1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска амбасада: Оној што ви ветува термин за пари - лаже

ДТЗ
14 април 2023

Германската амбасада во Скопје ги советува граѓаните да не им веруваат на луѓе кои за пари ветуваат термин за виза. Ако некој Ви нуди лажни јазични сертификати - одбијте, советува Амбасадата

https://p.dw.com/p/4Q4xO
виза
Германската амбасада во Скопје ги советува граѓаните да не им веруваат на луѓе кои за пари ветуваат термин за виза. Фотографија: imago images/blickwinkel

Германската амбасада во Скопје ги советува граѓаните да не им веруваат на луѓе кои за пари им ветуваат термин за поднесување на барање за виза, бидејќи ваквите термини можат да се доделат само преку веб-страната на Амбасадата (www.skopje.diplo.de).

„Фер и транспарентно доделување на термини за поднесување на барање за виза како и проверка на вашите барања согласно важечките закони се наш и ваш заеднички интерес. За жал, постојано има луѓе кои со погрешни информации сакаат да извлечат профит за себе. Лагите и погрешните информации ви штетат вам и на Амбасадата“, се вели во објавата на социјалните мрежи.

Ваквото предупредување следи откако неодамна беа уапсени две лица во Гостивар поради вакви обвинувања, за што известија и медиумите. Основното јавно обвинителство Гостивар на почетокот на април информираше дека отворило истрага против измамничка која нудела лажни работни визи за Германија. Таа од март минатата година, претставувајќи се како вработена во Германската амбасада во Скопје и во МВР, измамила осуммина гостиварци. На жртвите им нудела да им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик за одредена сума пари. На тој начин успеала да им земе околу 18.500 евра. 

Заштитете се

 „Затоа, заштитете се и имајте предвид: Термини за виза се доделуваат само преку веб-страната на Амбасадата! Оној што ви ветува термин за пари, лаже! Термините не може да се купат! Лицата што на улица се претставуваат како вработени во Амбасадата и даваат ветувања, лажат! Доколку некој ви понуди фалсификувани или лажни јазични сертификати, одбијте! Нашите вработени се обучени и препознаваат вакви фалсификати. Вашето барање ќе биде одбиено“, апелираат од Германската амбасада.

Германските покраински министерства за внатрешни работи и труд неодамна предложија нов закон за доселување на работна сила од странство. Со тоа се отвара врата „значително“ повеќе работници отколку досега да можат да доаѓаат од западнобалканските држави - Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Нивниот број сега е ограничен на 25.000 годишно.

 

Расте интересот за учење германски јазик