1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Европеизирање или жонглирање со правдата

15 септември 2023

Оние што од денеска ги уживаат плодовите од изменетиот Кривичен законик заслужуваат честитки. Успех е со помош на институциите да се изигра законот и да се изневерат сите кои сонуваат за правда. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4WMJv
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Парламентот на Северна Македонија
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Парламентот на Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Денес кафулињата во Скопје ќе бидат преполни. Ќе се слави победата над правдата. Многумина од оние што во изминатите пет години ги гледавме на телевизија како седат во првите редови во судниците, со наведнати глави и со загрижени адвокати до нив, стануваат слободни граѓани. Како и сите ние кои сме внимавале да не прекршиме закон, да не земаме поткуп, да не правиме шеми со тендери за лично збогатување. Сега сме исти. И ние што го почитувавме законот, и тие што безочно го кршеа броејќи колку илјади или милиони евра ќе им се слеат во џебовите. 

Оваа голема неправда не се случи со копање на подземни тунели и гребење земја за да се дофати слободата. Туку се направи најлегално, преку парламентот, дури и со европското знаменце како назнака дека треба  да се синхронизираме со Европа. 

Македонија е држава во која тешко се доаѓа до правото. Тоа е многу скапо и граѓаните често пати прават финансиски пресметки дали е исплатливо да се впуштат во правен процес. И често одлучуваат да одмавнат со раката и да продолжат понатаму иако правото било на нивна страна. Во многу случаи на Запад, пак, судските процеси значат и трошење на пари и затоа се прават обиди за вонсудски спогодувања. Така се прави во земји каде што е висока свеста за трошењето на државните ресурси. Со најновиот  владин потег за измена на Кривичниот законик, милионски суми пари потрошени за судски процеси во сите инстанци, се фрлаат во вода, затоа што протагонистите на кривичните дела ќе заминат слободни а судењето не важи.   

Тоа не е правда. Тоа е голема неправда за сите оние кои сонуваме да живееме во правна држава, во која ќе бидеме заштитени од прислушувања на нашите разговори, од полнење на партиските каси со пари од државниот буџет, наместени тендери по формулата јас тебе ти мене, осиромашување на здравствените и пензионерските фондови, раскрчмување на државно земјиште. 

Додека јавноста нагаѓа кој ќе има корист од  инстант измените на Кривичниот законик или чии пријатели биле толку скапоцени за да не страдаат во затвор, сосема е јасно кој ќе претрпи штета. Ова е уште еден удар врз градењето на амбиент за владеење на право кој ќе заврши врз главата на обичниот граѓанин кому ЕУ му е императив а не мантра за политичко преживување како на „европејците“ од Илинденска.   

Што добива Владата

Во политичките кругови веќе се лицитира што ќе добијат Владата и Ковачевски за возврат за оваа акробација. Некои велат дека седум пратенички прста од ВМРО-ДПМНЕ нежно ќе се спуштат врз зеленото копче при гласањето за уставните измени. Но има сомневања и дека е тоа подарок за други функционерски имиња од редовите на власта кои се огрешија од законот. И двете објаснувања се прифаќаат како нормален след на настаните имајќи предвид дека уцените и размената на услуги станаа секојдневие во македонската политика.

Влада на Северна Македонија
Во политичките кругови веќе се лицитира што ќе добијат Владата и Ковачевски за возврат за оваа акробацијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Жонглирањето со правдата не застана само тука. На повидок е и амнестија на затвореници со казна од шест месеци, а на останатите ќе им биде намалена казната. Неодминлив е впечатокот дека и овој егзодус од затворите кон слободата е производ на партиски пазарења и градење стратегии. Официјалната причина за амнестијата е дека условите во затворите се лоши, без услови за елементарни човечки потреби и дека нема место за сите затвореници. Што е и точно. И дека има само 2.113 легла а во затвор се 2.345 лица. Меѓутоа, самите бројки за опфатот на затвореници со амнестијата ги демантираат властите. Процените се дека амнестијата ќе се однесува на околу 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат затворските казни во сите затвори во земјата. Од друга страна факт е и дека за лошите услови во затворите се зборува долго време, но ниту оваа ниту претходната власт не направија ништо за да ги подобрат. Напротив изгледа како да одржуваат статус-кво состојба за да можат да ги користат за политички пазарења или за предизборни математики.

Оттука последователното лансирање на измените на Кривичниот законик и на законот за амнестија кој допрва треба да биде усвоен, се очигледен внатре- коалициски маневар на СДСМ и ДУИ во функција на јакнење на позициите пред претстојните двојни избори. 

Наскоро ќе се види дали во тој пазар влегле и некои други партии со свои интереси, лични или групни. Мирисот на изборите очигледно ги менува партиските приоритети и стратегии. За владејачката СДСМ двојните избори се бездруго голем залак бидејќи по губењето на локалната власт сега и се заканува и губење на централната власт како и функцијата претседател на државата. 

ДУИ со други математики 

Доколку СДСМ успее да ги спроведе уставните измени, тие ќе бидат пресвртна точка повеќе за државата отколку за партијата, бидејќи се мали изгледите дека тоа ќе ја врати во срцата на избирачите. Математиките на ДУИ се поинакви. Амнестијата може да им ги подобри позициите пред својот електорат особено во услови кога се зголемува конкуренцијата во албанскиот камп. Тие се надеваат на учество во власта и по изборите кога и да се, а популарноста на која сметаат им дава стартна основа да бидат фактор и во пазарењето за претседателската функција во државата.

Тоа значи дека двата коалициски партнери кои се столбот на Владата веќе се поставени на различни патеки, а партиските интереси веќе не им се толку близу. Како што се приближуваат изборите, кај СДСМ ќе расте нервозата од негативниот одиум кој им го пренесе ДУИ со бројните корупциски афери, а ДУИ сѐ повеќе ќе ја игра улогата на „ужалена“ политичка вдовица во потрага по нов партнер. 

Гледано во тој контекст, жонглирањето со правдата добива некаква смисла, но од друга страна во потполност ги анулира владините пароли за европско законодавство и владеење на правото по европски терк. Освен тоа во Министерството за правда веќе три години се подготвува нов Кривичен законик под експертиза на кривичар кој и досега ги пишуваше законите и кој учел кривично право во времето на негативецот на премиерот, „Дарт Вејдер“. Тоа го прави бесмислено правдањето на Ковачевски за ад-хок измените на Кривичниот законик и укажува на нивниот наменски карактер кој нема врска со осовременување на казненото право. 

Но барем не е веќе далеку 2030 кога ЕУ ќе ја прими Македонија како полноправна членка. Како што потенцираше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во својот годишен говор, приемот на нови членки ќе биде според системот на заслуги кој сѐ уште останува единствен критериум за членство во Унијата. Белким дотогаш ќе воспоставиме правен систем во кој нема да има потреба од политички акробати кои на грбот имаат невидливо јаже да ги штити од паѓање. 

Оние што од денес ги уживаат плодовите од измените на Кривичниот законик, заслужуваат честитки. Голем успех е со помош на институциите да се изигра законот и да изневерат очекувањата на сите останати кои сонуваат за правда.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи