1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: 2,4 милијарди евра за основна детска заштита

Сузане Ајкенфондер
28 август 2023

Секое петто дете во Германија се смета за сиромашно. Со цел да се спротивстави на ова, владата, по повеќемесечен спор, постигна согласност за клучните точки за идната основна детска заштита.

https://p.dw.com/p/4VeEj
Германија I Ходник во градинка во сојузната покраина Бранденбург
Ходник во градинка во сојузната покраина БранденбургФотографија: Christian Bark/dpa-Zentralbild/picture alliance

Основната детска заштита во иднина ќе биде централна социјална услуга за сите деца и млади луѓе во Германија. Во владејачката коалиција со месеци се водеше расправија во врска со висината на основната детска заштита. Сега канцеларот Олаф Шолц (СПД), министерката за семејство Лиза Паус (Зелени) и министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) постигнаа начелен договор.

Сојузната влада сака да потроши 2,4 милијарди евра во 2025 година за финансирање на основната детска заштита. Тој износ треба да се зголеми во годините потоа.

На прес-конференција за резултатите од реформата, Паус во Берлин рече дека до 5,6 милиони семејства загрозени од сиромаштија и децата во тие семејства ќе добиваат социјални услуги побрзо отколку досега. Основната детска заштита, рече Паус, е централниот одговор за ефикасна борба против детската сиромаштија. Задоволен од резултатот е и министерот за финансии Линднер. Тој пред новинарите зборуваше за централен реформски проект на сојузната влада. Неговата грижа, како што рече, е да создаде стимулации за вработување во Германија. Министерот за труд Хубертус Хајл (СПД) ја гледа реформата како можност секое дете да ги развие своите можности и таленти. Сега се редефинира обезбедувањето основна егзистенција за децата, рече тој на заедничката прес-конференција во Берлин.

Концептот на владата предвидува гарантиран додаток (досегашниот детски додаток), кој го добиваат сите, независно од приходите на родителите, како и дополнителен додаток кој ќе зависи од платата на родителите и возраста на децата и младите. Според она што го договори коалицијата, со основната детска заштита се следат повеќе цели: подобра заштита на децата и младите од сиромаштијаи со тоа создавање подобри шанси за нив, како и подобра прегледност со помош на централна платформа, со која треба да се допре и до семејствата кои поради незнаење или бирократски пречки не ги добиваат парите кои им следуваат.