1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во знак на протест - бојосана Бранденбуршката порта

18 септември 2023

Членови на групата за заштита на климата „Последна генерација“ во знак на протест ја испрскаа Бранденбуршката порта во Берлин со боја. Уапсени се 14 лица.

https://p.dw.com/p/4WS8x
Берлин | Брандебуршка порта
Бојосани сите столбови на Брандебуршката портаФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Со жолта и портокалова боја се испрскани сите шест столба на Бранденбуршката порта, соопшти полицијата во Берлин. Групата „Последна генерација“ соопшти дека за акцијата за прскање на светски познатиот споменик се користени препарирани апарати за гаснење пожар. Според полициски наводи, уапсени се 14 лица. Отворена е истрага за „нанесување штета на имот кое е штетно за заедницата“. Веднаш е почнато со вадење на бојата од споменикот.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го осуди нападот со боја. „Мачкањето на Бранденбуршката порта како симбол на слободата и обележје на нашата земја е уште една бесмислена акција за осуда, која мора да се казнува консеквентно согласно кривичното право“, изјави Фезер за весниците на медиумската група „Функе“. „Последната генерација со своите кривични дела и хаос не постигнува воопшто ништо. Напротив, ваквите акции ѝ нанесуваат голема штета на општествената поддршка за заштитата на климата, која е неопходна.“

Групата „Последна генерација“ соопшти дека со акцијата треба да се испрати порака дека е време за енергетски пресврт и напуштање на фосилните горива. Бранденбуршката порта е специјално избрана за кампањата затоа што е „најпознатото обележје на Берлин“ и е „симбол на големи, надежни пресвртници во историјата како ниеден друг споменик во Германија“, објасни Марион Фабијан, портпаролка на „Последната генерација“.