1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГрција

Грците против „чадор-мафијата” на плажите

Мариа Ригоцу
10 август 2023

Граѓани и туристи во Грција се побунија против илегалната приватизација на плажите. Бараат повеќе места за своите пешкири, а не само за скапите лежалки и чадори. Движењето на отпорот се формираше на островот Парос.

https://p.dw.com/p/4UwAV
Плажата Санта Марија на Парос
Плажата Санта Марија на Парос - лежалки и чадори за сонце до водната линијаФотографија: Konstantinos Bizas/DW

На капачите по грчките плажи им е тешко да најдат место за пешкир или сопствена лежалка. На сите страни се поставени чадори за сонце и лежалки од хотелиерите, сопствениците на баровите или кафулињата. Тие се изнајмуваат, и тоа по високи цени, па така луксузна лежалка на островот Парос чини дури 120 евра од ден.

Но, сѐ повеќе луѓе веќе се противат на ваквата пракса. Во меѓувреме се формираше и граѓанско движење кое протестира против илегалната приватизација на плажите.

„Ние го браниме правото на граѓаните и посетителите на нашиот остров да имаат слободен пристап до плажите кои ги сакаме”, гласи пораката на Фејсбук страницата на „Граѓанското движење за заштита на плажите од Парос”.

Тие додаваат дека „грчкото лето е дел од нашата душа и дел од нашиот идентитет. Да не дозволиме да ни го одземат”.

„Движењето на пешкирите”

Во медиумите оваа група на активисти ја нарекуваат „движењето на пешкирите”.

Но, на Константинос Бизас, градоначалник на Парос и на помалиот околен остров Антипарос, не му се допаѓа тој израз. Тој активистите ги нарекува „граѓанско движење за заштита на плажите” бидејќи токму за тоа и станува збор - за заштита на плажите и општото добро на јавноста.

„Законот предвидува дека само 50 проценти од одредени плажи може да бидат доделени за комерцијално користење на некоја компанија, а преостанатите 50 проценти мора да останат слободно достапни.

А, кога се работи за подрачја кои се заштитени, комерцијално може да се користат само 30 проценти, објаснува Бизас за ДВ. На следните избори Бизас во трката за градоначалник планира да настапи како независен кандидат.

Лежалки и чадори за сонце го блокираат пристапот до морето - ако немате пари за скапото изнајмување, нема да најдете слободен простор за вашиот пешкир
Лежалки и чадори за сонце го блокираат пристапот до морето - ако немате пари за скапото изнајмување, нема да најдете слободен простор за вашиот пешкирФотографија: Konstantinos Bizas/DW

А во меѓувреме и тој самиот е ангажиран во граѓанското движење, чија цел е плажите од Парос буквално да им се вратат на локалните жители и на посетителите на островот.

Парос е трет по големина остров во Кикладите и се наоѓа веднаш до најголемиот остров Наксос.

На Парос живеат околу 14 илјади луѓе, активни се околу 700 туристички компании, а вкупниот капацитет за сместување е околу 25 илјади кревети. Покрај тоа, дополнителни 10 илјади кревети се нудат преку платформата „Ербнб”.

Според официјалните податоци на крајбрежните власти, минатата година островот го посетиле 750 илјади туристи. Една од главните причини се многуте преубави плажи, од кои десетина се посебно популарни. На тие плажи се наоѓаат и бројни барови, кафулиња и ресторани кои со време сѐ повеќе се ширеа, така што на крајот не остана празно место на плажите.

Граѓански протести

Пензионираниот наставник Кристос Георгусис е еден од основачите на граѓанската иницијатива која заедно со културното друштво „Архилоход” се залагаат за заштита на плажите и слободниот пристап до морето. Ситуацијата, како што велат, со текот на времето излегла од контрола. 

Веќе две години никој не контролира дали се почитуваат важечките прописи за концесиите на плажите. Затоа Георгусис на почетокот на јуни ги повикал преставниците на локалните власти и опозицијата на состанок за да разговараат за можните решенија. На собирот присуствувале околу 200 луѓе. На карајот на јули се одржаа два протеста на кои учествуваа околу 300, односно 400 луѓе, меѓу кои и странци кој живеат на островот Парос или кои редовно го посетуваат.

За добро туристичко лето не се доволни само песок и море

„Граѓанското дижење не е насочено против туристите, ниту против компаниите”, објаснува за ДВ Панос Кекас, по професија филмски режисер. Активистите, како што тој додава, сакаат само да се почитува тоа што стои во законот – дека само 50 проценти од површината на некоја плажа смее да биде „окупирана“ со чадори и лежалки од страна на комерцијалните понудувачи, за на тој начин домашните и странските посетители да имаат слободен пристап до морето, односно да можат да уживаат во природните убавини.

„Германците тоа многу добро можат да го сфатат, тие ја сакаат и почитуваат природата и околината” вели Кекас, кој веќе 15 години живее на островот и исто така е ангажиран во „движењето на пешкирите“.

Кекас направили краток филм за ваквиот феномен, кој не се приширил само во Парос, туку и низ цела Грција.

Непотизмот на мафијашките структури

Во граѓанското движење во Парос се ангажирани активисти од сите политички партии, од сите општествени групи и од различна возраст, нагласува средоншколецот и активист Тасос Касапади. „Членовите на движењето на интернет објавија дека властите на Парос им доделиле на користење на вработени луѓе 7.500 квадратни метри, но тие всушност користат 18.500 квадрати” и дека тоа не е случај само на Парос.

Низ цела Грција хотелите и баровите на плажите не се ограничени само на таа површина која им е доделена врз основа на договорот за концесија. Тие илегално се шират, затоа што властите не спроведуваат прописни контроли. Во многу туристички региони во Грција, на луѓето кои не сакаат или не можат да си дозволат скапо изнајмување на чадори и лежалки, практично им е забранет пристапот до плажите. А според грчките закони плажите се општонародно добро. Концесиите за нивно користење за комерцијални потреби може да се издадат само под одредени улови и тоа од страна на локалната заедница и другите надлежни служби.

Грција | Плажата Елафониси на Крит
Ретка слика во Грција: Плажата Елафониси на Крит е природен резерват и главно е „недопрена“ од туристичката инфраструктураФотографија: Zoonar/picture alliance

Меѓутоа, власите не ги спроведуваат законските и  предвидените контроли – и тоа од различни причини: од предизборни, или поради тоа што концесионерите се поврзани со политичарите. Резултат на сето ова е дека неколку луѓе финансиски профитираат врз грбот на граѓаните.

Први ефекти од протестите

Освен непотизмот, во Грција голем проблем е и некомпетентноста на државната администрација. Со други зборови: една служба одговорноста ја префрла на друга. По многу настојувања, граѓанското движење на Парос дури по два месеца успеа да постигне успех.

„Илегалните окупатори на плажите ќе ги повикаме на одговорност”, изјави неодамна министерот за финасии Костис Хацидакис.

На омилената плажа Санта Марија на североистокот на Парос во меѓувреме се тргнати чадорите и лежалките. Тројца бизнисмени се уапсени и против нив е покренато обвинение. Од Атина на островот допатува еден јавен обвинител за на лице место да истражи што точно се случува.

Преку социјалните мрежи се прошири бран од солидарност. Од целата земја пристигнува поддршка од луѓето кои се залагаат за заштита на плажите. А на Парос активистите организираа забава, на која го прославија својот успех и која се одржа на повторно достапната плажа Санта Марија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема