1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ја протера амбасадорката на Чад

ЖА / агенции
11 април 2023

Германија презеде реципрочна мерка – откако воената хунта во Чад минатата недела му откажа гостопримство на германскиот амбасадор, Берлин ја протера амбасадорката на централноафриканската земја.

https://p.dw.com/p/4Puok
Германското министерство за надворешни работи во Берлин
Германското министерство за надворешни работи во БерлинФотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Амбасадорката на Чад во Германија, Мариам Али Муса на итниот разговор на кој денеска (11.04.2023) била повикана во германското Министерство за надворешни работи, била информирана дека во рок од 48 часа треба да ја напушти земјата, соопшти Министерството во Берлин.

Чад изминатата недела го прогласи германскиот амбасадор Гордон Крике за „персона нон грата", давајќи му рок од 48 часа да замине од земјата. Образложенијата кои владејачката воена хунта во Чад ги наведе за протерувањето на Крике, од аспект на Берлин се „апсолутно неприфатливи". Германското МНР на Твитер во вторникот истакна дека Крике „примерно ја извршувал својата функција во Нџамена, залагајќи се за запазување на човековите права и брз премин кон цивилна влада во Чад.“

Во април 2021 година власта во Чад ја презеде шефот на владејачката воена гунта, Махамат Идрис Деби Итно, откако неговиот татко и долгогодишен претседател на државата, Идрис Деби Итно го загуби животот во борбите со бунтовниците.

Хунтата првично најави намера да организира избори во земјата во рок од 18 месеци, но во октомври власта на Деби беше продолжена за уште две години. Германија и повеќе други земји од Европската унија во таа прилика ја изразија својата загриженост поради пролонгираното враќање на демократијата.