1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Говорот на Пендаровски ја разбранува Бугарија

ДТЗ
13 март 2023

Претседателот порача дека нема намера да се извинува за изнесените ставови за депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот „Треблинка“, додека од Бугарија пристигнуваат пораки на осуда, но и на поддршка

https://p.dw.com/p/4OcC8
Стево Пендаровски
Говорот на Пендаровски ја разбранува Бугарија Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Повиците за извинување и лоцирањето на одговорноста за прогонот на македонските Евреи предизвикаа лавина реакции во Бугарија. Претседателот Стево Пендаровски денеска порача дека нема намера да се извинува за изнесените ставови во обраќањето по поводот 80 годишнината од одбележувањето на депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор „Треблинка“. Пендаровски во обраќањето рече дека морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ никаде не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија, на што реагираа бугарски политичари и пратеници, со навреди и барање тој да се извини. 

Поддршка 

Но, Михаил Иванов, бугарски професор и поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Желев, му даде поддршка и се приклучи на повикот на македонскиот претседател, Стево Пендаровски, кој смета дека за да има помирување, треба да има  извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

Професорот Иванов на Фејсбук напиша дека се согласува со изјавите на Горан Садикарио, директорот на Музејот на холокаустот во Скопје. „Го слушам Горан Садикарио и ме боли. Затоа што тој е апсолутно во право. Зошто не слушам од демократските политички партии за срамната ситуација во која генералот Радев и неговата придружба ја ставија Бугарија“, вели Иванов. 

Инфантилна фаза 

Историчарот Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии при Бугарската академија на науките, во разговор за „Локално“ вели дека „ако пред повеќе од една деценија Германија покажа зрелост и се извини за депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна, Бугарија се уште е во инфантилна фаза на развој“. 

„Како што децата се секогаш во право во своите очи, така и постапките на бугарските политичари се секогаш исправни според денешните историчари, а нивните грешки не се должат на нивните сопствени постапки, туку на нашите идеи за ‘разбојници сојузници’ кои ја измамиле нашата добрина. Таквата гледна точка е детска. Ако функционираше кон крајот на 19 век, денес таквото толкување на историјата е непрофесионално“, порачува Атанасов. 

Холокауст
Многу е важно да се идентификуваат луѓето кои се одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија.Фотографија: DW/K. Delimitov

Префрлање на вината 

Ваквите реакции следат по изјавата на Ангел Димитров, копретседател на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, кој рече дека е несериозно да се ​​префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија. Димитров смета дека Бугарија е единствената земја во Европа која, од една страна, била сојузник со нацистичка Германија, но не потпаднала под нејзиниот притисок и ги спасила сите свои Евреи. Тој вели дека над 10 000 Евреи со помош на бугарските дипломатски претставништва во Европа успеале да добијат документи и преку Бугарија да добијат спас.

Но, историчарот Атанасов не се согласува со ваквите ставови. „Штета што голем дел од бугарските историчари, вклучително и претставниците на Бугарија во Мешовитата комисија, очигледно со мнозинство, стојат зад застарена гледна точка што не осудува да изгледаме како диносауруси и на историско поле и во меѓународните односи, кога станува збор за разбирање на минатото како генератор на ставови за денес. Сите го читавме говорот на Ангел Димитров. Да се ​​тврди дека институциите се невини кога депортацијата била извршена со потписи на бугарски државници е манифестација на идеолошки мотивирано слепило. Не можеме да кажеме дека тревата не е зелена“, оценува соговорникот, кој смета дека извинувањето треба да дојде од политичките лидери во Бугарија. 

Во полемиката се вклучи и израелскиот историчар на холокаустот д-р Ефраим Зуроф, кој во изјава за медиумите посочи дека многу е важно да се идентификуваат луѓето кои се одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија. Тој во изјава за Канал 5 вели дека Бугарите се целосно одговорни за депортацијата на Евреите од Македонија. „Тие го сторија тоа и треба да чувствуваат вина за испраќање во смрт на овие невини луѓе, жени, деца, стари, чија единствена вина беше тоа што се Евреи“, вели  израелскиот историчар на холокаустот и директор на Центарот „Симон Визентал“ во Ерусалим.  

На изјавата на претседателот Пендаровски реагираше и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој побара од бугарското МНР да побара официјално извинување од претседателот Пендаровски.