1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК со скептична прогноза за економијата во Еврозоната

ЖА / агенции
11 септември 2023

Европската комисија ја коригираше својата конјунктурна прогноза за Еврозоната надолу. Во оваа година се очекува пораст на БДП од само 0,8 проценти, а во Германија - рецесија

https://p.dw.com/p/4WCGr
Економија инфлација
Помал економски раст, жилава инфлација во Еврозоната во 2023Фотографија: picture-alliance/empics

Европската комисија има значително поскептична прогноза за конјунктурата во Еврозоната и во Германија отколку пролетоска. ЕК очекува пораст на бруто домашниот производ во земјите од монетарната унија во 2023 година од само 0,8 проценти, како што произлегува од соопштената летна прогноза денеска во Брисел. Во мај беше проектиран раст од 1,1 процент. Со оглед на последиците од војната во Украина, растечките каматни стапки и високата ифлација, се очекува „повеќекратен спротивен ветар“ кој ќе биде поголема кочница за економскиот развој отколку што се претпоставуваше пролетоска, изјави еврокомесарот за економија Паоло Џентиоли.

Вицепретседателот на ЕК, Валдис Домбровскис очекува фазата на слабост идната година да премине во благ пораст, „потпомогнат од силниот пазар на работна сила, рекордно ниската невработеност и попуштањето на притисокот на цените.“

Германската економија  од аспект на Брисел  годинава се движи кон рецесија,  се очекува пад од 0,4 проценти, наспроти прогнозата за 0,2 проценти од мај. Ваквите предвидувања за  најголемата економија во Еврозоната  ги делат и бројни германски истражувачки институти: германската индустрија страда посебно од високите трошоци за енергија и општото економско опкружување, вклучувајќи ја и конјунктурната слабост на Кина. 

Жилава инфлација

Малку поповолна прогнозата на ЕК за годинава е во однос на инфлацијата, за Германија во 2023 година се очекува таа да изнесува во просек 6,4 проценти, наспроти предвидувањата од пролетоска за 6,8 проценти. За Еврозоната во целина се прогнозира инфлација од 5,6 проценти за годинава, а предвидувањата за идната година се пооптимистички  - 2,8 проценти во Германија и 2,9 проценти во Еврозоната, иако и тоа е над границата од Централната европска банка од 2 проценти, вредност што важи за идеална за конјунктурата.

В четврток ЕЦБ повторно треба да одлучува за висината на основната каматна стапка, прашање е дали ќе продолжи серијата на нејзино подигнување или шефицата Кристин Лагард ќе предложи пауза. Моментално референтната каматна стапка изнесува 3, 75 проценти.