Градовите се гушат во чад, Струмица дише на шкрги
8 јануари 2025Неколку градови во Северна Македонија се гушат во смог, а за жителите на Струмица повторно е вклучен алармот, откако е надминат прагот на суспендирани честички со големина до 10 микрометри два дена по ред. Градот во текот на зимата се соочува со сериозни проблеми со загадувањето, поради што и пред празниците беа воведени мерки мерки за вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и Б -Интегрирани еколошки дозволи.
Министерството за животна средина во средата (08.01) повторно ги врати на сила препораките да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, како и да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата. Забрането е и горење на отворено, а им се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Им се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, како и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Во друштво на најзагадените градови
И жителите на главниот град Скопје се гушат во загаден воздух и смог. Напладне Скопје се најде на второто место на најзагадени градови со светот со индекс 180, според платформата IQair, пред Дака во Бангладеш (196). Граѓанските организации преку протести изминатиот период бараа системски решенија за енормното загадување.
Според опозициската СДСМ, алармантно е тоа што со денови Скопје се наоѓа меѓу најзагaдените градови во Европа - концентрациите на ПМ честичките се и до 17 пати поголеми од дозволените.
„Загадувањето на воздухот е сериозен проблем кој влијае врз здравјето на луѓето и наместо да ги остава граѓаните сами на себе власта треба итно да преземе сериозна институционална акција за намалување на загадувањето.Кога беше опозиција ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа 7 месеци, мерки против загадувањето нема. Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно“, реагираат од партијата.
Промена на системот за затоплување
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март да се смени системот на затоплување домови. Но, за тоа е потребно време.
„Како инженер можам да дадам одговор, единствен начин како може да ја намалиме емисијата на штетни честички е во периодот од ноември до март, да го смениме системот на затоплување на домовите, односно, помалку фосилно гориво, повеќе еколошки горива, меѓу кои и централното затоплување“, одговори премиерот на новинарско прашање.
За да се случи тоа, според Мицкоски, потребна е изградба на гасни централи, но за тоа ќе бидат потребни најмалку две до три години за сето тоа да профункционира. „За да се изградат топловоди можеби повеќе, можеби пет и шест години“, вели Мицкоски.
Според Светска банка, загадениот воздух годишно убива околу 2 800 граѓани на земјава, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.