1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските дилеми околу Тајван

Матијас фон Хајн
6 август 2022

Посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, значи нова ескалација и создавање опасно кризно жариште со можност од војна. Тоа секако се одразува и на Германија.

https://p.dw.com/p/4FA0O
Reaktionen auf Pelosi Taiwan Besuch
Фотографија: Ann Wang/REUTERS

Шијех Џи Веј е претставник на Тајван во Германија – канцеларијата му се наоѓа во центарот на Берлин – до кинеската амбасада на брегот на Шпре има помалку од половина час одење. Во интервју за Дојче веле тој објаснува дека актуелните кавги не се случуваат меѓу „две земји“, туку меѓу „два вредносни системи“ – „диктатура и демократија“.

Со посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, тензиите во триаголникот Пекинг-Вашингтон-Тајпеј ескалираа до  можност од избивање војна.  Германската надворешна политика повторно се наоѓа пред дилема: ако Германија јасно се спротистави на  кинеската агресивност,  се заканува тежок конфликт со најважниот трговски партнер. Ако биде воздржана во критиките кон Пекинг, „светската ориентација“ на германската надворешна политика веќе нема да изгледа кредибилно.

Германски одредишта

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во понеделникот јасно застана на страната на Тајван. „Ние не прифаќаме кршење на меѓународното право и еден голем сосед да го нападне својот мал сосед спотивно на меѓународното право, а тоа секако важи и за Кина“, изјави таа во Њујорк на Конференцијата на ОН за атомско оружје.

Следниот ден германската амбасадорка во Кина, Патриција Флор, беше повикана во кинеското Министерство за надворешни работи, по што на Твитер напиша: „Отворено изразување денеска! На состанокот со заменикот министер за надворешни работи Денг Ли, нагласив: Германија е за политика на една Кина. Размената на мислења со тајванските власти се дел од таа политика. Заканата со воена сила под никој услов не е прифатлива, како што рече и министерката за надворешни работи Аналена Бербок.“

Политика на една Кина

САД за време на претседателот Барак Обама почнаа да го префрлаат тежиштето на својата надворешна политика на Пацифичкиот регион. Од 2020 година, Тајван, по Израел, Египет, Саудиска Арабија и Австралија е на петто место на листата на увозници на американско оружје. Островот има голем стратешко значење за САД (генерал Даглас Макартур уште пред 70-тина години го нарече „непотоплив носач на авиони на САД“).

Владата на Џо Бајден соопшти дека сака да го подигне „дипломатскиот статус“ на Тајван, а како прва на тоа се одзва Литванија, која во Вилнус во ноември 2021 година отвори „Претставништво на Тајван“ (а не „Тајпеј“, како што го нарекуваат сите други земји) - прво од таков вид.

Во Германија, како и во други земји, уште постојат само „претставништва на Тајпеј" – најмногу што Пекинг може да толерира. Поради политиката на една Кина, амбасадорката Флор зборува за „тајвански власти“, а не за „тајванска влада“.

Videotelefonat | Olaf Scholz und Xi Jinping
Германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Ши Џинпинг на видео средбаФотографија: Yue Yuewei/Xinhua/IMAGO

Нема визи

Освен тоа, нема контакти на високо ниво: во Германија не е добредојден ни шеф на државата, ни шеф на владата на Тајван, ни министрите за надворешни работи иили одбрана, виза не можат да добијат ни претседателот на парламентот, ниту врховниот судија. Поради третирањето на Кина како единствена држава, чиј неодвоив дел е Тајван.

Кон тоа се придржуваат најголем дел земји, па и САД. Тајван себеси формално се нарекува „Република Кина“ и во уставот му е вградена претензија на целата територија на Народна Република Кина. Што може да се сфати и како третирање на Кина како единствена територија – само од перспектива на Тајпеј. Кога Тајпеј би го променил уставот, Пекинг тоа би можел да го сфати како официјално отцепување. А бидејќи Кина во 2005 година донесе посебен Закон за „спречување на отцепување“, тоа би можел да биде повод за „присилно обединување“.

Интензивни контакти во тесни граници

И покрај тесните граници на политиката на една Кина, Германија и Тајван одржуваат интензивни односи. Министерството за надворешни работи на својата интернет страница нагласува дека Тајван и Германија се „важни вредносни партнери поврзани со тесни и супстанциелни економски, културни и научни односи.“

На Тајван постои дури и еден вид сурогат за амбасада, која се нарекува „Германски институт Тајпеј“. Во коалицискиот договор на германската влада на 124 страница пишува: „Промена на статус кво во Тајванскиот мореуз може да се изведе само мирољубиво и со меѓусебна согласност. Во рамките на  политиката на една Кина, која ја води ЕУ,  ние поддржуваме тематски одредено учество на демократски Тајван во меѓународни организации.“

За разлика од САД, Германија не испорачува оружје на Тајван, но одлично соработува со островот. Берлин е најважен трговски партнер на Тајван во Европа. Во 2021 година стоковната размена меѓу двете земји имала вредност од 22 милијарди евра. На листата на најважни трговски партнери, Тајван се наѓа на 25 место.

Japan | Ankunft Bundeswehr Fregatte „Bayern“ in Tokio
Германската фрегата „Баварија“ во пристаништето во ТокиоФотографија: Lars Nicolaysen/dpa/picture alliance

Германија ги следи САД

На прво место е сепак Кина, обемот на трговска размена на Германија со Кина е 12 пати поголем отколку со Тајван.

ЕУ во 2019 година во стратешки документ утврди дека Кина истовремено е партнер, конкурент и ривал. Ривалитетот на системи сега добива на тежина. Тоа се одразува и на националната безбедносна стратегија на која моментално работи германското Министерство за надворешни работи. Претходната влада на Ангела Меркел во 2020 година веќе донесе нови смерници за Индо-пацифичкиот регион во кои многу се зборува за безбедносната политика, стратешки партнерства и „сѐ поострите спротивности меѓу Кина и САД.“

Во смерниците, Германија е на линијата на САД – лани Берлин во Индо-пацфичкиот регион ја испрати фрегатата „Баварија“ за да „упати сигнал за слободни поморски патишта и потреба од придржување кон меѓународното право.“

Сувереност на ЕУ

Од претседателот Доналд Трамп наваму, во меѓународните односи еден важен збор гласи: „расплетување“. Станува збор за намалување на зависноста од кинеската економија и врските со неа. Политикологот Јозеф Брамл за ДВ зборува за „економска војна“. Имајќи ја во вид посетата на Ненси Пелоси на Тајван, тој вели: „Дури и ако би дошло до воен судир, ние Европејците и пред сѐ Германците ќе страдаме поради разврзувањето на односите со кинеската економија кое токму сега го спроведува Вашингтон.“ 

Брамл се залага за тоа во Европа економската унија да се претвори во политичка унија. Таа и натаму би била на страната на САД, но би била „нејзин партер, а не вазал. Ако тоа не ни успее, ќе бидеме колатерална штета во  големиот судир меѓу САД и Кина.“