1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерот Горан Милевски ја напушта Владата

ДТЗ
20 септември 2022

Тој најави дека се повлекува од лични причини, а до крајот на неделата се очекува неговата партија да предложи нов кандидат за министер за локална самоуправа

https://p.dw.com/p/4H663
Влада Северна Македонија
Прва оставка во Владата на премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, денеска ја достави својата оставка до Владата. Тој вчера најави дека се повлекува од лични причини, а до крајот на неделата се очекува неговата партија да предложи нов кандидат за министер. Милевски ќе остане претседател на ЛДП се до редовниот конгрес на партијата што треба да се одржи во декември кога ќе треба да се избере ново раководство.

Од Владата информираат дека оставката ќе биде  разгледана, а потоа ќе биде информирано Собранието кое треба да ја констатира на седница. Доколку оставката на Милевски биде испратена до Собранието пред новата 86. седница, таа би можела да биде констатирана в четврток. 

Официјално се уште нема информација кој ќе го наследи Милевски. Новиот министер, според Милевски, нема да биде од редовите на пратениците. Партијата има двајца пратеници – Моника Зајкова и Боби Мојсоски. Како најсериозен кандидат на партијата за оваа позиција се споменува името на поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен претседател на ЛДП, Ристо Пенов.

Освен од Владата, Милевски се повлекува и од лидерската позиција на ЛДП. Пратеничката Моника Зајкова има амбиции да биде првата жена претседател на ЛДП, но дали ќе застане на кормилото на партијата ќе се одлучува на редовниот конгрес на партијата во декември. Таа во изјава за медиумите рече дека доколку добие поддршка од членовите и од актуелниот претседател, ќе ѝ биде чест да ја води партијата. 

Прва оставка 

Ова е прва оставка во Владата на премиерот Димитар Ковачевски, осум месеци по неговото доаѓање на оваа функција, по повлекувањето на неговиот претходник Зоран Заев. Милевски, кој беше на министерската позиција од 2019 година,  деновиве негираше дека неговото повлекување е поради различниот став со неговите сопартијци за францускиот предлог за тргање на бугарското вето

Во јавноста изминатиот период се споменуваше можноста дека Милевски ги можел да „повлече нога“, па од Владата да заминат уште неколку министри од кои не е задоволен премиерот, со што би направил мини реконструкција. Се споменуваа имињата на Благој Бочварски од СДСМ и двајцата министри од Алтернатива, министрите за здравство Беким Сали и за информатичко општество Адмирим Алити.

Нема причина за реконструкција

Но, од партијата „Алтернатива“ велат дека Владата функционира нормално и оти нема причина за некаква реконструкција.

„Сега засега Владата функционира нормално и нема причина за никаква реконструкција. Нашите министри Беким Сали и Адмирим Алити се едни од најуспешните кадри, не само на Алтернатива, туку и во целата Влада воопшто. Затоа, не гледаме причина за отворањето на вакви непотребни теми“, велат од „Алтернатива“.