1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали еден леб наскоро ќе чини 10 евра?

Сабине Кинкарц
17 септември 2022

Актуелните цени на енергијата во Германија се толкави што многу пекари веќе не можат да ги плаќаат сметките. Тие се соочени со избор - да затворат или да ги зголемат цените на лебот енормно.

https://p.dw.com/p/4H0IU
Се очекува поскапување на лебот
Се очекува поскапување на леботФотографија: Mohssen Assanimoghaddam/dpa/picture alliance

Леб, пити, тортички – „Ние сме класична пекарница, го продаваме она што стигнува од нашите печки“ - вака Тобијас Плац ја објаснува деловната стратегија на својата фирма во Ојтиген, село во близина на Штутгарт. Пекарницата постои од 1890 година, Плац е пекар во четврта генерација. Лани комплетно ја реновирал својата пекарница – преку стакло муштериите можат да го видат задниот дел, каде се меси и пече.

Но, Тобијас Плац не знае како натаму да го води својот бизнис. На крајот на август добил писмо од својот снабдувач со гас - наместо досегашните десет центи, сега треба да плаќа речиси 35 центи за киловат час гас. „Сакавме да ги споделиме овие информации со вас, за да имате разбирање ако мораме да ги прилагодиме цените на нашите печива“, пишува пекарот на Фејсбук и Инстаграм, каде има објавено фотографија од писмото на неговиот снабдувач со гас со новите цени. Цените за струја и трошоците за суровини исто така ќе растат, напишал тој, дополнувајќи: „Каде ќе биде крајот на ова? Драги  политичари во Штутгарт и Берлин,  кога конечно ќе се разбудите и вразумите? 

Претпријатието троши 80.000 киловат часови гас само за греење и за топла вода. Месечната рата за гас од 1 октомври 2022 година ќе му се зголеми од 721 на 2588 евра. Во тоа не се содржани трошоците за енергија за печката, а Плац има договoр за добивање гас по старите услови до крајот на годинава.

Пекарите протестираат во Хановер

И во другите пекарници во Германија деновиве доаѓаат писма со нови цени од дистрибутерите на енергија. Понекогаш барањата се толку високи што претприемачите се запрепастени и трескавично размислуваат што да направат за некако да можат да ги поднесат трошоците. Екехард Фатер, кој води голема пекарница во покраината Долна Саксонија, со 35 филијали и 430 вработени, во иднина треба да плаќа повеќе од 75.000 евра месечно за гас. Досега трошокот за гас изнесувал околу 5.800 евра.

Фатер и многу негови колеги излегоа на протести. „Спасете нè нас, пекарите“ беше напишано на таблите и транспарентите што во Хановер ги држеа околу 1.000 демонстранти, пекари и нивните вработени. Многу пекарници со денови продаваат во темница за да го привлечат вниманието на клиентите. Мотото гласи: „Светлото ни се гаси – денес светло, а утре печката?“

Протести на пекарите во Хановер
Протести на пекарите во ХановерФотографија: Michael Matthey/dpa/picture alliance

Една земичка - пет евра

Печките не можат да работат без енергија, но како пекарите да ги покријат високите трошоци? Да се зголеми цената на лебот и земичките? Земичка за пет, леб за десет евра? Пекарите се сигурни дека муштериите не би го поддржале тоа. Централното здружение на германските пекари предупредува дека многу пекарници ќе мора да затворат доколку нема државна финансиска помош.

Досега, пакетите за помош на сојузната влада првенствено се фокусираа на приватни домаќинства, а помалку на компании. За граѓаните да можат да ги издржат експлодирачките цени на енергијата, предвидени се 95 милијарди евра помош. На владеачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП ѝ требаше подолго време за да сфати дека и економијата нема да може да ја помине кризата без поддршка.

Продажба во темница за да се сврти вниманието на високите цени на енергијата
Продажба во темница за да се сврти вниманието на високите цени на енергијатаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance/dpa

Кој ќе ги плати високите цени?

„Секој ден ни стигнуваат итни повици од фирми кои се кратко пред запирање на производството, меѓу другото и поради неможност да ги компензираат и да ги префрлат високите трошоци врз купувачите“, предупредува во интервју за „Рајнише пост“, Ханс Петер Волсајфер, претседател на Централното здружение на занаетчии. Динамиката на банкроти е многу полоша отколку во врвот на пандемијата на коронавирус. Според анкета на Сојузот на германската индустрија, една третина од индустриските компании смета дека им е загрозена егзистенцијата.

