1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема кашлица: Во градинка и со примени три дози вакцина

ДТЗ
18 март 2024

Условот е децата да се ревакцинираат во наредните шест месеци. Мерките следат откако во јануари беше прогласена епидемија на голема кашлица во Скопје

https://p.dw.com/p/4dqDI
голема кашлица
Градинките ги отворија вратите за децата кои примиле три дози вакцина за голема кашлицаФотографија: Andrea Warnecke/dpa/picture alliance

Градинките од денеска ги отвораат вратите за децата коишто имаат примено три дози вакцина ДТП против голема кашлица. Условот е тие да се ревакцинираат во наредните шест месеци. Одлуката беше донесена од страна на Министерството за здравство по препорака на Комисијата за заразни болести.

До „ублажувањето“ на мерката дојде откако со првичната одлука на голем број деца кои не се целосно вакцинирани не им беше дозволено згрижување во градинките, што пак предизвика незадоволство и реакции кај дел од родителите. Мерките следат откако во јануари беше прогласена епидемија на голема кашлица во Скопје, каде констатно расте бројот на заразени деца, но и возрасни. Најголем дел од заболените не се вакцинирани. 

Проверки

Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ) минатата недела изврши стотина вонредни инспекциски надзори низ градинките кои добија упатство да не примаат нецелосно или делумно вакцинирани деца.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 8 до 14 март се регистрирани нови 43 случаи на голема кашлица, со што бројот на заболени достигна 216. Најголемиот број од заразените, односно 39 се во Скопје, два случаи имало во Тетово, а по еден е пријавен во Гостивар и во Битола. Заболените се на возраст од 0 до 40 години, а најголем број се деца на возраст од 10 до 14 години. 

За разлика од Скопје каде околу 50 отсто не се вакцинирани со ДТП, во внатрешноста е значително повисок процентот на вакцинирани и изнесува над 95 проценти. 

Од 15 март се достапни и вакцини против пертусис и за возрасни.