1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција го блокираше одбранбениот пакт на ЕУ со Тирана

ДТЗ
18 јануари 2024

Грција ја предложи Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУ, но ја блокираше Албанија.

https://p.dw.com/p/4bP5V
Северна Македонија и ЕУ
Грците ја предложиле Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Грција ја предложи Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУ, но ја блокираше Албанија. Атина го попречи патот на Договорот за одбрана и безбедност меѓу ЕУ и Тирана поради „непопустливиот став на албанската влада во врска со затворањето на градоначалникот на Химар, етнички Грк, Фреди Белери“.

Соработка во одбраната

ЕУ е во процес на забрзување на процедурите за потпишување договори со трети земји надвор од Унијата со цел подобра соработка во одбраната. Пред неколку дена во Брисел се одржа состанок на техничко ниво, чија главна цел беше да се склучат низа договори за одбрана и безбедност со земји во и надвор од Европа, а тоа се Канада, Јапонија, Гана, Молдавија, Норвешка и Јужна Кореја.

Како што наведува грчкиот весник „Екатимерини“, Грците ја предложиле Северна Македонија како најпогодна земја за склучување договор за одбрана и безбедност со ЕУ, бидејќи покажала подобри перформанси на полето на владеењето на правото, додека стандардизацијата на вооружените сили по западните стандарди (преку учеството во НАТО) продолжила со исклучително брзо темпо. 

Грчкиот предлог не беше прифатен, но ниту случајот со Албанија не се придвижи нанапред, и покрај многу силната поддршка од Италијанците, кои се и најблискиот партнер на Тирана во ЕУ, што редовно е извор на незадоволство меѓу Рим и Атина.

Албанија и Грција
„Случајот Блери“ изминатиот период е најголемата спорна точка меѓу Грција и Албанија.Фотографија: Pond5 Images/imago images

„Случајот Белери“

Грција се спротивставила во однос на Албанија, инсистирајќи дека како земја што сака да се приклучи на ЕУ мора да го почитува европското законодавство, кое вклучува почитување на владеењето на правото како основен елемент.

Во врска со случајот Белери, по неуспехот на албанскиот премиер Еди Рама да го реши проблемот, грчките медиуми наведуваат дека ќе се чека до 25 јануари, кога треба да продолжи судењето на избраниот градоначалник на Химара. 

„Зад сцената, пак, контактите продолжуваат, секогаш со услов Белери да положи заклетва на функцијата. Белери беше уапсен минатиот мај под обвинение за купување гласови во пресрет на општинските избори, на кои победи“, пишува Екатимерини. 

Спорна точка

Овој случај изминатиот период е најголемата спорна точка меѓу Грција и Албанија. Фреди Белери, 52-годишен припадник на грчкото малцинство во Албанија, беше избран за градоначалник на албанската општина Химара на 14 мај 2023 година. Повеќето од луѓето кои живеат таму се албански Грци. 

Белери не можеше да положи заклетва, бидејќи беше уапсен под обвинение за купување гласови. Сите негови барања за ослободување или за преземање на функцијата досега беа одбиени од албанските судови.

Во заднина на овој случај веројатно е борбата за земјиште и недвижнини на живописното јадранско крајбрежје на Албанија и потенцијалот на Химара како туристичко место. Причината е специфичноста на албанското законодавство за крајбрежните области. Сите инвестиции таму мора да бидат одобрени од националното тело на чело со премиерот Еди Рама. Покрај тоа, овој Национален совет може да назначи инвеститори кои можат да инвестираат во имотот на локалните сопственици. Фреди Белери, кој е опозиција на владејачката Социјалистичка партија (ПС) на премиерот Рама, вети дека ќе го промени тоа кога ќе стане градоначалник.

Грција остро реагираше на апсењето и притворањето на Белери, обвинувајќи ја Албанија за кршење на владеењето на правото и правата на грчкото малцинство. Атина тврди дека притворот на Белери е политички мотивиран и навести дека тоа може да го блокира почетокот на преговорите на Албанија за пристапување во Европската унија. За започнување на тие преговори потребно е за тоа да гласаат сите членки на ЕУ.