развој на различни пристапи и политики во светскиот економски систем.