1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Грузија: Со солзавец и водени топови против демонстрантите

ЕМФ | агенции
9 март 2023

Илјадници Грузијци и вчеравечер протестираа пред парламентот против планираниот „закон за странски агенти“ направен по руски модел. Полицијата употреби водени топови и солзавец.

https://p.dw.com/p/4OQRy
Грузија протести Тбилиси
Судир на грузиската полиција и демонстрантите пред парламентот во Тблиси (8.03.2023)Фотографија: David Mdzinarishvili/AA/picture alliance

Илјадници луѓе втор ден по ред протестираа во главниот град на Грузија, Тбилиси, против владата и нејзините планови за закон против „странските агенти“. Според очевидци, проевропските демонстранти го опколиле парламентот.

Набљудувачите проценуваат дека во раните вечерни часови пред парламентот се собрале од 10.000 до 15.000 луѓе, односно повеќе од претходната вечер. Демонстрантите вееја грузиски и украински знамиња, како и знаме на ЕУ. Тие ја пееја и украинската химна во знак на солидарност со Украина. Подоцна, како што се вели, некои демонстранти се обиделе да упаднат во парламентот. Силните полициски сили употребија солзавец и водени топови за да ги потиснат демонстрантите, кои пак возвратија со фрлање камења и шишиња.

Грузија протести демонстранти полиција Тбилиси
Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите (8.03.2022)Фотографија: AFP/Getty Images

Закон по руски урнек

Протестот е насочен против т.н. закон за странски агенти, предложен од владата која е ориентирана главно проруски. Слично како во Русија,грузиското раководство сака да ги класифицира медиумите и невладините организации кои добиваат пари од странство како „странски агенти“. Демонстрантите стравуваат дека законот може да се искористи за зголемување на цензурата, како во Русија. Тие, исто така, стравуваат дека тоа би значело губење нашансата на Грузија да стане кандидат за ЕУ.

Мнозинството од грузиското население е за влез на земјата во ЕУ. Претседателката Саломе Зурабишвили ги поддржа демонстрантите и најави дека нема да го потпише контроверзниот закон. Сепак, нејзиното вето може да биде отфрлено од парламентот, во кој владејачката партија има мнозинство.