1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши: Од никого никогаш не сум барал да прекрши закон

ДТЗ /МИА
27 август 2024

„Верувам дека мнозинството ќе ја донесе најправедната одлука. Таа каква и да биде, ќе ја почитувам“, рече Гаши на првиот брифинг со новинарите, во пресрет на интерпелацијата којашто ќе се одржи на 3 септември.

https://p.dw.com/p/4jxyl
Африм Гаши
Од никого никогаш не сум барал да прекрши закон, вели ГашиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе биде прва точка на дневен ред на собраниската седница којашто ќе се одржи на 3 септември. Тој смета дека интерпелацијата поднесена за него од партијата Левица не е политички издржана.

„Мене ми е мило што ќе се расправа и ќе и се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација. Се што е во рамки на Деловникот и во рамки на демократичноста во Собранието, го почитувам, било тоа да се однесува на институцијата претседател на Собранието или на кого било. Ќе бидеме отворени кон секоја иницијатива, ќе го почитуваме Деловникот и се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументи и потоа пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Верувам дека мнозинството ќе ја донесе најправедната одлука. Таа каква и да биде, ќе ја почитувам“, рече Гаши на првиот брифинг со новинарите, во пресрет на интерпелацијата. 

Африм Гаши
Интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе биде прва точка на дневен ред на собраниската седница којашто ќе се одржи на 3 септември.Фотографија: Petr Stojanovski

„Од никого не барав да прекрши закон“

Интерпелацијата за Гаши беше поднесена по инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на Меѓународниот аеродром Скопје којшто се случи на 1 август, а во којшто беше инволвиран и член на обезбедувањето на собранискиот спикер. 

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со случајот со косовската претседателка Вјоса Османи и со неговото приватно патување со службени возила на свадба во Косово, Гаши вели дека од никого никогаш не барал да прекрши закон.

На прашањето зошто со службено возило бил во приватна посета на Косово, тој рече дека тој е обврзан како претседател на Собранието секаде да се движи со службено возило, иако не би сакал тоа да биде така. 

„Сите сакаме да имаме барем малку приватен живот. Јас воопшто го немам и за жал и во овој случај морав и на приватен настан да отпатувам со службено возило“, рече Гаши. 

Во врска со овој случај, Гаши кажа дека уредно бил најавен дека ќе патува на Косово, но дека не може да застане на пасошка контрола и да ги провери пасошите. Сепак, тој не кажа колку лица патувале со него со службените возила. Најави дека ќе покрене иницијатива и со МВР да се доуредат одредени пропусти. 

„Сите треба да ги почитуваат законите“

Во врска со инцидентот со претседателката на Ковосо, Вјоса Османи, бил повикан од неа и дал инструкции дека ќе оди на аеродром за да ја смири ситуацијата, и како претходница биле упатени лицата од неговото обезбедување. Откако му се јавиле дека ситуацијата е надмината, решил да не оди. Гаши кажа дека сите треба да ги почитуваат меѓународните и домашните закони.

„Од морален аспект, јас лично и обезбедувањето во Собранието на аеродоромот избегнавме инцидент којшто можеше да има поголеми последици. Се радувам дека се заврши како што треба. Тие луѓе кои ги пречекориле своите овластувања, МВР ќе постапи како што е законот. Секогаш кога ќе треба да се зближува, да се смирува ситуацијата, ќе настапувам за доброто на граѓаните, да нема конфликти, инциденти и поголеми последици“, рече Гаши во изјава за медумите по средбата со новинарите.