Примери за кризата има секојдневно. Производителот на тоалетна хартија Хакле прогласи несолвентност, образложувајќи дека порастот на производните трошоци не може да го покрие со зголемување на продажните цени. Концернот за производство на челик Арцелор Митал запре две производни линии во северна Германија и вработените ги испрати на скратена работа, по што осигурувањето за случај на невработеност ја презеде исплатата на платите.

Сѐ повеќе претпријатија се соочени со банкрот
Сѐ повеќе претпријатија се соочени со банкротФотографија: Ulrich Stamm/Geisler-Fotopress/picture alliance

На Германија ѝ се заканува рецесија

Ако некое претпријатие го прекине производството, често следат далекусежни последици за другите стопански гранки и за потрошувачите.

По запирањето на работата на постројките за амонијак поради неможноста од економично работење, азотната фабрика Пистериц во покраината Саксонија-Анхалт престана да испорачува раствор кој се користи во модерните дизел возила, значи и во транспортните, а кој служи за чистење на издувните гасови.

Економистите пресметаа дека Германија е на пат кон рецесија, слично како во пандемијата на коронавирус. Владата мора итно да донесе растоварувачки програми и решенија за економијата, гласи пораката од стопанските здруженија. На собирот на германските работодавачи министерот за економија Роберт Хабек вети финансиска поддршка, но мораше да признае дека во владата сѐ уште нема согласност за висината на помошта.

- повеќе: Ќе има ли Германија доволно гас за да ја „преживее“ зимата?

Она што е сигурно е дека корист треба да имаат не само големите индустриски компании кои се во меѓународна конкуренција, туку и средните, а пред сѐ фирмите кои трошат многу енергија. Тука се вбројуваат и пекарниците. Владата сака да донесе одлука за програмата во следните неколку недели, изјави Хабек во Берлин. Сепак, таа треба да има реткроактивно дејство, на пример од септември. „Сега мораме да ја собереме целата финансиска сила што е неопходна за да ја обезбедиме добрата супстанција на нашата економија и работните места во оваа земја“, рече Хабек по состанокот со 40 средни бизнис здруженија. „За очекување е дека тоа значително ќе им го олесни товарот на средните компании, но не и дека ќе им ги одземе сите трошоци.“ Сè уште не може да се процени колку програмата ќе ги чини даночните обврзници.

Министерот за економија Роберт Хабек ветува финансиска поддршка, но признава дека во владата сѐ уште нема согласност за висината на помошта
Министерот за економија Роберт Хабек ветува финансиска поддршка, но признава дека во владата сѐ уште нема согласност за висината на помоштаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Без трајни субвенции

Финансиската помош ќе биде временски ограничена, додека не почне дејството на напорите на национално и европско ниво за сузбивање на високите цени на струјата и гасот, најави Хабек. Но, дали тоа ќе биде доволно? Штефен Милер, професор на Лајбниц-институтот за економски истражувања во Хале укажува дека растечките цени на енергенсите, но и растечките кредитни стапки не се привремен феномен, туку ќе останат на среден и долг рок.

- повеќе: Германската економија е на раб на рецесија

„Програмите за помош кои треба да премостат одредено кризно време, во оваа ситуација ги одлагаат проблемите на товар на даночните обврзници за неколку месеци во иднина“, вели тој за ДВ: „Мерките кои одредено време ги симнуваат енергетските цени исто така не се логични, зашто ја одземаат мотивацијата за штедење енергија, а токму тоа не можеме да си го дозволиме.“

Кризата ги забрзува структурните промени

Поразумни би биле кредити со поволни камати стапки, аргументира Милер, кои треба да бидат внимателно давани, за преориентација кон производство со помала потрошувака на енергија.

„Сржта на аргументот е дека цените на енергијата по оваа зима нема да паднат на ниво од минатата година. Настанува структурна промена.“

Вообичаено, обврска на претпријатијата е да се приспособат на неа, вели научникот. Но, во ситуација на од криза предизвикана „силно засилена структурна промена кон поодржлива индустрија“, државата може да помогне.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