Германија: Се засилува притисокот за забрана на АфД
18 јуни 2024Алтернатива за Германија (АфД) постигнува триумф по триумф. На европските избори на 9 јуни таа стана втора најсилна партија во Германија со 15,9 отсто, зад Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која доби 23,7 отсто од гласовите. АфД, исто така, често водеше на локалните избори одржани истиот ден, станувајќи број еден во речиси цела источна Германија.
Партијата затоа јава на бранот на успехот. Притоа, Сојузната служба за заштита на Уставот од 2021 година ја смета оваа партија за „сомнителен десничарско екстремистички случај," а во три германски сојузни покраини е класифицирана како „дефинитивно екстремистичка десничарска партија“. Проценката на тајната служба за внатрешни работи е централниот аргумент на кој се заснова кампањата „Да го одбраниме човечкото достоинство – итна забрана за АфД“, која беше покрената во понеделникот во Берлин.
Кој е вклучен во кампањата за забрана на АфД?
Сојузот се опишува себеси вака: „Ние сме ангажирани луѓе од граѓанското општество, вработени во советувалишта, активисти, адвокати, синдикални активисти, климатски активисти, луѓе кои со години водат антифашистичка политика, луѓе кои сега почнуваат да го прават тоа."
Јенс-Кристијан Вагнер е еден од нив. Тој го води меморијалниот споменик Бухенвалд и Мителбау-Дора во Тирингија. Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП), која владееше од 1933 до 1945 година, таму изгради два од нејзините многубројни концентрациони логори. Се проценува дека само на овие две места загинале најмалку 75.000 луѓе.
„АфД не е новата НСДАП“
Што се однесува до АфД, историчарот Вагнер предупредува на искривените историски споредби со националсоцијализмот, но сепак ги повикува политичарите да го истражат и да го започнат процесот за забрана на партијата: „АфД не е новата НСДАП. Но, АфД е партија која промовира расизам и широко распространет антисемитизам, кој застапува националистичко сфаќање на државјанството".
Според ова сфаќање, државјани треба да бидат само оние кои можат да докажат дека нивните предци веќе со генерации живееле во Германија. Според тоа, АфД се залага за концептот на протерување на милиони луѓе, вели Вагнер, повикувајќи се на истражување на истражувачкиот портал Коректив. Откривањето кое го направи овој портал за состанокот на десничарските екстремистички кругови во Потсдам предизвика масовни демонстрации против десницата низ Германија на почетокот на 2024 година.
Строги правила за забрана на партија
Условите под кои во Германија може да биде забранета некоја партија се регулирани со член 21 од Основниот закон (Уставот): „Партиите кои врз основа на своите цели или однесувањето на нивните поддржувачи имаат за цел да го поткопаат или елиминираат основниот слободен демократски поредокили постоење на Сојузна Република Германија се неуставни“.
Германскиот Уставен суд одлучува дали ќе ја забрани партијата доколку се поднесе соодветно барање. Право да поднесат такво барање имаат германската влада, Бундестагот и Бундесратот, во кој се претставени сите 16 сојузни држави. Најсвеж таков пример беше неуспешниот обид во 2017 година да се забрани Националната демократска партија на Германија (НПД), која оттогаш беше преименувана во „Хајмат“.
За разлика од оваа десничарска екстремистичка партија, АфД за само неколку години стана солидна сила во Германија. Кампањата „Да го обраниме човечкото достоинство – итна забрана за АфД!“ затоа сака да го зголеми притисокот врз политичарите и особено да бара поддршка во Бундестагот.
Сепак, критичарите на процедурата за забрана предупредуваат дека АфД би можела да се прикаже себеси како жртва или дури да бара некаков демократски печат на одобрување доколку забраната не успее. Контроверзно прашање меѓу експертите е и дали партиската програма на АфД дава доволно докази дека е неуставна.
Антидемократски и расистички изјави
Лукас Теуне од Републиканската адвокатска комора исто така ги гледа тие ризици, но сепак е самоуверен. Тој се повикува на јавните и затоа проверливи антидемократски и расистички изјави на политичарите на АфД и нивните поддржувачи.
„Секако, тука е потребна прецизна и добра работа на надлежните, но тоа е исто така можно“, нагласува Теуне. Притоа, тој особено мисли на Сојузната служба за заштита на Уставот, која со право цели на целата АфД како „осомничена за десничарски екстремизам“ по пресудата на Вишиот регионален суд во Минстер објавена во март .
Повреденото човечко достоинство е реално и секојдневно
Карим Ел-Хелаифи зборува за перспективата на луѓето кои доживеале расизам и изолација. Повредата на човековото достоинство не е апстрактна работа, туку секојдневие, вели претседателот на постмигрантската мрежа „Нова германска организација“. Тој вели дека тоа се манифестира со расистичко, антисемитско насилство и терор. „А претставниците на АфД создаваат рамка во дебатата за ова насилство да стане возможно и поприфатливо“, вели Ел-Келаифи.
Кампањата наскоро може да добие поддршка од Бундестагот. Пратеникот на ЦДУ Марко Вандервиц сака забраната на АфД да ја стави на дневен ред на парламентот. За тоа би требало да го поддржат најмалку пет отсто од неговите колеги - тоа би биле 37 пратеници. Вандервиц за берлинскиот весник „Тац“ изјави дека го има потребниот број пратеници.