Честит Илинден!
2 август 2022Македонските граѓани денеска прославуваат 119 години од започнувањето на Илинденското востание прогласувањето на Крушевската Република како и 78 години од Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на македонската државност.
Одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката – Илинден годинава се одбележува под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“. По тој повод претставници на државниот врв ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
Премиерот Димитар Ковачевски ќе присуствува на свеченоста во Крушево, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Пелинце, а претседателот Стево Пендаровски ќе ја предводи државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“.
Ова ќе биде прво чествување на празникот во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) на 2 август 1944 година по цели 18 години.
Во состав на делегацијата, која ќе ја предводи Пендаровски ќе бидат министерката за одбрана Славјанка Петровска, пратениците во Собранието, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, митрополитот кумановско-осоговски Григориј, епископот Стобиски Јаков, како и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Сојузот на борците на НОБ.
Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ и епископот врањски Пахомије, како претставник на Српската православна црква.