1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: Најмногу кривични дела во последните 11 години

24 август 2024

Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го претстави годишниот извештај на Сојузната полиција, според кој има најголем број на кривични дела од 2012 година, oсобено во областа на правото за престој

https://p.dw.com/p/4jfWv
Германија Сојузна полиција
Сојузната полиција во акција - приведување на лице при илегален влез во ГерманијаФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Министерката Ненси Фезер (СПД) во Росток претстави загрижувачки бројки: минатата година Сојузната полиција забележала највисоко ниво на криминал од 2012 година, односно во последните единаесет години. Регистрирани се речиси 800.000 кривични дела, што е за 12,5 отсто повеќе од претходната година. Тоа е сигурно и една од последиците на војните во Украина и на Блискиот Исток, како и на жестоката поларизација во самата земја.

Посебно големо зголемување има кај бројот на кривични дела поврзани со правото на престој: тие се зголемени за речиси 40 проценти во споредба со 2022 година. Ова се однесува на прекршоци при обид за влез во Германија или останување во земјата.

Шефот на Сојузната полиција, Дитер Роман, се жали дека минатата година имало речиси 3.000 напади врз неговите полицајци: „Речиси 800 од нив се повредени, многумина многу сериозно. Годинава веќе се евидентирани 400 напади. Еден полицаец на Сојузната полиција  не го преживеа нападот. Во меѓувреме, неговата сопруга роди дете кое никогаш нема да го запознае својот татко“.

Големи пофалби за ангажманот за време на Европското фудбалско првенство

Сојузната полиција станува активна кога е неопходно да се извршуваат задачи кои грубо кажано ја засегаат целата држава. Бидејќи секојдневната рутинска работа на полицијата во Германија е одговорност на сојузните покраини. Должностите на Сојузната полиција вклучуваат: обезбедување на границите, борба против меѓународниот и организираниот криминал, заштита на државните институции како што се министерствата и заштита на политичарите.

Сојузната полиција има околу 56.000 вработени. Само оваа година не еднаш беше во центарот на вниманието, кога за време на Европското фудбалско првенство во јуни и јули, со рекорден ангажман се погрижи мега настанот да помине без поголеми инциденти. Спроведуваше дополнителни контроли на границите, железничките станици и аеродромите, како и пред стадионите.

ЕУРО 2024 Сојузна полиција
Полицајци на Сојузната полиција во Франкфурт на Одра контролираат воз од Варшава со 600 полски фудбалски навивачи Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Министерката уште еднаш упати големи пофалби за тоа: „Она што го постигна Сојузната полиција беше навистина фантастично. Во голема мера нејзина заслуга е што Европското првенство во фудбал 2024 година беше безбедно. Сојузната полиција распоредуваше до 22.000 сили дневно - секој ден! Со забрана за одмор и за време на летниот распуст“. 

Министерката сака да ги продолжи граничните контроли

Министерката за внатрешни работи Фезер е решена да ги продолжи  т.н стационарни контроли на важни граници,  како што се оние со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија, првенствено за да се спречи илегалната миграција и да се потисне активноста на шверцерите.  Зголемените контроли  се на сила до средината на декември, но на прашањето дали планира да ги продолжи, Фезер одговори кратко и јасно со „да“.

Министерката Ненси Фезер Сојузна полиција Германија
Министерката Ненси Фезер при посета на контролен пункт на Сојузната полиција на граничниот премин Герлиц на 13 август 2024Фотографија: Paul Glaser/dpa/picture alliance

Како причина таа ја наведе неодлучноста на многу земји од ЕУ во борбата против илегалната миграција: „Има и други земји кои имаат одговорност, но тие не ја преземаат таа одговорност и затоа контролите остануваат на сила додека навистина не се постигнуваат значајни промени“.

Депортации во Сирија и Авганистан?

Построгите проверки даваат ефект: по големиот пораст минатата година, бројот на нелегални влегувања во Германија оваа година е во опаѓање. Во 2024 година биле забележани нешто помалку од 53.000 нелегални влезови, додека во цела 2023 година имало речиси 128.000.

Борба против илегалната миграција,  сузбивање на организираниот криминал, безбедност на железничките станици и аеродроми: ова се приоритетите на Фезер и Роман кога е во прашање работата на Сојузната полиција. Министерката сака да разгледа дали е сепак можно повторно  да се овозможи депортација  на, на пример, осудени криминалци,  во Сирија и Авганистан  во иднина. Во моментов, тие депортации се суспендирани поради сериозни прекршувања на човековите права во тие земји. Фезер знае дека правните пречки се многу високи и дека е тешко да се промени нешто во овој момент.