1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Нема паркирање со две тркала на тротоар

Тагесшау | ЕМФ
7 јуни 2024

Германскиот Управен суд донесе одлука дека граѓаните може да преземат мерки против оние кои ги паркираат возилата со две тркала на тротоарот.

https://p.dw.com/p/4gmEl
автомобил тркало
Фотографија: imago/Hoch Zwei Stock/Angerer

Возилата паркирани на тротоарите се честа причина за расправија меѓу возачите и пешаците во Германија. Сојузниот управен суд сега ги зајакна правата на жителите во ограничен обем. Судиите од Лајпциг донесоа одлука дека жителите во одредени околности можат да бараат од надлежните власти да преземат мерки против автомобилите паркирани на тротоарите. Предуслов притоа е пристапот до куќата да им е значително попречен. Значи, правата на жителите се просторно ограничени.

Спор во Бремен

Пет сопственици на куќи од Бремен поднеле тужба против градот. Таму веќе неколку години се води спор околу паркирањето на возилата со две тркала на тротоарот. Тоа е забрането доколку нема дозвола за такво нешто. Во многу германски општини, вклучително и Бремен, ваквото паркирање е сè уште широко распространето и властите го толерираат.

Управниот суд во Бремен во 2021 година одлучи дека тужителите можат да побараат интервенција на органот за патен сообраќај. Органот може да одлучи која мерка ќе ја избере. Вишиот управен суд во Бремен подоцна го потврди ова начелно, но, за разлика од понискиот суд, пресуди дека органот не може да остане целосно неактивен. Жителите тужители и градот поднеле жалба против оваа пресуда до Сојузниот управен суд.

Германската еколошка акција бара шлепување или казни

По последната пресуда, тужителот Волфганг Келер-Науман за новинската агенција ДПА изјави: „Во германската судска пракса е новина дека ако ве попречува незаконско паркирање на тротоарите, имате право да барате од општината да интервенира.“

Во соопштението на еколошкиот сообраќаен клуб ВЦД се вели: „Сите германски градови кои ги затвораат очите пред паркирањето на тротоарите, сега мора да размислат повторно“. Општините се повикани да ги спроведуваат прописите за патен сообраќај. Организацијата Германска еколошка акција ги повика градовите и општините да казнуваат или да ги шлепуваат автомобилите.

Берлин велосипед
Се бара и зајакнување на превозот со велосипеди и локалниот јавен сообраќајФотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Заедницата на градови и општини ја поздравува пресудата

Заедницата на градови и општини (ДСтГБ) ја поздрави одлуката на Сојузниот управен суд. Таа соопшти дека со тоа се создава правна сигурност за институциите надлежни на патиштата, за општинските канцеларии за јавен ред, за жителите и, последно, но не и најмалку важно, за корисниците на учесниците во сообраќајот.

ДСтГБ сега повикува на поинаква правна рамка за општините со цел да се реши поделбата и употребата на јавноста простор. „Се разбира, мора да има паркинг места за оние кои се упатени на користење автомобили“, се вели во соопштението на заедницата. Но, како што се потенцира, треба да се зајакнат и алтернативите, односно велосипедистите и пешаците, како и локалниот јавен превоз.

Казна на тркала