1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

За четири години – 19 случаи на фемицид во Македонија

ДТЗ
13 септември 2023

Повеќето од жртвите на фемицид во Македонија настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружици, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови

https://p.dw.com/p/4WFAw
насилство фемицид
Фемицидите земаат залет - за четири години убиени 19 жени и девојчињаФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/imago images

Дваесетина случаи на фемицид се евидентирани во Северна Македонија од 2019 година досега. За четири години се покренати 17 кривични постапки за фемицид, во кои се убиени 19 жени. Повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружници, а убиствата најчесто се случиле во нивните домови, покажува најновиот извештај за фемицид во Северна Македонија.

Ова покажува дека и покрај гласното говорење, постојаната едукација, покрај променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведување на голем број на кампањи за подигање на свеста, сепак, насилството врз жените и понатаму е присутно.

Пријави 

Во 2019 година од вкупно пет убиства при семејно насилство - три случаи се фемициди, во 2020 година од четири убиства при семејно насилство - три се фемициди, додека во 2021 година од пет убиства при семејно насилство, во три случаи станува збор за фемициди.

„Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно седум убиства при семејно насилство - шест се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со три фемициди, додека од неодамна имаше уште два случаи“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан“.

Таа повика на поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерките по пријавено насилство, како од страна на центрите за социјална работа, така и од страна на судовите, бидејќи тоа е единствениот начин да се намали или превенира фемицидот како најтежок вид на насилство врз жените.

Таа потсети и на кампањата „Гласна и храбра“ која беше спроведена во март од страна на Министерството за труд и социјална политика. 

„На тој караван слушнавме за присилно затварање дома и за оневозможување една жена да заработува, слушнавме за жени сезонски работнички кои по напорен ден им се одземени парите со закани од страна на сопругот алкохоличар, слушнавме за акутно насилство на кое сведоци се децата и за гладни непроспиени ноќи и изнемоштени раце кои не можат да се грижат за семејството“, рече Тренчевска. 

насилство
Повеќето од жртвите настрадале од раката на своите поранешни или сегашни партнери или сопружици, а убиствата најчесто се случиле во нивните домовиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Страв и недоверба 

Министерката смета дека причината за непријавување на насилството е стравот на жртвите, но и недовербата во институциите.

Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, вели дека во државата сè уште нема посебна евиденција за случаите на фемицид. Таа смета дека сериозно треба да се работи на формирање на казнена политика која поадекватно и построго ќе го казнува сторителот на ова дело.

Фемицидите, односно убиствата на жени и девојчиња, се една од главните причини за прерана смртност на жените на глобално ниво и претставуваат најекстремна форма на насилство врз жени.

Фемицидите се глобален проблем. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи годинава се евидентирани 517 случаи на семејно насилство за кои се пријавени 526 сторители од кои 476 мажи и 50 жени. Последниот случај на фемицид којшто ја вознемири јавноста беше пријавен во Куманово, каде во август годинава, 46-годишен маж со нож ги уби својата сопруга и нејзината мајка, а потоа скокна од прозорец. 

Во периодот од 2008 до 2020 година се извршени најмалку 50 фемициди, покажуваат анализите на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“.