1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија протера ирански дипломати

ЕМФ / дв
22 февруари 2023

Како реакција на смртната пресуда против Германецот со иранско потекло Џамшид Шармахд, официјален Берлин протера двајца ирански дипломати.

https://p.dw.com/p/4Np5Z
Зградата на иранската амбасада во Берлин
Зградата на иранската амбасада во БерлинФотографија: Sascha Steinach/IMAGO

На двајца ирански дипломати во Германија им е даден „краток рок“ да ја напуштат земјата, соопшти германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Освен тоа, на разговор во германското МНР е повикан раководителот во иранската амбасада во Берлин. „Нему му е соопштено дека не прифаќаме масивна повреда на правата на еден германски државјанин“, објасни министерката. Бербок додаде: „Од Иран бараме да ја повлече смртната пресуда за Џамшид Шармхад и да му се овозможи фер жалбен процес во согласност со принципите на правна држава.“

67-годишниот Шармахд беше осуден на смрт поради обвинувања за тероризам. Конкретно, иранското правосудство го обвинува Шармахд дека бил вклучен во напад на џамија во јужниот ирански град Шираз во април 2008 година, во кој загинаа 14 лица. Обвинувањата не можат да се потврдат.

Џамшид Шармахд во Револуционерен суд во Техеран
Џамшид Шармахд во Револуционерен суд во Техеран Фотографија: Koosha Falahi/Mizan/dpa/picture alliance

Иран го обелодени апсењето на Шармахд во август 2020 година. Според наводи на неговото семејство, Германецот со иранско потекло, кој во последно време живеел во САД, бил киднапиран од страна на иранската тајна служба во Дубаи и бил однесен во Иран. Судскиот процес против него почна во февруари годинава. Шамархд припаѓа на опозициската група Тондар (Гром), која го отфрла политичкиот систем во Иран и се залага за повторно воспоставување монархија.